1. Кога човек од центарот на светот, во кој нели, се наоѓа Македонија, ќе пристигне на претпоследната станица до крајот на светот, некои работи му изгледаат извртено.
Австралијанците се занимаваат со прашањето дали да ѝ го свртат грбот на монархијата и да прогласат република. Деновиве се одржува уставна конвенција, која веќе не се заморува со тоа дали англиската кралица наскоро ќе биде заменета со претседател, туку на кој начин Австралијанците ќе го избираат идниот шеф на државата. Велат дека многу силното движење за Република може да се расцепи токму по прашањето дали претседателот да го избира парламентот, или народот на непосредни избори.
Најсилниот адут на приврзаниците за што поскоро прогласување Република Австралија се Олимписките игри што треба да се одржат во Сиднеј во 2000 година. Игрите по правило ги отвора шефот на државата. Значи, нив ќе треба да ги отвори англиската кралица. Републиканците се згрозуваат од помислата Олимпијадата во Сиднеј да им ја прогласи за отворена шеф на туѓа држава. За да не се случи тоа треба да се побрза со избор на претседател на државата. Инаку, остана Олимпијадата неотворена.
Што ли би правел идниот претседател на Австралија откако ќе си ја заврши одговорната државничка работа со изговарање на реченицата “Ги прогласувам Олимписките игри за отворени”?, ќе чека нова Олимпијада!? Да е претседател на Македонија би можел да организира разни самити со политичките партии. Ама во Австралија тоа би било грозно здодевна работа. Не само затоа што веројатно на самитот би дошле сите партии, па не би можело да се прави подраматична приказна, туку, едноставно, затоа што тука партиските лидери не би имале за што да расправаат. Историските самити кај претседателот Киро Глигоров се занимаваат со односот на Македонија и соседите. Можете ли да се замислите колку би му било здодевно на австралискиот претседател. Какви грижи би можеле да го мачат шеф на држава што нема соседи?
2. Во Австралија сé е наопаку, што би рекле тукашните битолчани – “прудолугла”. Логично, бидејќи континентот е од долната страна на планетата, луѓето се со главите удолу. Во зима е топло, а на лето студи. Сонцето на пладне, наместо од јужната страна, грее од север. На југ е постудено, а на север потопло. Јужниот ветер носи студ, а северниот горештини. Дури и реката што тече низ центарот на Мелбурн поради близината на океанот и плимата и осеката се премислува – половина ден тече во еден правец, а половина ден наопаку.
Во такви услови вистински восхит заслужуваат Македонците. На нив не влијаат овие изопачености. Тие стојат исправено. Исти се какви што си биле кога си дошле од Македонија. Македонецот си останува Македонец, колку некој да сака да го сврти наопаку. Тие си се караат каде и да се. Да ги има и само двајца, веднаш ќе направат две културно уметнички друштва. Така ќе може секој од нив да биде претседател. И потоа двајцата претседатели ќе зборуваат дека нивните друштва треба да се смират и да се обединат и ќе се обвинуваат меѓусебно дека тој што не мисли како него не е за обединување.
Медиумите во Македонија се испотресоа што во Австралија имало две Македонски православни цркви. Што се две цркви за над 70 илјади Македонци? Кога на само двајца Македонци им требаат две културно-уметнички друштва, можете да си замислите колку друштва им треба на тие 70 илјади!? Во Австралија премногу се живее индивидуалистички, а ние сме друштвен народ. Можеби токму затоа има едно чудо македонски друштва. Меѓу македонските друштва има посебни битолски друштва, посебни прилепски друштва… Па има егејски друштва, беломорски друштва, скопски друштва, скопско-селски друштва… И тие постојано се обидуваат да се обединат.
3. Се сеќавате ли на сообраќајките на премиерот Бранко Црвенковски и потпретседателот на Владата Димитар Бузлевски? Мене ми текна на нив, кога во Мелбурн ја слушнав приказната за еден сообраќаен прекршок на премиерот на државата Викторија, по кој полицаецот што му направил записник и му наплатил казна останал без работа.
Македонија во однос на Австралија, кога е во прашање заштитата на правата на полицајците што прават записници за сообраќајните прекршоци на функционерите, убеден сум е многу подемократска земја.
Премиерот на Викторија Џеф Кенет, бил фатен на радар од сообраќајната полиција кога го возел сопствениот “мерцедес” со брзина од 146 километри на час. Сиромашкиот полицаец што налетал на забрзаниот премиер му наплатил парична казна и потоа бил суспендиран. Според прописите, за таков прекршок, на возачот требало да му се одземе возачката дозвола. Полицаецот останал без работа, не затоа што се осмелил да го казни премиерот, туку затоа што не постапувал според законот и не го казнил со казната што ја заслужил.
4. Има уште една интересна приказна за сообраќаен прекршок, поврзана со поранешниот федерален премиер Боб Хоук. Излегувајќи од некаков важен настан, пред голем број новинари и фоторепортери кои го чекале пред зградата, премиерот влегол во службениот автомобил, седнал напред на местото на совозачот и заборавил да се врзе со сигурносниот ремен. Изопачените австралиски новинари направиле вистински скандал, објавувајќи ги фотографиите на премиерот, кој не само што седи таму каде што не му е местото, туку прави прекршок за кој што обичниот граѓанин би платил казна од 165 долари. Не можејќи да го издржи притисокот на јавноста зашто давал лош пример, премиерот морал јавно да ѝ се извини на нацијата.
Нашите политичари вакво нешто не би можеле ни да замислат. Не дека се определени за неврзување. Туку, колку што има закони, што и самите не ги почитуваат, не ќе можат ништо друго да работат, туку цело време ќе мора да се извинуваат.