ПОРЦИЈА ПОЈАДОК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:28:"ПисмоодЊујорк

    1. Грција страда од ембаргото што го спроведува кон Македонија. И тоа толку многу што веќе почна да се жали и во Обединетите нации. Нивниот амбасадор во Њујорк Христос Захаракис му се луги на генералниот секретар Бутрос Гали зашто го употребува терминот “економска блокада наметната од Грција”. Како, кога еко­ном­ската блокада сама си ја наметнала Македонија. И ја ставила Грција во многу тешка ситуација. Па господинот Захаракис го подучува Генералниот секре­тар дека одлуката на грчката влада да го забрани транспортот на стоки преку грчкото пристаниште Солун за Македонија имала “неповолен и болен ефект на грч­ка­та економија”, зашто е донесена во време кога таа и онака страда од економ­ските санкции против СР Југославија!
    Ете, сега ние сме виновни за неповолниот и болен ефект за грчката еко­номија. И никако не сакаме да го подигнеме ембаргото. Па такви какви што сме, уште еднаш ќе нé обвинат за непопустливост и ќе ја фрлат топката на наша страна. Не видов, или барем не забележав, дека некое слично писмо, како допол­нение на ова на Захаракис, испратил нашиот амбасадор. Ние сме фини и не пишуваме смешни писма. И мислиме дека сите се со нас. Како што тргнала работава, ништо чудно наместо ние, Грците да побараат расправа во Советот за безбедност за ембаргото и уште да докажат дека ние сме им го наметнале. Како што се родени трговци, ништо чудно и да нé натераат во иднина да им плаќаме отштета за штетите што сме им ги предизвикале со ембаргото.

    2. Сепак, има една работа што ми се чини нелогична. Европскиот суд на правдата не донесе привремена одлука за укинување на ембаргото затоа што не можеше да најде докази дека неговата примена ги загрозува економските интереси на некоја земја-членка на Европската унија.
    Сега грчкиот претставник во ОН самиот признава дека ембаргото има непо­во­лен и болен ефект за нивната економија. Што е работава: дали негативните ефек­ти доаѓаат задоцнето или Грција се подготвува да замине од ЕУ? Или подготвува терен да лапне дополнителни пари од заедничката каса за да се брани од непријателските соседи, како во нејзините привилегирани стари добри вре­миња, по кои мечтае да ѝ се вратат.

    3. Во њујоршките кафе-ресторани за јадење “од на нога” можат да се најдат два вида картонски чаши. На едните пишува “го сакам Њујорк” и има нацртано црвено срце. Другите се сино-бели со исцртани мотиви од античка Грција и со текст испишан со грчкиот тип на букви: “Ние сме среќни да ве послужиме”. Веројатно затоа што голем дел од тие дуќани коишто во исто време се смеса од ресторани за брза храна, пиљарници, кафетерии, сендвичарници, салатарници – ги држат Грци.
    Во такво ресторанче, во еден крајно неугледен кварт од Њујорк, на ѕидот врз печката стојат закачени две парчиња обична кафеава хартија за пакување на кои пишува: “Македонија – 4000 години елинизам” и “Македонија била, е и ќе биде грчка”. Составот на гостите на локалот е таков што дури и кога би прочитале што пишува на ѕидот би им било сеедно дали таа Македонија е некој карипски остров, сојузна држава на САД, бивша советска република, или пак реклама за некој нов специјалитет за појадок во кафеаната. Па може да се случи некој да пора­ча порција “Македонија” со американско кафе во грчка картонска чаша.
    Не знам зошто Грците не би направиле промена во монотоните паузи за појадок на њујорчаните. Нека им ги заменат сино-белите чаши со црвено-жолти. На местото на античките вазни нека го исцртаат шеснаесеткракото сонце. И наместо да се фолираат со некаква среќа што услужуваат, нека си ги испишат омилените пароли на чашите за кафе.
    А нас дефинитивно не нé бива за трговија. Ете, сега им дадовме идеја и пак нема да си ја наплатиме.

    4. Трговскиот дух живее и во грчката делегација што учествува на Гене­ралното собрание на ОН. Според програмата, министерот за надворешни работи Каролос Папуљас требаше да зборува еден ден по министерот за односи со странство на Македонија Стево Црвенковски. Меѓутоа, само ден пред тоа, Грците успеаја да се заменат со Џибути и во програмата да се стават на две места пред нашиот министер, во попладневната дебата. Дента кога требаше да зборуваат и Папуљас и Црвенков­ски, Грците успеаја својот министер да го префрлат како последен говорник претпладне.
    И после Метју Нимиц ни зборува за некакво чесно решение на спорот, а под тоа подразбира земање и давање на двете страни. Класична трговија што дипломатите ја нарекуваат – компромис. А штом е трговија во прашање, со Грци­те  лошо ни се пишува.

    5. Да нема недоразбирање. Тоа што во Њујорк се занимавав со Грците не е никаква опседнатост од нив. Едноставно, во време на предизборието најбезболно е да пишуваш на таа тема. Знаеш дека секогаш си на вистинската страна. И нема потреба веднаш по испраќањето на текстот од Њујорк да трчам да мијам раце. Тоа ќе го сторам дури пред да заминам на појадок во блиското грчко ресторанче. Којзнае, можеби на менито е порција “Македонија”. А таа се јаде – со чисти раце.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира