ПНЕВМОНИЈА ИЛИ ГРИП

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:73:"Викендовправетесепомладиод40години

    1 Внимание, внимание. Овој викенд не излегувајте од дома. Или, ако веќе морате, маскирајте се со капи, шалови, чадори, бради, мустаци… Или, правете се помлади од 40 години. Постои голема опасност некој да ве препознае на улица и да ви понуди да бидете претседател на Македонија.
    На ВМРО-ДПМНЕ му треба уште некој што ќе се јави на конкурсот до утре. Или што ќе го поддржат група интелектуалци. Колку за да биде изборот на Ѓорге Иванов уште подемократски.
    А на СДСМ му треба било кој. Не треба поддршка ни од интелектуалци. Кој било. Само да не мора пак да биде само Бранко.
    Откако Срѓан Керим не се вклопи во идејата да извлече барем чесен пораз на СДСМ, и лепи Заев мораше да распише демократски конкурс како ВМРО-ДПМНЕ. Да се најде некој лепи Цане.
    А Бранко како вообичаено, секогаш кога густо не е дома. Оди во странство за кога ќе се врати да не восхити со некое решение. Овојпат го избра Рим. Оти од вечниот град треба да се врати вечниот претседател. Со вечната амбиција да остане претседател. Кога веќе нема кој, мора да биде жртва.
    Тој веќе еднаш рече дека нема да се кандидира. Ама овој пат ќе има две причини за тоа. Ем за народот, ем за партијата.

    2 Резултатите од анкетите за популарноста на претседателските кандидати ми личат како да те анкетирале од што болест сакаш да се разболиш. Па гласаш за:
    а) пневноминија
    б) грип
    в) рак
    г) сида
    За што да гласаш? Ако веќе мора да се разболувам, тогаш барем нека биде нешто што има шанса најлесно да се излечи.

    3 Али Ахмети рече дека неговата поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ не е безусловна. Тој ќе бара ВМРО-ДПМНЕ да поддржи Албанец за претседател на Македонија во 2014 година.
    И јас би поддржал Албанец. Не по пет години, туку сега. Само сакам да видам дека ќе се слика пред македонско знаме. И да го чујам и него и албанските партии да го осудат неплаќањето струја, вода, даноци и да не се жалат на загрозени права кога полицијата ќе апси криминалци. И кога ќе вети дека нема да се пука на избори.
    ВМРО-ДПМНЕ побрзаа да демантираат дека имаат некаков договор со ДУИ. Оти тука историјата покажува дека секаков договор со албанска партија, дури и кога е коалиционен партнер, не е на арно.

    4 Можеби и на Македонија во 2014 година ќе и се случи она што на Америка и се случи со Обама. Затоа и не сфаќам зошто ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираше дека тие нема да поддржат Албанец за претседател. Изборот на Обама не е историски поради неговата боја на кожата. Туку поради победата на неговите политички верувања и делувања.
    Само ние тука мислевме дека Америка не е спремна за претседател Афроамериканец. Затоа што уште гласаме како овци во едно, или во друго стадо. И сакаме да веруваме во пастири, наместо да мислиме со своја глава дали некој го бива, или не.

    5 Колку се радуваа новинарите на Си Ен Ен за време на инаугурацијата на Обама за претседател на САД! Не можеа да ја скријат возбудата дека известуваат од тој настан. Беа горди дека и тие се дел од историјата на нивната земја.
    Ги гледав и им завидував. Си викам, може ли малку ние да се смениме? Ај нека дојдат тука да поработат како новинари.
    Мене ми здодеа веќе да бидам дел од историјата. Оти веќе деветнаесетта година секоја владина одлука и секоја рунда избори во Македонија се историски. А тоа, не само за новинарски, туку и за нормален живот е многу напорно.

    6 Вториот ден откако стана претседател, Обама ја укина забраната за финансирање со владини пари на групи кои надвор од САД изведуваат абортуси и даваат совети за абортусот. Таа забрана ја донесе Буш. А одлуката на Обама се смета за победа на абортусот како демократското право на избор.
    Историјата повторно ја престигнува Македонија. Најголемата држава на светот со Обама отиде на лево. А ние со сила одиме на десно. И тоа најрадикално евангелистички десно.
    Не дека нашите новокомпонирани десничари веруваат во тоа. Тоа дури не е ни во мода. Туку тие не знаат дека и десното има либерални опции.

    7 Откако Словенија стави вето на продолжувањето на преговорите на Хрватска за влез во ЕУ, во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент рекле дека билатералните прашања не смеат да бидат пречка за пристапот на некоја земја кон ЕУ. И уште рекле дека словенечката блокада на хрватските преговори е неприфатлива и може да значи опасен преседан за идните проширувања.
    Преседанот е опасен затоа што ветото го става Словенија. А не Грција.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира