ПАТРИОТСКА КАЗНА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:56:"Домасмејаки,надворсмемлаки

    1 Владата реши да го одложи за две години применувањето на системот ХАСАП во индустријата и трговијата со храна и во угостителството.
    Образложението е дека повеќето производители и угостителски објекти не биле подготвени за строгите норми за безбедност на храната.
    Супер. А што правиме со тие што навреме се подготвиле да го применуваат ХАСАП. Имаа две години, го почитуваа рокот, платиле колку што треба за да го почитуваат Законот. И сега? Државата ги зафркна. Ги казни нив што го почитуваат Законот, а на тие што не се средиле навреме им даде помилување. И дополнителни две години да заработуваат без ХАСАП.
    И после ми раскажуваат за еднакви можности и конкуренција. Па се чудат зошто нема странски инвестиции. Како да има, кога државата не само што не ја казнува нелојалната конкуренција туку ја поттикнува.
    Така е со ХАСАПот, така беше и со патриотските фискални сметки, така беше и со работното време на кафулињата и на ноќните барови… За едни важи, за други не важи. Денес важи, утре не важи. И после ни дома сериозно не те сфаќаат, а камоли во странство.
    Не ми е јасно како државата очекува граѓанска свест и почитување на законот, ако упорно ги казнува тие што се патриоти и ги почитуваат законите, а на тие што не го почитуваат им дава преодни рокови.
    Па после ќе ми раскажуваат за патриотизам и за губење на идентитет и за предавство.
    Почитувањето на законот е многу поголем патриотизам од удирањето во гради и мантрањето “идентитетот не го даваме”. Како да е идентитетот кола што си ја паркирал на паркинг во Бугарија, па ти ја украле. Што воопшто правиме муабет за држава ако Владата не ги почитува законите кои сама си ги донела.

    2 Дора Бакојани пак нѐ искара што немаме разбирање за нивниот проблем. Тие сакаат да го смениме името, а ние не ги сфаќаме колку им е тешко што не сакаме да си го смениме.
    Таа обично зборува за добрососедски односи. Во тоа, веројатно, спаѓа и парадниот марш на грчките специјалци во Солун и скандирањето “Македонија е грчка” и “Не го даваме името на скопјаните”.
    Да се случеше тоа кај нас, досега ќе имавме ембарго од Грција, блокада од ЕУ, а и Советот за безбедност на ОН можеби ќе подготвеше нова резолуција.
    Грција направи дипломатски скандал од една реклама за уметничка изложба, а нам ни е под честа да протестираме за закани што доаѓаат од нивната војска.
    Нашава дипломатија решила да се откаже од дипломатските средства и не вложи протестна нота до Грција. Зошто? Затоа што не можеле да ги слушаат коментарите на грчката амбасадорка во Македонија!? Ќе ги прателе снимките насекаде низ светот. И во светот немаат друга работа туку ќе гледаат видео.
    Бог да чува. Имаш стап да маваш, ама ти си решил да го чуваш за да можеш да плукаш. Тоа ти е: Дома сме јаки, ама надвор сме млаки.

    3 Европската комисија повторно не даде датум за почеток на преговори. Главната забелешка беа лошо организираните избори.
    Во НАТО не влеговме поради тоа што не сакаме да си го смениме името.
    Политичарите од албанските политички партии рекоа дека не сакаат да бидат заложници на проблемот на идентитетот на Македонците и оти сакаат да си влезат во НАТО. Демек Албанците се колатерална штета на проблемот со името.
    Арно ама, сега Албанците им вратија на Македонците. Сега Македонците се колатерална штета на албанските обичаи да пукаат на избори.
    А ЕУ бирократите заборавија дека тие ги вооружија Албанците, ги правдаа дека пукотниците доаѓаат од свадбени веселби, а кога се пука на избори, за тоа е виновна државата.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира