ПОБЕДНИЧКИ НАТРАПНИЦИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:86:"Гледаш,македонскаработабилоидасепобедува

    1 Македонија, Франција, Русија и Шпанија.
    До пред неколку дена никој не ја гледаше кошаркарската репрезентација на Македонија меѓу четирите најдобри репрезентации на Европа. За волја на вистината, и ние тука не очекувавме толкав успех. Се сеќавам дека кога почна да се зборува за Европското првенство и дека треба да се оди дури до Литванија, не се ни потрудивме да акредитираме наши новинари. Си велевме: “Ќе одат до таму, ќе се прошетаат и ќе се вратат”.
    Нашите почнаа со разочарување. Првиот меч со Црна Гора го изгубивме. Потоа ја тепавме Хрватска и си помисливме дека сме имале среќа. Кога ја тепавме Грција, и тоа со 14 коша разлика веќе стана сериозно. Ама и тогаш, како да се плашевме да помислиме дека можеме уште да победуваме. Па си велевме: “Сега и нека се вратат ако треба, важно е дека ја тепавме Грција”.
    Ама, не било така. Момците нe научија дека можело и да се победува. И дека ако си од Македонија не мора секогаш да очекуваш пораз. По кој нормално, традиционално треба да се жалиш и да ги обвинуваш судиите и публиката. А кога го тепавме и домаќинот Литванија почнавме логично да размислуваме дека кога одиш на мегдан, одиш за да победиш.
    Македонија, Франција, Русија и Шпанија. Кој е натрапникот во оваа група?
    Нема натрапник.
    Гледаш, македонска работа било и да се победува.

    2 Типична македонска работа е и тоа што навивачите се испотепале меѓу себе уште на пат кон Литванија. Колку за да не раскрстиме до крај со сите лоши навики и традиција.
    Многу ме изнервираа некои партиски душегрижници кои нe обвинија оти сме го расипале моментот на славење, затоа што сме објавиле за тепачката на навивачите во авионот што леташе од Скопје до Каунас. Биле закана за безбедноста на летот, па единаесетмина останаа во Литванија оти капетанот одбил да ги качи во авионот за назад.
    Ние сме го расипале моментот!? Тие со наши пари качија хулигани во авион и ја посрамотија Македонија, а ние сме го расипале моментот!?
    Како им го расипавме? Така што не им игравме мајтап кога објавија дека “Владата од свои средства ги купила билетите”. Па не се потрудивме да дознаеме кој министер колку пари извадил од џебот за да донира за картите. Туку не прашавме и по кој критериум беа избирани “професионалните навивачи” што се тепале во авионот. По лични врски? Или по партиска припадност? И кој за тоа ќе понесе одговорност?
    А тоа што се обидоа да го скријат настанот и со јавувања по медиуми да лобираат дека кој ќе објави не е патриот е наивно. Особено кога станува збор за безбедност во авиосообраќај.
    И сега истите тие бараат од нас да ја носиме одговорноста за нивната неодговорност. И ќе нe обвинуваат дека сме го расипале моментот. Па, во целиот тој метеж и сообраќај во Скопје и низ Македонија, во билтените на МВР немаше ниту еден инцидент, дури ни обично џепарење.
    Не! Тие нам ни го расипаа моментот!

    3 Навистина не можам да ги сфатам овие од СДСМ. Тоа што на 8 Септември не се појавија на плоштадот Македонија за да не му прават ќеф на Груевски, да речеме некој може и да го соџвака. Ама кој му забрани на Бранко да се појави на плоштадот во средата навечер кога ја тепавме Литванија? Освен ако и тоа не му е пресметано за да може после да обвини дека власта си ја присвои и кошаркарската прослава за себепромоција. А зошто тој прв не си ја присвои? Зошто не се обиде и тој да грабне дел од таа слава?
    Ако нема што да ни понуди како опозиција, барем нека ни покаже дека знае да се радува за оваа земја.

    4 Помина многу време откако си замина Филип Рикер. Цели месец и половина живеевме во вакуум. Не знаевме што да правиме со себе. Конечно, пристигна новиот американски амбасадор Пол Волерс. И веднаш заживеа политичката сцена во Македонија.
    Сега пак имаме на кого да се жалиме. И имаме со што да ги полниме вестите. Кога ништо нема да се случува ќе ги чекаме изјавите на американскиот амбасадор.
    А македонските политичари може да си ги гледаат репризите на натпреварите во кои Македонија победува. Особено онаа против Грција. Кога Бо Меккејлеб даде 23 коша. За да учат. И да видат што може еден македонски тим да постигне во Европа со американска поддршка.

    5 Ама не е само американскиот амбасадор тој што го врати животот во нормала. И Џеврие се врати во нашите животи. Шуќур.
    Македонија е на вистински пат.

    6 Некоја јапонска компанија најави дека ќе гради пицерија на Месечината.
    Во исто време беше најавено дека и во Охрид ќе се гради хотел “Хилтон”.
    Ај да видиме кој порано ќе проработи. “Хилтон” во Охрид, или пицеријата на Месечината?

    7 Дефиницијата на комунизмот беше: “Секому според потребите, секој според способностите”.
    Сега се раѓа нов термин. Еврокомунизам. За секој Грк според потребите, од секој Германец според способностите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира