ПЕНОВИ КОЛЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:87:"Правнадржавалиеова,илисекојденечетврток?

    1. Аман Стевче затвори уста. Имавме еден Љубе Бошковски. Не мора сега ти да му ја глумиш замената. Ова е типично за Љубе – ќе направи глупост, па после со глупости ќе се правда.
    Министерот за економија Стевче Јакимовски вели дека ако умрел минатиот четврток, не ќе знаел дека Македонија е правна држава. Скраја да е, и денеска да умре, Македонија ќе биде правна држава колку што ја направија таквите министри како Стевче. За среќа, жив и здрав е, и згора на тоа и министер во владата.
    Како министер, Стевче ги отвори продавниците што пред тоа ги казни оти не почитувале закон. Емотивен човек, мислел и на нивните семејства. Требало и тие да се радуваат, без разлика што не плаќале данок.
    А да почнеше Стевче да мисли малку и на семејствата што плаќаат данок. Оти од нивните пари се финансира кампањата “Плаќајте данок”. Во наплив на емоции Стевче заборави дека ако не плаќаме данок и тој ќе остане без министерската плата.

    2. Хари не е како Стевче за лично да го глуми Љубе Бошковски. Таа улога му ја довери на портпаролот Сашо Чолаковски. Тој го кажа текстот што Хари му го смислил. Немало да го менува Стевче, за да не се разберело погрешно – демек го менува оти не се согласувале за гасоводот.
    Хари не го смени и Буџаку кога го распродаде цело државно земјиште за без пари. Него не го смени за да не помислат луѓето дека нешто чкрипи во коалицијата со ДУИ.
    А што ако луѓето помислат дека министрите на Хари се рекетари. Тоа помал резил ли е?
    Ниту ние сме правна држава, ниту Хари е премиер.

    3. Мостот што се урна кај Росоман требало да се урне и порано оти не бил безбеден. Директорот на Фондот за патишта Асип Усеини рече дека Фондот и “Македонија пат” знаеле дека мостот на Црна Река може лесно да пропадне и баш дента кога паднал го однеле проектот за реконструкција на одобрување на Градежниот факултет.
    Што ќе се случеше ако по мостот во времето на уривањето се движеше некој автобус полн со деца? Ќе одговараше ли некој за трагедијата?
    Нам ни падна авион сосе претседателот на државата во него па никој не одговараше, а не пак да одговара за еден селски мост.
    Туку молчи, државата пак заштедила. Што има да трошат пари да го уриваат, кога знаат дека самиот ќе падне.

    4. Во Росоман паѓаат мостови, а во Скопје ќе се копаат ровови. Пенов нема само проблем како да го заштити плоштадот од опозицијата. Тој има проблем и како да го заштити новиот плоштад од возила кои се движат по него и се паркираат. Затоа даде генијална идеја. Околу плоштадот ќе се копаат дупки. Бидејќи полиција нема секогаш за да казнува, а столпчињата упорно се откорнуваат, немало друго решение туку да се ископаат дупки за колите да не може да поминуваат. Селско било, ама тоа било единственото решение.
    Пенов треба да го патентира изумот за борба против колите на плоштадот. Оти вакво нешто на друг не може да му текне. Само, не мора да биде селско. Нека го направи градско. Наместо дупки, нека ископа ровови. Рововите нека ги маскира со лисја. Долу нека постави колци. Па кога некој возач ќе нагази на лисјето, веднаш да се надене на кол.
    Колците на Пенов можат да бидат повеќенаменски. Ќе свршат работа и ако некој што не е на негова страна сака да прави митинг. На опозицијата што агитираше за успешен референдум и беше забрането да го користи плоштадот, оти митингашите ќе ги изместеле гранитните плочи. Ама, кога Бранко го славеше признавањето од САД, опасност за плочите немаше. Гранитот не попушта под жените на Савка и парите на Сорос.

    5. За прославата на признавањето на уставното име и јавниот градски превоз во Скопје беше бесплатен. Директорот на ЈСП рече дека автобусите не се плаќале оти “некоја невладина организација” му платила на претпријатието за да вози без пари.
    Тоа ЈСП колку што знам уште е државно, цело време се жали дека нема пари, автобусите се застарени, загадуваат, нема резервни делови, стално бара да поскапат билетите… И сега одеднаш “некоја невладина организација” дала пари да се вози бесплатно. Ајде сега Стевче Јакимовски и Никола Поповски да проверат кои се тие што плаќаат, каде е тоа евидентирано, платени ли се сите давачки…
    Правна држава ли е ова, или секој ден е четврток?

    6. Има цели колекции вицови за плавуши. Има вицови за Мујо и Хасо, за малиот \окица, за Трпе и Трпана… Сите примери во овој текст се предлог за нова колекција “Како македонскиот политичар замислува правна држава?”.

    7. Резултатите од референдумот покажаа дека нашите политичари страшно не лажат. Ниту се Македонците националисти, ниту пак Албанците се обесправени.
    Меѓуетнички конфликт во Македонија нема. Немало ни во војната 2001. И тогаш, и сега и цело време конфликтот им треба на неспособните и корумпирани политичари за да дојдат и за да се задржат на власт.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира