ПО ВЕЧЕРАТА

Што толку се исплашиле Грците од Македонија, па стравот ги држи веќе 2.300 години

    ПО ВЕЧЕРАТА

    1 Не добивме покана за НАТО. И сега најчесно е да се каже дека нема да добиеме ни датум за преговори со ЕУ. Со пријатели како Грците, можеме пак само да снимаме рекламен спот од типот: “Кажи како беше на вечерата? А после вечерата?”.
    Дали во Букурешт, дали во Брисел, сеедно е. После вечерата ќе ни кажат дека сме супер, дека имаме голем напредок, дека сите признаваат колку сме направиле, ама на Грција не ѝ се допаѓа името. Или ќе бидеме во ЕУ, кога ќе бидеме никој и ништо. Или, ќе си останеме Македонци, ама нема да влеземе во ЕУ.

    2 Но, ветото не е сѐ што нѐ очекува од Грција. Тие допрва велат дека битката продолжува. Тие би сакале да преговараат. И тоа, замислете, за “заемно прифатливо решение за името”. Ха, ха, ха. Дури ќе биле многу среќни ако нѐ виделе во ЕУ и НАТО. Ха, ха, ха…
    Ова ти е исто како да треба да завршиш работа на шалтер. Си ги обезбедил сите документи и ти останува само да добиеш печат. Се навалуваш најпонизно, шалтерскиот службеник се изживува врз тебе и ти вика:
    “Дај лична карта. Ти си Горан Михајловски, не може да добиеш печат”.
    После доаѓаш и викаш: “Може Гоки Михајловски?”. А не, не ми се допаѓа и тоа име.
    “А Горан Михајловски во заграда од ВЕСТ, може”. Не, никако, тоа не го решава проблемот.
    “А да ставам цртичка место заградата, може?”

    3. Баш ме интересира како сега амбасадорот на ЕУ Ерван Фуере ќе ни кажува што треба да правиме за да добиеме датум за преговори. Што ли ќе нѐ советуваат амбасадорите на Германија, Италија, Словенија, Велика Британија, Франција, Холандија… Ич нека не трошат пари од своите даночни обврзници. Нека си одат дома. Оти што и да нѐ советуваат, какви сакаат пораки да ни праќаат само ќе излегуваат смешни.
    Што да им кажеме на сите оние што ни доаѓаа, држеа прес конференции, ни ги враќаа саатите назад, ни велеа дека треба да се истрча маратонот…Што ќе ни раскажуваат бајки за правна држава, за демократија, за реформи? И што треба да исполниме?
    Нека ја остават тука само грчката амбасадорка. Таа ќе каже што треба да се прави. А тие само ќе ја послушаат. И онака имаат заедничка политика и принцип на солидарност.

    4 Слушам има и некоја кампања: “Учиме за ЕУ”. Што да учиме? После она што се случи во Букурешт сѐ сме научиле. Ќе го прашаме Караманлис и ќе ни каже.

    5 Не им е на Грците до името. Тие сакаат да нѐ снема.
    Само, не знам како приказната им поминува низ светот. Како земјата во која нема ни национални малцинства, ни права на национални малцинства, гради култ на најдолен национализам со помош на црквата, успева да издигне на ниво на светски проблем име на соседна држава. Тоа е голема мајсторија. И голема мистерија.
    Да не случајно Грција ги задоволила Копенхашките критериуми за влез во ЕУ. Или, случајно да не ја терале да спроведува некаков акционен план за да ја примат во НАТО?
    Затоа и ова изживување што ни го направија во Букурешт треба да биде поука. Да учиме од нив.
    Како што Грција упорно и напорно работи за да нѐ снема, ние треба исто така да работиме за да нѐ има.
    Се скршија од работа за да нѐ уништат. Ама, не е само до силата. Туку и до работата и до единството. Тоа е она што ние го немаме. Ни сила, ни работа, ни единство.
    Не се плашам јас од намерите на Грција да ми го избрише името. Се плашам затоа што овие нашиве и кога работат повеќе мислат на рејтингот на партијата, отколку на рејтингот на Македонија.

