1. Соочувајќи се со крајно поразителниот факт дека, во текот на својата напорна историска мисија, не успеале да нафрлат уште некое килце на маченичките тела, барем не онолку колку што планирале, пратениците во Собранието на Македонија, со извонредни познавања од областа на економијата, решија во дело да ја преточат животната филозофија “Сто милијарди, зарем тоа е плата?” и со револуционерен занес ѝ рекоа “Не!” на нехуманата антиинфлациона програма. Со возвишено чувство дека токму тие се од господ дадени да нé внесат во капитализмот, ама со ситен недостаток затоа што повеќе им се допаѓа комунизмот, го одбраа испробаното решение за планско подигање на платите и во духот на прославените демагози на народот му ветија 50-процентно зголемување на примањата.
Бидејќи производствените фирми и онака нема да можат да остварат толку колку што народните платеници им дозволија да земат, законот важи за оние што ништо не произведуваат. Кај производителите најдобро ќе помине печатницата за пари во Прилеп. Останатите, кога ќе си ги споредат платите со оние од нестопанството, ќе одат, по стариот обичај, да штрајкуваат пред Собранието. За да ги смират и нив, ќе им отпечатат плати и така ќе си живееме на вересија, како што цел живот нé учеа.
Кога новиот премиер Гошев ќе влезе во премиерскиот кабинет, ќе се соочи со потребата да им се заблагодари на довчерашните колеги од пратеничките клупи, затоа што му обезбедиле повеќе пари во џебот. Тоа што граѓаните на Македонија со големите плати ќе можат да си купат дури по десет марки, за да не им се обезвреднат, ќе биде дополнителен предизвик за него. На пример, да им го дигне стандардот, па наместо по 10 да си купуваат по 20 марки. И да ги натера да не трчаат по цели денови низ продавниците, да се натпреваруваат со цените. Би било многу подобро да си седат дома и да ги гледаат преносите од Собранието. Па, запознавајќи се со економските и сите други вратоломии на своите платеници да добијат незаситна желба веќе еднаш да ги сменат.
2. Само како да го сменат “Макпетрол”? Или барем да донесат уште некој дистрибутер на нафта, кој нема со своите потрошувачи да се однесува како да се малоумни.
Прво две недели нé забавуваа со купувањето танкер со нафта. Потоа два дена танкерот пристигнуваше во солунското пристаниште. Па десет дена ни соопштуваа по колку тони дневно пренесува железницата до скопската рафинерија. И сега, кога конечно тријумфално јавија дека првите деривати ќе се појават на бензинските станици, во Скопје повторно се појавија редици. На незадоволните потрошувачи кои вчера со часови чекаа да наточат бензин, како да се работи за сосем слабоумни луѓе, им беше сервирана информацијата дека “редиците се затоа што сите ќе одат на одмор и затоа што луѓето се плашат оти боновите од јули денес веќе нема да важат”.
Целта, нели, секогаш ги оправдува средствата. За првите редици нé убедуваа дека сé ќе се среди со боновите. Сега, кога и со бонови ќе мораме да се потиме за 40 литри бензин, семоќниот “Макпетрол” ќе ни понуди нов спас. Зголемена цена.
3. Целата оваа ујдурма со бензинот, комбинирана со војната во Југославија и инаетот на Грција, го исфрли рекламниот слоган за годинашните летни одмори: “Запознај ја татковината за да си ја сакаш повеќе”. Па луѓето почнаа да ги откриваат излетничките места во близина на градовите, да ги испитуваат семејните стебла, трагајќи по напуштените села на предците, да се спријателуваат со сопствениците на викендичките и викенд-становите низ Охрид, Струга, Дојран, Маврово…
Ни остана само да се сеќаваме на одморите на “наше море”, кога не ни требаа девизи и на комбинираните со шопинзи летувања низ Грција, кога одењето таму не беше акт на национално предавство. Сега Грција ни е најголем непријател, а “наше море” веќе е море на други четири држави (ако Неум сé уште го сметаме за босанско-херцеговски град). Кај Црногорците има шанси да се видат шахистите Фишер и Спаски, како гости на газда Јездо што го купи Свети Стефан, ама уште поголеми се шансите за соба со поглед на Шестата флота или, не дај боже, за блиска средба со маринците кои “ќе ги обезбедуваат хуманитарните конвои низ Босна”. Хрватското “наше море” веќе е преку две граници, од кои едната се минува само со оклопен транспортер на УНПРОФОР. А на приморските аеродроми може да се слета само со некој транспортер што носи хуманитарна помош за Сараево. Словенија е толку далеку, што дури и кога беше “наша”, за неа не важеше “наше море”.
А и луѓето со кои порано ја запознававме пошироката таковина или островите на нашиот јужен сосед, повеќе не се исти. Навистина, некои и сега, од немајкаде се подготвени да партиципираат во “запознавањето на татковината”. Други, со кои ги делевме спомените од “тие одмори”, повеќе не се тука. Успешно испозавршија факултети и среќно се вработија. Работат како келнери и бебиситерки низ светот.
4. Во последно време нешто замолкнавме околу признавањето на Македонија. Баш беше добро да одржуваме постојана тензија и да пишуваме секојдневно. За да не заборават луѓето.
Еве, на пример, од каде знаеме во каква тајна мисија доаѓал рускиот авион што се урна пред слетувањето во Скопје. Можеби токму тој требало да ја донесе нотата за признавање, што ни ја вети Козирев.