1. Ту, мајката… Како не знаев дека било толку лесно да се оди во Европа. Седнуваш, пишуваш молба без таксена марка, и ја испраќаш до министерот за надворешни работи Срѓан Керим. Потоа тој ја препраќа до премиерот Георгиевски. Премиерот веќе има готови формулари за Европа и веднаш ти испраќа покана и авионски билет. Едноставно. Не е ова свадба на синот на министерот, па Керим да се грижи кој на која маса и со кого ќе седи. Љубчо ги кани во Европа тие што ќе посакаат. Таму има место за сите.
Кој му е виновен на Циле што не му пишал писмо на Керим. Овој сигурно ќе му дадеше добра препорака. Или, Имер Имери, кој веројатно сакал на Керим да му пишува молба за пат на албански јазик. А Кастриот Хаџиреџа не се ни потрудил ништо да напише. Чекал молбата да му ја состави британскиот амбасадор Дикинсон. Како ли само Џафери го натерале да му пише на Керим?
Гледате колку биле писмени Амди Бајрам и Алија Шакиќ. Молбата веднаш им беше препратена до Георгиевски и тие си обезбедија пат за Европа. Бајрам имаше задача да ја забавува веселата дружина. А Шакиќ, како директор на Скопскиот саем, таму беше да собира искуства. Како значаен дел од панаѓурот.
Во Европа ќе влеземе како здружени племиња на Македонија. Во Големото Војводство Луксембург ги водеше војводата Љубчо. Поглаварот Борис остана дома. Со врачевите се консултираше да направи секретаријат. Ќе му прават магии за релаксирани меѓуплеменски односи.
2. Што мода ќе беше ова, ќе научат некој збор и цело време ќе го повторуваат. Нонпејпер, па нонпејпер.
Цело време се чудам што е тоа – нонпејпер. Ако го преведеш на македонски тоа значи – нема хартија. Среќа што има вода. Водата мие сè и сешто. А и похигиенски е.
3. Сега Мендух Тачи научил да изговара “рециклирање”. Ни се заканува дека “кризата ќе се рециклирала”. Прво се чудеше кои се тие луѓе кои пукаа од планините, а сега вели дека ако не се задоволеле нивните барања, тие пак ќе се врателе. Рециклирани.
Знае ли Тачи дека може да се рециклира само отпад.
4. Вчера во Македонија ни дојде Рамуш Харадинај, за кого разузнавачките служби тврдат дека е командант на ОНА. Човекот се сретна со Колин Пауел и заедно пиеја кафе во “Александар палас”.
Не е за чудење. ОНА во едно од своите “комуникате” ни порача да не ги бараме по планините, зашто ќе дојдат во градовите. Се знае дека Албанците штом ќе дадат збор – го одржуваат. И факт е – го одржаа. Командантот на ОНА, навистина дојде во Скопје.
5. За разлика од Албанците, Македонците кога ќе дадат збор, забораваат што ветиле. Ја гледате разликата меѓу Џафери и Георгиевски. Сè што си кажа Џафери, тоа и си го остварува. А се сеќавате што зборуваше Љубчо, а што прави сега?
Џафери, во меѓувреме, сфати дека може да нè плаши и со пукање од планините. Сега, кога Љубчо го губи партнерот што го одржува на власт, се враќа Бранко со истиот партнер. Што е тоа што Љубчо може да му го даде на Џафери, а што не може Бранко. Мислите дека Тачи и Бузлевски нема да најдат заеднички јазик. Тачи ќе пишува нонпејпери, а Бузле ќе чита.
Сè се менува, само Џафери останува.
6. Моментално, најсреќен човек во Македонија е претседателот Борис Трајковски. “Одлепи” по Колин Пауел. Гушнал го Павлета, не го пушта. А претседателот има голема рака и широка душа, не само Колин туку и цела Америка да ги прибере. САД во прегратките на Македонија.
7. Владата ѝ го подари струшкиот хотел “Бисер” на Македонската православна црква. Од хотелот ќе се прави богословско училиште. Арно ама, хотелот е осквернавено место. Ќе треба цела чета попови, прво да го осветат Езерото, а потоа со светената вода да се испрска хотелот од чатијата до темелите. Поповите ќе тргнат од плажата, ќе ги поминат собите, и ќе завршат во диско.
Со давањето на еден од најелитните хотели на охридското крајбрежје во сопственост на Црквата, идејата за Македонија како атрактивна туристичка дестинација, и дефинитивно, преминува во надлежност на Господ.