ПОКАЈАНИЕ ГРЕШНИМ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:64:"СеланскабунапредСветскатабанка

    1. Бранко Црвенковски не пропушта јавен настап за да си ги признае грешките. Толку се кае што изгледа дека многу грешел. Само што не дава спецификација, грешев за ова, грешев за она, туку онака општо – признава дека грешел. И сега ние не знаеме на кои грешки мисли. Тоа не е праведно. Зашто може да ги повтори истите грешки на кои ние мислиме, а тој мислел на некои други.
    Лидерот на СДСМ, како обединувач на опозицијата вели дека сега не се важни партиските интереси, туку спасот на Македонија. Вакви говори на Бранко сме слушале и порано. Тој зборуваше дека во борбата против октоподот нема да го штеди ни СДСМ ни свети СДСМ. Што значи дека Бранко бил несериозен. Светците се испосници, сиромашни, чесни, не крадат и не лажат. Значи, немало против кого да се бори.

    2. Црвенковски предупредува македонската здружена опозиција да не ја направи грешката на српската опозиција. Бранко не ја послуша желбата на Ристо Гуштеров да си замине од лидерското место на СДСМ, па старо-новите либерали не дојдоа во саботата во МНТ да му аплаудираат. Андов им се прави важен како Вук Драшковиќ.
    Од друга страна, портпаролот на ЛДП Јован Манасиевски побара Бранко да си ги признае грешките и практично да покаже дека СДСМ се променил. Првиот услов е исполнет, а вториот ќе биде со кандидирањето на Ристо Пенов за градоначалник.
    Баш ќе биде интересно ако здружената опозиција (ако ја биде) победи на локалните избори, како ќе изгледа кога ќе се фрлат во прегратка Бранко Црвенковски и Петар Гошев. Постоењето на Гошев како политичар, на најдобар можен начин докажува дека земјата се врти. Прво излегува од СДСМ, земјата се врти и пак доаѓа на истото место – во СДСМ.

    3. Пред заспивање пожелно е да се слушаат приказните за мали деца на портпаролот на СДСМ Владо Бучковски. Како Владо замислува да ја урне Владата? Многу лесно. Имало некои незадоволни пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и особено на ДА кои при гласањето за доверба ќе гласале против Владата.
    Приказните на Бучковски се бајки. Прво, поверојатно е ВМРО-ДПМНЕ да излезе од коалицијата, ама ДА, ако треба, и сама ќе остане во власта. И второ, би можеле социјалдемократите да придобијат некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, ама да им ги понудат членствата во истите три-четири управни одбори и да ги подготвуваат за амбасадори. Само што тогаш и нема да има потреба да се менува власта. Со истите луѓе, сè ќе биде исто.

    4. Министерот за земјоделство Марјан Ѓорчев многу ѝ се налутил на Владата што веќе не е координатор за структурните реформи и за ликвидација на загубарите, така што сега ќе ѝ се одмазди со тоа што ќе направи селанска буна пред претставништвото на Светската банка во Скопје. Бидејќи со Вељо Тантаров се договориле дека за воведувањето на ДДВ-то кај земјоделците највиновна е Светската банка, тие пред Велигден ќе организираат протест. Не е битно што министерот ја утнал адресата (за ДДВ посоодветно беше да го однесе Тантаров со земјоделците пред претставништвото на ММФ, ако веќе не сака да го вознемирува министерот за финансии Никола Груевски). Битно е дека на таа злобна англосаксонска олигархија конечно треба да ѝ се каже “не!” и да престане да ја пие крвта на сиромашните земјоделци. Кога веќе велможите што нè експлоатираат ги лоциравме во Светската банка, редно е и Тантаров и Ѓорчев да се договорат кој ќе биде Матија Губец во нивната селанска буна.

    5. Уште еден партиски војник се разболе. Сашо Станинов си поднесе оставка. Сиромашкиот, сега нема кафеана во која смее да влезе да се напие чајче, а да не се посомнева дека нешто му подметнале.
    Пред Станинов падна и Пане Велев. И двајцата изгореа во револуцијата. Кој им е виновен што не сфатиле дека во првите борбени редови секогаш гинат војниците, а не генералите.
    А “генералот” Љубчо не знае што бели му правеле војниците. Љубчо е познат како премиер што “нема информации”.

    6. Станинов си замина и животот полека се враќа во нормала. Ете, веќе и претседателот на Синдикатот Живко Толевски со Љубчо се однесува исто како што се однесуваше со Бранко. Прво дига врева, а потоа, штом се види со премиерот, молчи и има разбирање за чекорите на Владата.
    Не е за чудење што пред секоја влада Толевски е тивок или, едноставно, молчи. Борбата за опстанок го научила да биде мегафон, а кога ќе влезе во премиерскиот кабинет мегафонот го заборава.

    7. Откако претседателот Борис Трајковски почна да шета по пазарите, ќе мора наместо протоколот од кабинетот на шефот на државата, да ја вратиме рубриката “Поскапо – поевтино”. Работните активности на претседателот се ракување со пазарџиите во работните и пазарни денови. Во сабота и недела има друга државничка работа. Трајковски за викенд не оди по пазари. Оди да лови фазани.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари