1 Веќе се чувствува олеснување на визниот режим. Бидејќи не може да се извади македонски пасош, не ни треба ни виза.
На министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска најтопло и препорачувам ако сака да го проба новиот систем да застане во редот за бројче.
Еден граѓанин на телевизија се пожали: Дојдов во 8.30 часот и ми рекоа дека веќе нема бројчиња за пасош. Што не си зел бројче за лична карта. Оти кога ќе почнат и со новите лични карти, тешко дека ќе стигне до бројче.
Министерката за внатрешни Јанкуловска што и да ја прашаш има подготвен одговор: “МВР работи согласно законите и правилата”.
Какво е тоа правило да поделиш повеќе бројчиња отколку што можеш дневно да услужиш. И какво е тоа правило бројчето од денеска да не ти важи утре.
За полиција не важи логика на бројки.
Голем успех е што по 15 години тендери, местења, финансиски афери конечно добивме нови пасоши. Ама што фајде од тоа кога треба крајно да се понижиме и измалтретираме за да го добиеме новиот пасош.
Ако им била целта да не подготват за понижувањата што не чекаат подоцна во редиците за виза пред странските амбасади – успеале. Министерката треба само да ги види луѓето како стојат со децата во раце, изгубени во очајот. Чекаат да се сликаат. Којзнае каков мрак се на сликите. Притоа никој не се буни.
Логиката на бројчињата не важи. Ама логиката на полицијата е сурова: Не се буни, оти тој што го молиш не треба да го лутиш.
2 За два дена пензионерите добија многу активности и сега не можат да се снајдат. Немаат време за внуците.
Прво премиерот им отвори интернет кафе. Другиот ден министерот за здравство им обезбеди бесплатни прегледи на плоштад.
Пензионерите прво чекаат ред да им измерат притисок, шеќер и холестерол, па после со резултатите трчаат во интернет кафе за да сурфаат по медицински сајтови за да видат што им е.
Уште да не мора да чекаат во редици пред аптеките на почетокот на секој месец, пензионерите нема да се симнат од компјутер. За да може на раат да сурфаат Груевски покрај бесплатен интернет и бесплатни прегледи, ќе мора да преземе уште порадикални реформи во здравството. Да обезбеди и бесплатни погреби.
3 Американската амбасада оваа година решила државниот празник да го слави со прием во Младинскиот културен центар во Скопје.
На улицата пред МКЦ и во околината работат евтините скопски проститутки. Така што американските домаќини ќе имаат проблем со гостите. Нема да можат да ги разликуваат политичарите од курвите.
Тоа не е фер. Затоа што курвите барем чесно си ја вршат својата работа.
А немаат покани.
4 Груевски прво не убедуваше дека немало никаков писмен договор со ДУИ. Потоа кога документот излезе по медиумите, не убедуваа дека тоа било само записник.
Дојде амбасадорката на САД во НАТО на Форумот во Охрид и порача дека за влез во НАТО ќе мора да се почитуваат и Охридскиот и Мајскиот договор.
Очигледно записникот бил записник, додека Американците не го прогласија за договор.
5 Охрид беше под полициска блокада и граѓаните се жалеа дека не можеле слободно да се движат. Но, една продавачка на леб оптимистичКи на телевизија изјави: “И покрај самитот, снабдувањето со леб и пели печива се одвива редовно, без поголеми потешкотии”.
Охриѓани го сфатиле Самитот како елементарна непогода. Ај што им доаѓаат Скопјани, туку сега и Шефер дојде да им го јаде ѓеврекот.
Тоа ти е к’смет. Тешко им е на Охриѓани. Еден месец во годината мораат со туризам да се занимаваат.
6 Премиерот и неколку клучни министри решија сами да тргнат низ Европа и лично да привлекуваат странски инвестиции.
Што значи тоа? Дека Веле Самак и Глигор Ташковиќ не ја завршиле работата за која се платени.
Сега на Груевски му е потешко. До сега можеше да се вади на Самак и Ташковиќ дека не донеле инвестиции. Ама ако никој не дојде и по неговата турнеја не знам што ќе прави.
Со таков рејтинг може ќе го задржат таму да им биде премиер.