ПЛАНИНСКИ ЛУЃЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:111:"ДалиспоредРамковниотдоговортребаданиумираатидецата?

    1. Преговорите за новите општини продолжуваат викендов во Маврово. Новата карта на Македонија ќе се решава на семинар. Таму се сите – и власта, и опозицијата, и странците без кои не се може.
    Традицијата продолжува. Промените на уставот се правеа за време на ручеците во “Свети Пантелејмон” на Водно. Промените на општинските граници ќе се прават за време на ручеците во “Бистра” на Маврово.
    Па и Охридскиот договор дојде од планина.

    2. Можеби по Мавровскиот договор и Ристо Пенов ќе каже нешто. Му ја менуваат физиономијата на главниот град, сакаат да му го направат двојазичен, тој сака да биде градоначалник, а глас не му слушнавме. Си реди плочки. И чека СДСМ и ДУИ да го поддржат за трет мандат.
    Се јави само заменичката министерка за култура Мелпомени Корнети. Таа се побуни против мешањето на старата скопска чаршија во партиските пазарења за нови општини. Што ни кажува само нам? Што не му каже и на Пенов. Ем се од иста партија, ем човекот е градоначалник, па може да влијае. Башка што е и лидер на владејачка партија.
    Тие од ЛДП секогаш имаат забелешки на Владата. Ама не сакаат да и се мешаат во работата.

    3. Инвестицискиот бум веќе ги даде првите резултати. Од 200-те милиони евра што ги најавуваше Бранко, досега изгубивме 1,5 милиони.
    Коч направи добар есап. Го смени законот. Бидејќи нема да плаќа комуналии за ходници во неговиот трговски центар, Скопје изгуби 900 илјади, а општината Центар 600 илјади евра. Се очекува во знак на добра волја Коч да ги намали кириите во дуќаните што ќе ги издава.
    Бидејќи за ходници не се плаќа ништо, најдобро е цела Македонија да претвориме во коридор. Да си живееме по ходници. Помини, замини.
    Ходниците не се добри, оти во нив постојано има провев. А тоа не е добро за здравјето. Затоа, ќе го замолиме странскиот инвеститор, кога ќе му тргне работата, да ги прегради ходниците. Нека направи од нив дуќани. Кога е здравје во прашање, кој би се грижел дали за нив ќе плати комуналии.

    4. Вчера во Скопје се одржа конференција на министрите за одбрана на Македонија, Албанија и Хрватска. Демек ние што сме спремни за НАТО, ама не знаеме кога ќе влеземе. Ние, веќе влезените, ќе ги поддржуваме и Србија и Црна Гора и Босна и Херцеговина.
    Значи, сите беа тука. Фалеше уште Косово. Освен ако не се смета дека нивни претставници се луѓето на КЗК што од планината влегоа во нашата влада.

    5. Видете го случајот “Трпејца”. Не се виновни тие што граделе бесправно, туку виновни се новинарите што ќе се запустеле туризмот.
    Видете го случајот “Цитостатици”. Не се виновни тие што шверцуваат лекови и државата што не обезбедила механизам за редовно снабдување. Виновни се новинарите зашто децата останале без лекови.
    Видете го случајот “Млечна криза”. Не се виновни тие што ставале прав во млекото. Виновни се новинарите оти истите тие сега не откупуваат млеко и го уништуваат сточарството.
    Видете го случајот со работното време на кафеаните. Не се виновни тие што го кршат законот за работно време и што работат на диво. Виновни се новинарите што го уништуваат ноќниот живот.
    Тие можат да викаат само по новинарите. Не можат да и се налутат на државата. Тие ги поткупуваат нејзините службеници.

    6. Зошто се чудиме дека министерот за здравство Реџеп Селмани не презел ништо да го среди здравството. Па, тој не е поставен за министер да се грижи за здравјето. Тој е таму по рамковен договор. Селмани не треба да набави цитостатици. Тој е ставен да направи место за вработување на што повеќе Албанци.
    Многу убаво ни го смислија Рамковниот договор. И многу убаво звучат заканите дека ако не го почитуваме нема да не примат во ЕУ. Како што Петерсен пред една недела ни порача дека ако не го решиме законот за поделба на Македонија, ќе се одолговлечела нашата европска интеграција.
    Едно прашање до Петерсен и до сите други загрижени за имплементацијата на Рамковниот договор. Дали според “Рамковниот” треба да ни умираат и децата, затоа што министерот не е способен? Тие би ја ставиле и болеста во рамковен договор, ама таа не прашува за етничка припадност и квоти.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира