1. “Ве молиме носете си го ѓубрето дома!”, стои запишано на една табла покрај плажата во Портси, на 70-тина километри од Мелбурн. Каде се чуло и видело ѓубрето да се носи дома? Па ѓубрето е за да не се чува в куќи. Како моите соседи во Скопје си ги фрлаат ќесите од балкон. Или, кога се оди на пикник, кој е луд да си ги собере остатоците од храната и шишињата во кола и да си ги носи дома? Ќе си ги оставиме природно да се рециклираат. Арно ама, за непочитување на тоа што е напишано на таблата на плажата на океанот се плаќа казна од 4 илјади долари. Тоа е повеќе од едномесечна заработувачка на припадник на таканаречената средна класа во Австралија. Па ти повели и следниот пат остави го ѓубрето на плажа. Државата ќе најде пари да го исчисти. Од казните на тие што се како тебе. Мислите ли дека Австралијанците се нешто многу посовесни од нас? Не верувам. Само што тука совеста се купува. На пример, оној што ќе продаде алкохол, или едноставно ќе го понуди со пијачка некому што е веќе пијан, ќе “заработи” казна од 5 илјади долари. Така стои запишано во секоја кафеана. Или, ако продавачот во трафика за весници продаде цигари на малолетник, ќе остане покус за 3 илјади долари и ќе ја изгуби дозволата за продавање цигари. Ако на пристаништето пишува дека пливањето е забрането и дека за тоа се наплаќа казна од 3 илјади долари, тоа си има свое објаснување. Веројатно државата пресметала дека толку ќе ја чини ако ти испрати спасител ако се давиш. За казните во сообраќајот и да не зборуваме. Австралиската полиција казнува и за зборување на мобилен телефон додека се вози, за фрлање цигара низ прозорец, па дури и за шизичко вадење на раката низ прозорецот. Дали Македонија може некогаш да стане така чиста и средена како Австралија? Со оглед на историските околности, не е за верување. Зашто, Австралија е формирана од затворениците на Обединетото Кралство пред 200 години. Нормално е дека тие се научени да живеат со казни. А Македонија има неколкувековна слободарска традиција. Казните се нешто спротивно на нашиот слободарски дух. И после тие ќе ни викаат дека имале демократија, а ние сме немале. Каква е таа демократија што го гуши основното човеково право да не со ослободиш од ѓубрето кога сакаш?
Сепак, можеби има надеж. Ако во Австралија казните ги измислиле бившите криминалци, тогаш и ние би можеле за едно 200 години да станеме богати како нив. Барем за криминалци не треба да се жалиме. Ги имаме доволно за да ни смислат солиден систем. Само што пред тоа ќе треба да одат в затвор. Таму ќе научат да живеат со казни. Кога ќе излезат и самите ќе смислат казни за да си ги заштитат сопствените придобивки.
2. Еден слушател на приватното радио 2 НБЦ во Сиднеј што емитува програма на македонски јазик ми постави прашање: “Зошто вие во Македонија не ја обедините Македонија?”. Се обидов да објаснам нешто за Европската Унија, глобалните светски процеси, НАТО, ама не бива. “Зошто не ја обедините Македонија како што Германците ја обединија Германија?”, беше упорен тој. После се јави друг слушател што зборуваше за синдромот на македонско самоуништување. Молчев.
Експедицијата на КУД “Александар Турунџев” од Битола, што деновиве гостува со концерти низ Австралија е малку разочарана затоа што на нивните настапи нема толку публика колку што очекувале. Едно македонско друштво му се налутило на друштвото што го организирало гостувањето на битолчани и сега некој им се јавува на луѓето да го бојкотираат концертот за тој “другиот” да не земе пари. Не знам дали на господинот од Сиднеј што се јавуваше за обединувањето ќе му значи нешто овој пример, ама тој сигурно повеќе од нас кои живееме во Македонија знае колку во последно време се исподелени Македонците во Австралија. Едните не зборуваат со другите, се кодошат меѓусебе, си ги бојкотираат настаните. Не е само црквата поделена. Со неа замреа и активностите на пензионерските друштва, на дополнителните настави на македонски јазик, на фолкорните секции… Што би можеле граѓаните од Македонија да очекуваат од тукашните Македонци, како лојални граѓани на оваа држава и примерни гласачи за тукашните партии, кога е во прашање на пример дипломатскиот спор со Австралија за отворање македонска амбасада во Канбера? Ништо, кога тукашните, “природни амбасадори” не можат заедно да отидат и на еден најобичен концерт на народна музика. Еден господин разочарано ми рече: “Па ние не можеме да се собереме заедно ни на еден скромен митинг да демонстрираме. Веднаш некој ќе се јави и ќе им рече – не одете со нив, тие се со владиката, или тие се против владиката, сеедно”.
3. На државното етничко радио СБС што емитува програма на 65 јазици, на вестите на македонски јазик јавуваат дека на сила е тотална забрана за палење пожари!!! Значи ли тоа дека одвреме навреме се дозволува палење пожари!? Или, пак мали пожарчиња што можат да се контролираат!? Или, можеби смеат да се палат и големи пожари, ама само на одредени места. Подоцна сфатив дека се работи за неспретен превод на целосната забрана за палење оган на отворено место што владата ја донесе кога температурата беше 37 степени и дуваше силен ветар. Патем, за “палење пожари” за време на забраната може да се добие казна од 10 илјади долари и три години затвор. Сепак, можеби гафот на програмата на македонски јазик и не е гаф. Можеби редакцијата ја употребува таа формулација имајќи ја на ум историската позиција на Република Македонија. Нели, Балканот е бурето со барут, а Македонија фитилот што може да го запали пожарот. Така што не се работи за грешка во преводот. Кога вели тотална забрана за палење пожари, новинарката се грижи да не изгори Македонија.