ПАТУВАЧКИ ЦИРКУС

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:82:"ВоАтлантасознаме,воСиднејможебиисоиме

    1. Патувачкиот циркус на следбениците на животот и делото на Фадил Сулеј­мани продолжува. Самиот Сулејмани како главна личност е в затвор. Ама сеедно, останува добра тема за  приказна. Вчера пред Американската амбасада во Скопје викаа: “САД, помогнете!” На  транспарентите до името на Фадил беше испишано името на Мандела. Фадил стана херој на улицата. Но уште пострашно е што тие што го извикуваат неговото име не се начисто кого избрале да им биде херој. Веројатно веруваат во тоа што го прават. Во спротивно, каква сила би можела да те натера среде лето да шеташ по жешкиот скопски асфалт и да се препотуваш, викајќи и носејќи транспаренти и знамиња.
    Пред некој ден, откако го испратија Фадил в затвор со сите почести и го прошетаа низ тетовските улици како да оди во војска, не можеа да се одвојат од него и сите нагрнаа да влезат в затвор. Е кај го има тоа? Ако влезеа сите, ќе останеше “универзитетот” без студенти. Вака останаа следбениците на Фадил надвор, да го слават неговото дело и да ја продолжат неговата историска мисија. Да влезеа со него во затворот, ќе мораше да организираат часови по ќелиите. Тоа веќе не може. Камо позитивна дискриминација како при уписот на легалните факултети? Камо соодветна процентуална застапеност според националната припадност? Башка го налутија Мендух Тачи кој се загрижи кого ќе води на митинзите ако сите демонстранти ќе се најдат в затвор. Ќе мораше и тој да им се придружи. А не е сигурен дали таму ќе му дадат привилегиран третман како на Фадил Сулејмани. На пример, да влезе, па по пет минути да му дозволат пак да излезе.

    2. Во дефилето на отворањето на Олимпијатата во Атланта македонските претставници се појавија под буквата “Ф”. Возбудениот телевизиски коментатор со радост забележа дека ова е прва олимпијада на која Македонија се појавува со свое знаме. Пред четири години во Барцелона настапувавме под олимпиското знаме. Кој знае, можеби по четири години во Сиднеј ќе се појавиме и со своето име.
    Во деновите кога се одржуваат олимписките игри не се води политика. Може­би токму затоа на ум ми паднаа некои интересни податоци за нашите спортски сојузи. Легендарниот Ѕинго е во фудбалот. Покрај него и други пратеници се претседатели на спортски сојузи. Ванчо Чифлиганец е со борачите. Зоре Темел­ковски со кошарката. Иван Бојков со ракометот. Во спортските сојузи се и некои министри. Јорго Шундовски е по скијањето. Димитар Бузлевски е прет­седател на Шаховскиот сојуз.
    Покрај толку политичари во спортот, не е ни чудо што постигнуваме забележителни резултати.

    3. Претставникот на Руската Федерација во Македонија, Јуриј Трушин, сé почесто се жали на некакво антируско расположение што се создава во нашата држава. Прво им делеше лекции на “русофобичните” новинари, па потоа почна турнеја по опозиционите партии за да бара согласност за своите тези. Потоа руската амбасада со соопштенија ѝ се обраќаше на македонската јавност дека опозиционите партии се согласуваат со мислењето на господинот Трушин. Благодарение на својот  агилен  претставник во Македонија, Русија дочека да биде бранета дури и од една мала партија каква што е Демократска партија на Македонија на пратеникот од Тетово Томислав Стојановски.
    Среде битка за вистината на господинот Трушин во Скопје допатува првиот човек на рускиот “ГАС-ПРОМ” и понуди неговата фирма да влезе во македонското претпријатие за дистрибуција на гас “ГА-МА” со 40 од сто од капиталот.
    Велат дека првиот човек на претпријатието за гас е еден од најбогатите луѓе во Русија. Страшна работа. Веројатно затоа рускиот богаташ беше примен и од претседателот на државата Киро Глигоров. Тој знае што е тоа што може да биде страшно.

    4. Среде лето им текнало на некои странци да доаѓаат во Македонија да сни­маат сцени за филмот на режисерот Стивен Спилберг. И тоа избраа каде да се сместат. Во Охрид! На охриѓани уште тие им требаат! Да им го нарушуваат мирот и спокојството во екот на туристичката сезона.
    Приказната за филмот не би била комплетна, ако и во неа, како впрочем, и во други работи, не се вмеша политика. Портпаролот на екипата Сашо Орданоски им се заблагодари на министерствата за надворешни работи, за внатрешни работи и за одбрана, за поддршката што му ја дале на проектот, а на министерот за култура му порача, ако веќе не сака да помогне, барем да не одмогнува. Потоа се јави Министерството за култура со објаснение дека сé што било побарано од нив е добиено.
    Филмот е само тема. А секоја тема е добра за политичка пресметка. Во сооп­штенијата што ги добиваме од седниците на Владата не пишува за ситните “недоразбирања” меѓу министрите. Тоа не ни го кажува ни  портпаролот Орда­носки. Единствено знаеме дека филмот носи наслов што може да претпостави некаква симболика во ситуацијата. Се вика “Миротворец”.

    5. Демохристијанската партија на Македонија од неодамна е прекрстена во Социјалистичка христијанска партија! Само со такво име можеше да се појави на трибината на левите партии и движења во Србија што ја организира Мира Мар­ковиќ, сопруга на Слободан Милошевиќ. Останува нејасно како е направена спојката: социјалистичка-христијанска. Што нé учеа за  религијата во социјализ­мот? Каде ли се изгуби опиумот за народот? Изгледа се претвори во – “екстази”.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира