1. Баучот на НАТО кружи над Куманово. Колку ли голи раце, покрај двете на Драгиша Милетиќ и оние на македонско-југословенските комунисти, ќе бидат потребни НАТО да се протера од Македонија. Ако треба, тие и со раце ќе го задават. Затоа што НАТО е против Југославија. А и митингашите на собирот во Куманово, според Милетиќ, се Југословени. Освен тоа, нели цело време нé учеа дека НАТО е најголемиот непријател на Југославија и на нејзиниот оригинален комунизам.
Ако веќе и онака немаме одбележана граница, работата е ептен “вржана”. Убаво се виде: македонското и српското знаме врзани во јазол.
Да беше паметен Руфи Османи никогаш немаше да заглави в затвор, ако му текнеше албанското знаме да го врзе во чвор со македонското. Со таков штос, ќе демонстрираше ем сожителство ем нужна почит кон државата во која живее. А не таму уште организираше некакви момчиња што шетаа со црни баретки и со двоглави орли. Тоа е апсолутно непријателска провокација кога ќе се спореди со пријателските шајкачи и кокарди што сакаат да нé спасат од НАТО-империјалистите.
Куманово ја продолжува славната револуционерна традиција. Уште во 1941 година кумановската партиска организација му направи пуч на Шарло против Бугарите и се приклони на КПЈ. Еден друг Драгиша, во 1990 година организираше кумановска антибирократска револуција за поддршка на Милошевиќ и против осамостојувањето на Македонија.
Револуцијата тече. Капитализмот уште не е мртов. А и Југославија ни е во срцето.
2. За жал, и оваа ненародна власт што народот ја избра пред неколку месеци уште не паднала. Што ли ќе смисли неделава претседателот Глигоров? Ќе мора некако да нé спаси од непријателите, бандитите, мафијашите и илегалците што шетаат по некои далечни острови и ги признаваат како независни држави. Нема белки да се повлече од битката сега, кога станува најинтересно.
Како врховен командант воопшто не требаше да зборува пред Собранието. Не треба да губи време да се расправа со непријатели. Нема тука муабет. Веднаш треба да се викне генералот Трајче Крстевски, да се дигне војската, да се испоапси цела Влада и да се признае Кина. Бугарските тенкови веднаш да се испратат на кинеската армија, заедно сосе сите охридски кајчиња за да се нападне Тајван, и да не му текне никому во иднина да оди таму по пари. Ако министерот Борис Стојменов одбива од Буџетот да ги финансира генералите на Глигоров, се појавува лично Трајче Крстевски и со пиштол на слепоочница го присилува да ги изброи сите пари сосе провизијата на Циле за школите и болниците.
И така наскоро ќе станеме страв и трепет на Балканот. Ако не го искористиме оружјето за пресметка со внатрешниот непријател, ќе треба да се тепаме со соседите. Еве, сега и Германците, за да не останат покусо од Бугарите, ни ветија уште поголема помош во оклопни транспортери и џипови.
Не е убаво да се вооружуваме со американско оружје, кога тоа не е во склад со нашите слободарски традиции. А со Германците и со Бугарите си имаме заедничка историја. Покрај бугарските тенкови и германските транспортери, а пушки за балистите си имаме набавено од порано, ни останува уште да најдеме кој ќе замине во партизани. Може да се случи, ако фронтовската битка на претседателот со Владата не успее, Глигоров да премине на герилска војна. Ама, не е сигурен и во доброто однесување на неговите. Ај ќе ги организира, ќе направат чети, ќе се организираат во тројки и ќе заминат в шума, ама не се сериозни. Штом ќе почувствуваат дека не им треба, ќе го напуштат. Замислете си на што би личело ако СДСМ го остави командантот сам в шума, како што му избегаа партиските другари и од Собранието.
3. Киро навистина остана сам. Пратениците на СДСМ му отидоа, УНПРЕДЕП го напушти, си замина и Сју Јуехе, советничката за култура се враќа во театарот, амбасадорката во САД Ачевска му поднесе оставка… Еве, дури и верната госпоѓа мадам Олбрајт веќе не му се јавува по телефон. Да се чуеше со него, сигурно немаше да му испрати писмо на Љубчо.
4. Ова со оружјето може да биде сериозен проблем. За нафта некако ќе се снајдеме, Циле ќе ни изгради рафинерија, ама каде ќе најдеме толку луѓе да ги возат сите тие тенкови и транспортери. И аман Љубчо веќе нека не бара тенкови. Нека оди до Грција и од нив нека побара авиони. И без тоа секогаш се возат над Македонија и веќе ни ја познаваат конфигурацијата на теренот.
Навидум 150 тенкови се многу, ама наскоро и тие може да ни се најдат. Додуша, Бугарите ни ги испорачаа без муниција, ама за шетање по улици и такви се добри. Нели Циле се подготвува да ни стане претседател. Љубчо веќе се вклучи во кампањата за негова поддршка. Му ги знае потребите. За почеток му најде тенкови.
5. Премиерот неколку пати ни повторува дека меѓуетничките односи се релаксирани. И навистина е така. Албанците и Македонците не се тепаат по улици. Сега се тепаат по автобуси. Онака, чисто од релаксација, да не им биде здодевно возењето.
6. Министерот Павле Трајанов деновиве е виден во супермаркетот “Веро”. Откако е дојден на власт, цело време го бара октоподот на Бранко. Некој му рекол дека во фрижидерите на “Веро” сигурно ќе го најде.