1 Ги слушам изјавите на разни директори на инспекции, на претставници на државни органи и се смеам. Три години не можеле да влезат во некои фирми. Од 2009 година имало барање за инспекции, ама управителите не биле достапни. Па адвокатката, или управителката, веќе не се сеќавам ај чекале од фризер пет часа… Ај нека се скријат, нека не даваат веќе изјави. Кога веќе решиле дека дошло времето за инспекции и на Перо Наков нека замолчат за да не се брукаат.Оти ја брукаат државата.
Јака е државата што се исплашила од пасивен отпор на некои службеници во приватни фирми од по два-тројца пријавени. Кикирики печеле во телевизија, а тие не смееле да влезат барем една испратница или фактура да проверат.
Го слушав и поранешниот премиер Бучковски кој рече дека во фирмите што се сместени на истата адреса како и А1 Телевизија немало контрола оти “меѓу Груевски и Рамковски имало брак од интерес”. За разлика од нивниот што бил од љубов, разбирање и меѓусебна толеранција.
Не се чудам што Велија работел наводно нелегално. Се чудам што Владата сега се правда дека не можеле да влезат да го контролираат. Оти, кога се ќе се смири, на крајот на денот овој случај повеќе ќе зборува за државата отколку за Велија. Такви како Велија има многу. Само што тие немаат медиум. И сите теба да платат данок.
Ако некој работи нелегално со години, а државата ништо не презема, виновна е државата.
Влогот на Груевски во оваа игра е многу голем. Може тој да си го кани Велија на мекици колку што сака и да го испраќа кумот Зоран Ставрески кај Ленче како портпарол на Фармер. Тоа е негова приватна работа. Ама ако овој пат не рачисти, тогаш ова ќе биде само уште една тепачка меѓу две банди кои божем се тепаат, а меѓусебно си го чуваат грбот. Од улицата Перо Наков овој пат нема враќање. Се вратат ли без резултати, какви и да се, паѓа прво Горан Трајковски, па Зоран Ставрески, па Гордана Јанкуловска и на крај – се знае кој.
Се фалеа со некои пари во кујна во стан во Чаир и сега чекаме резултати. Или ќе објават што откриле, или навистина сакале да ја замолчат А1 Телевизија. Ако не видиме конкретни бројки и евентуални пријави ако се докаже криминал, тогаш навистина СДСМ и новинарите од А1 биле во право дека оваа власт имала намера да ја задуши слободата на говорот. Е тогаш веќе ни нема спас. Нема да се види ни слободно новинарство, ама ни бизнис, ни клима за странски инвестиции… Ни држава.
2 Не сум сигурен дека сега и на Бранко Црвенковски му е полесно. Па дури и да падне ВМРО-ДПМНЕ на случајот “Перо Наков бб” дека СДСМ спокојно ќе оди на избори. Не знам како ќе ме убедуваат дека тие се подобри од Груевски и неговите кога сите овие денови не видовме што бранат. Дали евентуално направениот криминал или слободата на говорот попречена од многубројното присуство на полицијата?
И да падне Груевски на случајот “Перо Наков”, и по некоја игра на случајот Бранко да дојде на власт што мисли тој? Дека нема да мора да го решава овој случај? Исто како што не мора да го решава и името.
3 И новинарите од А1 ни се налутија оти не сме се солидаризирале со нив. Па дури почнаа да ни лепат и етикети. Иако, одговорно тврдам дека во неколку моменти дури и многу ги штедевме. Оти, истиот леб го јадеме. Замислете да се солидаризиравме. Па после и нам ќе требаа да ни наоѓаат оправдување дека сме реагирале многу емотивно. И сме претерале. Како што забележал дури и газдата Велија.
Како што се одмотува клопчето од целиот настан само Велија ќе остане најмалку виновен. Сите други згрешиле. Управителите затоа што давале пасивен отпор, инспекциите затоа што не можеле да го совладаат отпорот, фризерката што ја задржала адвокатката, новинарите што претерале, главните уредници што истиот ден биле на ручек кај Бранко, основачите на некои мали фирми…
Велија е виновен само затоа што бил во афект. И затоа што афектот му траел.
Најдобрата работа е тоа што главниот уредник на А1 Младен Чадиковски по четири дена ја расчисти дилемата. И тие се борат да функционира правната држава. Знаат дека “тоа не е можно без редовни инспекции и контроли”. Па ги охрабруваат државните органи да утврдат неправилности секаде каде што ги има “а зошто да не и во фирмите на Велија”. Е зошто де, зошто?
Браво. Значи исто мислиме. На иста страна сме. Истата битка ја биеме. Инаку кој ќе го лови Горан Трајковски со цигара во канцеларија? Кој ќе праша дали и тој ќе ја плати казната?
Дури би отишол и уште подалеку за да разграничиме дека се бориме за иста цел – слобода на говорот и функционирање на правна држава. Но пред се и за одговорно новинарство. Кога ќе влегуваат инспекциите кај нас, ама и во Сител и во Канал 5 да не праќаат толку многу полицајци. Нема да има потреба оти овој пат ќе знаеме зошто доаѓаат. За да не претераме.
4 Пратеникот Влатко Ѓорчев бил во Брисел. Ама не сфатил каде е па зборувал како да држи говор на запалени ВМРО-вци во Пехчево. За комуњарите и за советските амбасадори.
Всушност Влатко Ѓорчев и во Брисел и во Скопје зборува за да му се допадне на премиерот. Да може Никола кога ќе се врати дома да му напише петче на рачето
Ако сакаш да го критикуваш евробирократот треба да му се обратиш на неговиот јазик. За да може да те разбере. Лош, ама љубезен. Не верувам дека не ја сфатиле пораката. Меѓутоа со Влатко Ѓорчев како курир само добија шанса да ја нападнат Владата затоа што им кажала в лице што мисли за нив.
Тоа е македонска дипломатија. Кој спие со деца сабајле може и помочан да се разбуди.
5 На премиерот Груевски кога ќе му се спомене Бранко толку му се пореметува мислата, па некогаш и самиот не се слуша што зборува. Рече дека СДСМ е наследник на Комунистичката партија “која знаеме на кој начин дојде на власт”.
Комунистичката партија во Македонија дојде на власт во НОБ. Во борбата против фашизмот.
5 Дека се умира во болниците знаевме.Од лекарски грешки до интерклинички бактерии. Не сакам да гледам црно, ама со оглед на тоа колку покриви се реновирани последниве години изгледа ќе се умира и пред болница со секој малку посилен ветер.
Откако за само дава дена паднаа крововите на болниците во Гостивар и Тетово, а една девојка дури и загина стана јасно дека барем темелите на здравствениот систем се стабилни. Нешто не е во ред на врвот.