1. Фала богу, почна акцијата за ослободување на Арачиново. Ако за ништо друго, тогаш барем да му се даде поправен испит на Љубе Бошкоски. Пустиот, толку беше избезумен што пред две недели тукутака им го даде селото на терористите, па рецитираше нешто за тројански коњи. Нека не забегува во митологија. Нештата се многу реални. Каква Троја, какви коњи, каква “Илијада”, каква “Одисеја”. Од криминал и шверц не се прави мит, а од гангстери епски јунаци.
Мора да признаам дека идејата прво да ги пуштиш терористите во Арачиново, па после да ги оставиш да се изолираат, беше одлична. Само не ми беше јасен делот со изолирањето. До кога ќе ги држевме така. Додека не пораснат, не остарат, не изродат деца и направат фамилии. Додека не го видиме командант Хоџа со бастун во рацете, како на потомците им ја раскажува приказната за тројанската изолација во Арачиново.
2. Додека Љубе ги изолираше терористите во Арачиново, политичарите во Скопје преговараа сами со себе. Едночудо професори и научници запнале на Џафери и Имери научно да им докажат зошто нивните барања се неприфатливи. Ај што им докажуваат, туку мислат дека овие и сериозно ги слушаат. Ај што мислат дека се сериозни, туку мислат и дека ќе ги убедат.
Секој си го кажува својот текст. Не го слуша другиот. Ама, убедени се дека водат дијалог.
3. И кога дијалогот запна, Борис ги викна на македонска софра. За да го подмачка, да врви лесно.
Борис учи од Киро Глигоров. Тој, кога требаше да ги убедува странците ги носеше во Охрид, им даваше пастрмка и вино и на крај, со две-три коњачиња, ја завршуваа работата.
Арно ама, сегашниот претседател заборавил да им даде коњак. Така што вечерата останала без завршница. Борис требаше да им викне музика. За фајронт. Анџак се тука, нека се изнаиграат. Па нека се фатат на оро овие нашиве со странците. Љубчо нека викне комитско, Бранко нека сврти некое партизанско оро. Орото ќе ги спои. Барем ќе ги држи на куп.
Сите ќе играат и ќе го молат Џафери и тој да се фати на орото. А тој не сака. Им вели: “Играјте вие, играјте! Јас ќе ви свирам!”
4. Како што Љубе Бошкоски доби задача да се поправи, таква шанса сега имаат и Љубомир Фрчкоски и Владо Поповски. Тие ни го направија Уставот пред десет години. Десет години нè убедуваа дека Уставот е одличен. Сега истите што го правеа, работат на негово менување.
Со промената на Уставот, Фрчкоски и Поповски се на поправен испит. Којзнае дали ќе имаат можност да се појават и во трета сесија. Трет пат, кога ќе треба да го поправаат тоа што ќе го згрешат сега, може ќе немаме држава. Штета. Сигурно и тогаш ќе имаат убави идеи.
5. Важно е дека овие во ВМРО-ДПМНЕ ништо не може да ги изненади. Ни Арачиново, ни ослободеното, па окупирано Гајре, ни оставката на брат Љубе, ни Куманово без вода. Бизнисот мора да врви.
Еве, Љамбе, Војо и Возачот никако не се симнуваат од берзата. Ај што станаа банкари, туку сиромашкиот возач морал да двои од скромната плата за да купи акции, како што го учи рекламната кампања на министерот Никола Груевски. Досега одеа со кампања “Како се трошат моите пари!?” Откако видовме како се трошеа наши пари, сега треба да научиме како да се збогатиме на берза. Се гледа дека било многу лесно да се шпекулира на берза и дека може секој. И директори со државни пари, како Војо и Љамбе, ама и возачи со смисла за бизнис. Не за џабе ВМРО-ДПМНЕ во кампањата ни ветуваше дека ќе работи домаќински и одговорно. Ете, тие си штедат дневници, други им плаќаат ручеци, друг им полни бензин, фала богу дека заштедиле од плата. Малку по малку – 700 илјади марки.
Знаете како оди рекламата за “пежо 307”? Возачот не е само возач. Бројката не е само бројка. Бизнисменот не е само костум. Е па, така е. Возачот е акционер. Бројката се пари. А бизнисменот е богат ерген.
Ех, Што ти е животот. Терористите се тепаат за територии. А најзагрижените за државата се тепаат за пари. Кој за што си учел. Арачаново гори, Љамбе банкар да се стори.
6. Вчера го видов Љамбета со службениот “мерцедес” со жолто лавче на табличката на надвозникот кај хотелот “Белви”, како одблизу ги гледаше борбите во Арачиново. Се извадив од памет. Брзо истрчав да ја заклучам колата, да го скријам лаптопот под седиште и си ја зедов чантата со мене. Не дека ќе ми ги украде, туку да не му текне да ми ги купи. Ќе морав да му ги дадам. Власт е.
7. Важно Илинка ја заврши работата. Првата партизанка, по историското “не!” на тајванскиот министер за надворешни работи, ја заврши најбитната работа во моментов – отиде за Пекинг. Им носи покани на Киро Глигоров и Бранко Црвенковски да ја посетат НР Кина. Само сега не им се трга на пат. Кога би можел да ги покани барем и Фидел Кастро. Со еден трошок да ги фатат и Пекинг и Хавана. Илинке, фаќај авион за Куба. Ќе им се стресат гаќите на Американците.