1. Додека го чекаме крајот на преговорите со Грција, најдобро е уште денес раководството на нашата новинска куќа (ако не и тие, барем колегите од весникот “Нова Македонија”) да си побара авторско право на името за да го заштити од можни манипулации. Кога можат Грците во преговорите да настапуваат како да имаат “копирајт” на името “Македонија”, зошто тогаш и “Нова Македонија” да не настапува бескомпромисно, кога се прават муабети името да ѝ биде искористено како име на државата.
Ако треба, нека се покрене и меѓународна арбитража. Нека се избере и посредник меѓу двете заинтересирани страни. На пример “Котелец”. Или, уште подобро, некој однадвор, приватното енигматско списание “Клуч”. Сигурно подобро ќе се снајдат од Сајрус Венс. Тие барем професионално се занимаваат со крстозбори.
Доколку раководството на државата го прифати името “Нова Македонија”, тоа недвосмислено ќе ги открие неговите територијални претензии кон нашата новинска куќа. Затоа, најдобро е што побрзо да си обезбедиме “копирајт”, па потоа ќе можеме да си бараме надоместок од тие на кои ќе им го отстапиме авторското право. Реков и пак ќе речам: Ако се пазариме, барем да ќариме! Кога веќе им го отстапуваме името, редно е на име на “копирајт” конечно редовно да ни исплатуваат пари за плати од кои и ние новинарите ќе можеме пристојно да живееме.
2. Можеби прерано се радувам на пристојна плата, зашто ова за “Нова Македонија” доаѓа само од грчки извори. Ама, сепак има трошка надеж. И за “бивша југословенска итн. итн…” доаѓаше само од грчки извори.
3. Интернационалниот пливачки маратон на Охридското Езеро годинава беше спектакуларен и со беспрекорна организација. На почетокот беше Васил Тупурковски. А на крајот – Киро Глигоров. Циле пука за старт во Свети Наум, а Претседателот им честита на оние што допливаа на пристаништето во Охрид, на другиот крај од езерото.
Маната на Тупурковски е што пука, понекогаш и предвреме. Па стартот мора да се повтори. Затоа што маратонците не биле подготвени. Од друга страна пак, иако никој не очекуваше дека пливачите толку брзо ќе стигнат до Охрид, претседателот Глигоров навреме пристигна на пристаништето, па дури и чекаше да ги поздрави. Ете, што ти е животно искуство.
А и атмосферата се разликуваше на почетокот и крајот. Во Свети Наум публиката беше многу бучна, маратонците добро подготвени, здравствено прегледани, најадени, напиени, храбри, сигурни во себе, намачкани со сите бои и масти, со верба дека и најголемо невреме нема да ги спречи во нивната намера да ја испливаат целата патека. На почетокот обично преовладува – емоционалното.
Во Охрид пак публиката, иако побројна, некако помалку расположена за бодрење. Маратонците уморени, прегладнети, им студи, одвај чекаат да пристигнат до брегот. На крајот сликата беше – рационална.
4. Не ми е јасно зошто се трудеше министерот Љубомир Фрчковски на вчерашната конференција за новинари да објаснува зошто Владата на Република Македонија не можела да ги прифати барањата на Албанците, па како со Србите да си потпише 18-месечен договор за ненапаѓање. И притоа воопшто да не се самокритикува за тоа што на идните средношколци од албанска националност не им дозволи да се запишат без приемен испит. Наместо да ги мачи да освојат минимум 60 поени. Во исто време нивните врсници, што ја немаат таа привилегија да бидат Албанци, мораат да имаат 82 поени.
Сега ќе треба оние тинејџери што не успеале да влезат во средно училиште, иако имале повеќе од 60 поени, да му пишат писмо на Герт Аренс, за да си ги бараат правата. Стекнати по основ на знаење. И стручно верифицирани.
Лидерите на албанските партии постојано се жалат дека мнозинството не смее да има поголеми права од малцинството. Што се случува кога е обратно? Во случајот со запишувањето на учениците во Средно медицинско училиште во Скопје, со различниот број поени кои треба да се освојат според националната припадност, очигледно не постои рамноправност. Освен, ако пак не ја свртат водата на својата воденица за помалите права. Шеесет е навистина помал број од 82.
5. Во Македонија беснеат пожари. Како да се снима нова верзија на “Републиката во пламен”. А пламенот нема кој да го изгаси. Нема вода. Од многу пливање целата вода ни влегла во уши.