    6 Македонските новинари во Букурешт ги понесе песната. Се налутија и си заминаа од прес конференцијата на генералниот секретар Јап де Хоп Шефер. И што направија? Му ја олеснија работата. Го положија оружјето. Наместо да го бомбардираат со прашања за срамот кој си го дозволи НАТО, ги оставија Грците да се чуе само нивната страна.
    Така е тоа кај нас. Новинарите бистрат политика, а политичарите ги користат новинарите за да си се рекламираат.
    На нашата Влада не ѝ е важно што направила за својата земја, туку како тоа излегло во весниците.

    7 Власта повторно го пушта муабетот за вонредни избори.
    До сега беше лесно. И едните и другите ни ветуваа дека ќе нѐ внесат во НАТО и во ЕУ. Ние верувавме дека тоа е можно. Оти верувавме и во НАТО и во ЕУ.
    Каква ќе им биде кампањата сега? Што ќе ни кажуваат? Дека ќе одиме во НАТО? Или во ЕУ?
    Е ај баш да видам што ќе ни кажат.

    8 Истата дилема веројатно ја има и преговарачот за името Никола Димитров.
    За што ќе преговара откако Грција ја прекрши Спогодбата од 1995 година? И што ќе биде компромисот?

    9 Познатиот грчки оратор Демостен се прославил држејќи говори против Филип Втори Македонски. Неговите говори познати како “Филипики” биле против Македонците оти сакале да им ја заземат Атина. По смртта на Филип, Демостен ја имал водечката улога во востанието против кралот на Македонците Александар Велики.
    Така пишува во историјата. Тоа значи дека уште во 300те години пред нашата ера Грците ги мразеле Македонците.
    А сега Бакојани ни порачува дека сме требале да се свртиме кон иднината. Што убав виц ни раскажа.
    Не знам што толку се исплашиле Грците од Македонија, па стравот ги држи веќе 2.300 години.

    10 Не се исплашиле тие од Македонија. Се исплашиле од македонското малцинство во Грција. Оти ако го признаат него, ќе мора да признаат дека имаат и Албанци и Турци и Власи и Бугари.
    Очигледно за грчката држава како колепка на демократијата најголем ужас е да признаеш дека некој не е Грк.

    11 Францускиот претседател Саркози ја поддржа Грција оти во Солун му издале книга за неговиот дедо.
    Ако било толку лесно да се направи државнички став и стратегија за НАТО, дај ние да издадеме книга за баба му на Саркози.
    Франција е сериозна држава. Ја гради надворешната политика врз прашањето дали дедо му на Саркози му купувал чоколатца.
    Во заклучокот на НАТО за поканата за Македонија требаше да се стави уште една забелешка. Македонија ќе биде поканета кога покрај дедото и бабата, ќе се најде место и за сопругата Карла Бруни.
    Груевски го бидува за маркетинг. За кампањата “Јас сум Македонија” нека ја ангажира Карла Бруни Саркози.
    Ќе чини скапо. Ама ако тоа Саркози го прави среќен и ако тоа ја сврти Франција кон Македонија, налет и парите. Тоа е добра инвестиција.

    12 Ајде сега да бидеме малку оптимисти. Да гледаме позитивно на последниот самит на НАТО.
    Во 1913 година кога се делеше Македонија, не беше во Букурешт. По 95 години, барем бевме таму.

    13 И претседателот Црвенковски и премиерот Груевски во Букурешт дадоа изјави дека Македонија ќе издржи, оти издржала и потешки времиња.
    Еве сега еден најнов виц.
    Денеска и двајцата ќе одат во Загреб да се сретнат со американскиот претседател. Седат заедно Буш, Никола и Бранко. Буш им се извинува и со жалење констатира: “Грците многу ве издупија”.
    А Бранко и Никола никогаш поединствени едногласно одговараат: “Не може толку да нѐ издупат, колку што ние можеме да издржиме”.

     

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира