1. Ту што време дојде. Сега веќе ми е жал за Доста. Не оти патам дека веќе не е во Владата, туку џабе Љубчо ја стави во контекст на “лигушите кои слушаат што ќе им каже меѓународната заедница”.
Ете, вчера во интервјуто за ВЕСТ Џорџ Робертсон рече дека Љубчо и Љубе го одржувале зборот за се што ќе му ветеле. Да нема забуна, тоа се оние истите Љубчо и Љубе кои својата патриотска посветеност не ја даваат за никаква закана од надвор. Тоа е истиот оној Љубчо кој велеше дека додека е премиер “лавовите” нема да ги повлече од Жилче и Ратае. Тоа е истиот оној брат Љубе, кој велеше дека ако ги повлече “лавовите”, обичните полицајци ќе бидат движечки мети како глинени гулаби.
И навистина. Љубе и натаму тврди дека не ги повлекол “лавовите”. Тој само ги заменил. Со глинени гулаби.
И премиерот Љубчо не се повлекува од своите ставови. Тој само ги заменува. А уште е премиер.
Ете, побрза дури и писмо пред Борис да напише, па прв тој да му покаже лојалност на Робертсон, со молба НАТО уште да ни остане. Тоа драги мои не се вика лигавење. Тоа се вика кооперативност.
Во право е Џорџ Робертсон кога вели дека тие двајцата се што ветиле, се и исполниле. Нам ни ветуваат, а нему му ги исполнуваат желбите.
2. Се се измешало во оваа држава. Борис како врховен командант бара кредити во странство. Љубчо како премиер бара странска војска. А Чашуле како министер за надворешни работи повлекува амбасадори.
Што му се мешаат на Борис во се? Убаво човекот на Си-Ен-Ен си се пофали: “Јас сум навистина ценет, корисен и потребен!” Новинарката остана замајана од величината на македонскиот претседател. Работава е ладен, згоден неопходен.
Интервјуто беше посебна приказна. Таа го прашува за човекови права, Борис и одговара за мониторите на ОБСЕ. Таа го прекинува со друго прашање, Борис веднаш запира – му олеснува. Добро е ова, го поминав. Жената се чудеше, не знаеше што да прави. Само и беше јасно дека мора под итно да ни го врати во Македонија. Штом е толку потребен и корисен, нека не седи џабе во Америка. Пари за стечајците ионака не му дадоа.
3. За разлика од претседателот кој е ценет, неговиот амбасадор во Швајцарија не е ценет. Швајцарците ти се едни незгодни педантерии. Му се мешаат во пиењето на Алјадин Демири. Тие се толку лоши, што ако нема закон дека амбасдор може и да пие, и вода не би му дале.
Јас му верувам на Демири дека ова му го спакувале странските известителни служби. Го наместиле. Му давеле да пие. Ама, бидејќи, како што рече тој биле измешани неколку странски служби, му ја измешале и пијачката. Грците му наместиле узо, Србите му дале сливовица, а Бугарите френско виски. Така, злоупотребениот Алајдин удрил во паркинг и “изгребал кола на непознат сторител”.
Што ти е глупав швајцарски непознат сторител. Се паркира ли во близина на македонскиот амбасадор во Швајцарија? Што му стори, го запусти човекот.
Мендух Тачи одвај дочекал неговиот сопратиец да ги покаже своите пијачки способности и пред швајцарските власти. Така, ќе го елиминирал можниот наследник на Џафери.
Во тоа му помага швајцарската влада, која ќе го протера амбасадорот поради измерените малигани алкохол во крвта. Така што Демири не е “персона нон грата” за Швајцарија. Тој е “персона малигата”.
Пијанството на Демири е дополнителен аргумент за Тачи, да му испрати порака на Љубчо дека тој му останува непорочен партнер. Така, Љубчо никогаш нема да се откаже од него. А од Демири може веднаш. Зашто, од пијаниот и будалиот бега.
4. Бранко се занесува дека лесно ќе ги добие изборите. Ај што уште не сме виделе што ќе понуди, туку мисли дека Џафери туку-така ќе го остави Љубчо сам. Тие за време на најголемата војна, на крв до колена и врз мртвите тела и запалените куќи најдоа време да си прават пазар – ти шеќер, јас брашно, ти нафта, јас цигари, па сега, откако ќе се смират, како што им вели рамковниот договор, Џафери ќе се скарал со Љубчо!? Како да не!? Нека спие Бранко на тоа уво. Ќе се разбуди кога ќе види дека ќе има повеќе пратеници од Љубчо, ама недоволно за да формира влада.
Тоа што изборите ќе бидат на 8 септември е уште една оригинална идеја како и сите оригинали во државава. Изборот на 8 септември е направен за да имаме вистинска жешка кампања. А и нема да ни биде здодевно по плажите. Годинава ќе имаме кампањски плажи и неповторлива можност да ги гледаме кандидатите во гаќи за капење. Така разгаќени ќе ни ветуваат светла иднина. Ќе ни фрлаат песок во очи.