1 За еден месец прескокнав две колумни, затоа што требаше да излезат за време на изборниот молк. Утре пак има некакво прегласување. Размислував повторно да ја прескокнам колумната. Ама си викам, ова вака може многу долго да трае. Како тргнало со прегласување, не ќе можам платата да си ја извадам.
Среќа, најновиот владин проект ми даде тема за анализа, која ем нема врска со политика, ем е од пошироко општествено и културно значење. Ќе се даваат субвенции за пишување песни што ќе поттикнуваат развој на семејните вредности и многудетно семејство. А како се прават деца, тоа песната не мора да го открие.
Во секој случај, кој пее, зло не мисли. А новите субвенции ќе поттикнат ептен добра мисла. Нашите комшии од бившата југословенска република Србија имаат една мудра изрека. Свирам курцу за ситне паре. А кај нас богами и не се така ситни парите. По три илјади евра од песна, повеќе ќе ти се исплати да напишеш четири песни за стимулирање на раѓање деца отколку да си направиш трето дете. Во секој случај, треба да те бидува. И за едното и за другото.
2 Три дена си потпевнувам стари песни и дури сега почнав да им го сфаќам вистинското значење. Знаете дека народното творештво изобилува со песни за семејни вредности и правење деца? Само што државата тогаш не давала субвенции. Можеби поради тоа и опстанала нацијата.
“Пилето ми пее, рано на сабајле”. Оттаму сe почнува. “Па ми ја буди младата невеста”. Логично. Кој да ја буди? Комшијата?
Или: “Ајде дали знаеш паметиш, Милице, кога се љубевме во чичовото градинче, трендафил цвеќе цутеше, ти на скутот ми седеше, лице ти беше спотнато, ти на гради ми паѓаше”. Милица ептен се покажала, зрела е за субвенции.
За разлика од Милица, Митра може да земе субвенции по дветри основи, дури и од невладиниот сектор: “Петлите пеат, зора се зори, пуштај ме, бела Митро, да ссјодам, тие се петли петли лажовни, приседи, калеш Димчо, до мене, прикрши рамна снага Митрина”. Димчо, глупчо, останал цела ноќ, а Митра уште си барала. Кај брзал? Кај мајка му ли? Значи, Митра, покрај владини субвенции, може да конкурира и за поттикнување конкурентност, а при тоа покажала и висока свест и вештина за менаџирање на кризи.
Преклопување на владините субвенции може да се случи и кај пензионерите. “Го пратиле дедо на бања, жените да го изедат, де, де, лош дедо бре, ете го дедо кај иде, полна му торба со женчиња”.
Калина, на пример, може, покрај во Министерство за култура, да конкурира и кај “Сорос” за проект за еднаквост меѓу половите. Оти ја пратиле на вода, ама “ти на вода одиш, бело лице миеш, по ергени гледаш, мори Калино”. Ај по вода, туку ни на нива не можеле да ја пратат, ни на лозје, оти цело време гледала по ергени. Работа не можела да потера. Само таму $ бил умот.
Затоа, пак, Јана, кога либето ја прашало која вечер да $ дојде, му одговорила: “Когај сакаш, тогај дојди, со мнозина не доваѓај. Одајчето ми е мало, оно збира само двајца”. Јано мори, што ти се плетка во главата? Настрана искуството, Јана на крај излегла прагматична. Решила да не губи време. Оди на тетатет. Зрела е за амбасадорка.
Пример за рационално користење на времето и расположивите ресурси е песната “Сите спијат, а ние сме сами, користи, драги, ти мене”. Можеби стиховите не поттикнуваат семејни вредности оти се швалерски, ама, во секој случај, поттикнуваат остварување.
3 За разлика од овие песни, има примери од народното творештво кои никако не би можеле да се квалификуваат за субвенции. На пример, Маре што се бели и што се црви. “Во кого си, Маре, погледнала, секому си болест дала”.
Или за оној тинкач што саноќ седел и саноќ мислел на Трена. А по пат сите моми ги смислувал. Му пукал пиштолот во празно.
А онаа, “Сношти сакав да ти дојдам”, а женската му вика: “Што не дојде?” И тој, како секој јак македонски фраер, има подготвено оправдување. “Ситна роса зароси, тивко ветре подувна, не можев да дојдам”. Овој, изгледа, му е другар на Димчо. Само што бил попаметен, па слушал временска прогноза. И не ни дочекал петли кај Митра. Сигурно мајка му му рекла: “Кај ќе одиш бе, ќе настинеш” и тој си останал дома.
4 Има една цела низа песни каде што се гледа силната нераскинлива врска на синовите со македонските мајки. Ќе треба да се формира специјална комисија што ќе одлучи до кој степен синот треба да бара дозвола од мајката за да оствари многудетно семејство.
Кога ќе проработи самосвеста кај ергенот, тој веднаш запејува: “Ожени ме, мамо, женет да одам, пуста беќарштина не се трга”. А уште попатетична е “по друм одам, по друм шетам, кога ќе ме жениш, мајче, да ми кажиш”. А најгубитничка е за оној охриѓанецот што од умот се подизгубил за едно лично девојче. “Иди, мајко, проговори, скришем, скришем да $ речиш, син ми, ќерко, те милувал, па се срамел да ти речит”. За разлика од него, кој во доцна фаза на вљубеноста побарал помош од мама, еден друг навреме си кажал: “Учи ме, мајко, карај ме, како да ја земам Лилјана”.
Мајки што одгледале вакви синови не треба да се плашат за неуспешни конкурси.
5 Не бил само народниот творец зрел за субвенции. Многу нови песни од македонски автори се инспирирале од традиционалните вредности. На пример, најтрадиционална е “дојди ми, Лено, на перниче бело, да ме грее твојто тело”.
Има и забавни песни кои мамат со алегорија. Авторот си дозволил лирска слобода, па вели: “Ти моето цвеќе не го примаш веќе”. Овде ќе се дава субвенција за цвеќето да не пресуши. Да се одржува во форма.
И убедливо со највисоки шанси за многудетно семејство е “Остани во мене, душо, векови да минат покрај нас”. Ова е сугестија за синовите од претходните песни да бидат малку порешителни. И, конечно, да покажат дела.