1. Министерот за внатрешни работи Павле Трајанов треба да излезе и јавно да се извини за апсењата. “Извинете, вие крадевте, а јас сум виновен!”
Велат дека кај луѓето завладеале страв и трепет. Сиромашките! Изненадени се. Правеа што сакаа, а никој ништо не им правеше.
Со години сите зборуваме дека многу се краде, дека не се плаќаат даноци, дека има организиран стопански криминал и сега кога почнаа да фрчат кривични пријави и притвори, ќе ги жалиме тие што нé краделе со години. Македонска работа. Уште да собираме доброволен прилог, да им носиме цигари в затвор. Немаат пари.
Апсењата биле мотивирани од политички реваншизам. Како? Па нели самиот Бранко Црвенковски како премиер имаше еден историски говор во Собранието, кога призна дека има октопод и најави борба против него, па макар бил и од “свети СДСМ”. Што е за право, сите му аплаудиравме. Арно ама, Бранко не успеа да ги уапси светците. Да направеше барем четири – пет вакви спектакуларни апсења, можеби немаше и да ги изгуби изборите. Оти, на бранот на промените одеа и ветувањата за расчистување со организираниот криминал. А со апели, криминалците не се оправаат.
Бранко му кажа на Љубчо дека има октопод, па овој реши да го лови. Само да не заборави дека пред реконструкцијата ги опомена министрите во неговата влада да решат дали ќе министруваат или ќе си го тераат приватниот бизнис. Оти, додека Павле ги чисти пипалата на Бранко, некои Љубчови октоподчиња намерачиле да ја купат цела Македонија. Па после пак народот ќе се пали на промени. И некој друг Павле на Бранко ќе мора повторно да се извинува кога ќе апси.
Има два начина да се спасиме од “теророт” на полицијата. Најдемократски е криминалците сами да си се пријавуваат за апсење. Така нема да се плашат и мирно ќе спијат. Вториот начин е да се воведе институцијата “партиски имунитет”. Овие “нашиве” не ги апсиме, зашто се наши. Другите не ги апсиме, за да не нé обвинат за политички реваншизам. Нека му ја мислат оние што не се членови на партија. Тие не смеат да крадат.
2. Мотото на Македонија е: “Нема ден без скандал!” Колку сме, толку сме, ама токму сме за скандали. Мали, ама продуктивни.
Во оваа држава ни архиепископ не може да умре, без да избие скандал. Во Македонија, земја на цркви, средновековно богатство, фрескосликарство, најстари икони, копаници и на величествени олтари, поглаварот на црквата за која бараме и меѓународно признавање ќе почива во карабина, покрај немалтерисаните тули, скелињата и чакалот.
Изборната трка за претседател на државата сé уште официјално не почнала. Трката за нов поглавар на МПЦ започна на градилиштето во село Радишани. И земниот и духовниот водач ќе треба да се изберат за четири месеци. Премногу за консумирање. Не знае човек кои избори ќе бидат поинтересни.
3. Случајот “Охридско лето” е решен прагматично. Кој сака да биде покровител, ќе треба да плати. Износот ќе го утврди дополнително Управниот одбор на фестивалот. Чек на рака, Мара за рака.
Со изборот на св. Климент за покровител на “Охридско лето”, решени се сите евентуални проблеми околу финансирањето. Ако не се појави ни еден покровител што може со чекот да му конкурира на светецот – нема гајле. Еден е Господ. Господ ќе плати.
И оанака во областа на културата во државата, работите се менуваат. Министерот Димитров прави културна револуција. Со шупелка.
4. Претседателот Глигоров пак ја спасува Југославија. Клинтон зборуваше за Македонија, Глигоров зборуваше за интегритетот на Југославија. Реџеп Мејдани зборуваше за значењето на Македонија за мирот во регионот, а Глигоров за демократизирање на Југославија.
Кариерата како претседател на Македонија, Киро Глигоров ја започна со спасување на Југославија. Кругот се затвора, па и сега, на крајот од кариерата, македонскиот претседател ја спасува Југославија. Со оглед на тоа што сé се случуваше со Југославија во меѓувреме, нека продолжи и понатаму да ја спасува.
5. Какви се тие недоветни асоцијации со премиерот на Папуа Нова Гвинеја кој си дал оставка, откако го признал Тајван? Па Македонија не е Папуа Нова Гвинеја.