1 Следниот извештај на европратеникот Ричард Ховит ќе биде застарен. Ние со нетрпение ги чекаме нивните извештаи за да ни кажат како ни е и што ќе ни се случи, ама ако судиме според изјавите на известувачот за Македонија во Европарламентот, дадени пред неколку дена во Скопје, доцна Ховит пристигнал во Македонија.
Тој вели дека “постои опасност оти во земјата е создадена атмосфера на притисоци и страв”. Потоа вели дека пресудата за Кежаровски “може да придонесе за создавање култура на внимателност, дури и страв меѓу новинарите, уредниците и сопствениците”. И додава дека “тоа може да доведе до ограничување на истражувачкото новинарство и промовирање самоцензура во медиумите”.
Не е баш така, господине Ховит. Опасноста за која зборувате, постоеше лани. Годинава ние веќе ја надживеавме опасноста од самоцензура, притисоци и страв. Сега сме во посттрауматски шок.
За извештаи како овој на Ховит, ние во Македонија имаме една поговорка: После свадба – тапани.
2 Ховит даде рок до декември да се исполнат три задачи кои Македонија не ги исполнила 22 години. Едната е политичкиот дијалог на власта со опозицијата. Вториот е “да се постигне видлив напредок на полето на слободата на изразување”, што и да значи тоа. И третиот е да се постигне договор за разликите со Бугарија кои, патем, постојат не 20 туку 120 години од формирањето на ВМРО.
И тој знае, ама и ние веќе научивме дека нашите политички елити не ги сфаќаат сериозно ни него, а ни неговите задачи. А богами ни ЕУ не се потресува многу.
Затоа веќе 22 години сите македонски власти имаат исто решение за проблемите кои ЕУ ни ги кажува во извештаите. Едноставно – ги игнорираат.
3 Многу убаво изгледа кога на реклама на Си-Ен-Ен ќе ја видиш Македонија меѓу десетте топ-реформатори за отворање бизнис. Убаво звучи и министерот Ставрески, кога објаснува што значи да бидеш меѓу првите десет на Дуинг бизнис. Тоа значи дека во Македонија не е проблем да отвориш бизнис. Проблем е што ќе правиш со бизнисот откако ќе го отвориш.
4 По повод најновиот извештај на Дуинг бизнис, на ТВ “Алфа”, на вестите одеше најава “Македонија меѓу десетте топ-економии во светот”.
Ако сме меѓу десетте топ-светски економии, зошто тогаш Македонија не учествува на самитите на Г20? И таму ли Грција ставила вето? А богами и на Г8 ќе нe викаат како посматрачи. Русија е Г9, а ние ќе бидеме десетката.
Тие самити на најразвиените земји се како измислени за премиерот Груевски. Како по правило, за време на овие самити, едниот ден е резервиран за средби во неформална облека. Тогаш им даваат на медиумите да ги сликаат лидерите без вратоврски, без костуми и левтерно облечени. Нашиот Груевски џемперчиња за такви самити има колку сакаш. Еден услов за Г20 веќе имаме исполнето.
5 Министерот за финансии Зоран Ставрески рече дека во однос на ланскиот извештај за Дуинг бизнис сме имале незначително влошување за само три индикатори. Еден од нив е прекуграничната трговија. Според Ставрески, тоа е затоа што Македонија не излегува на море.
Да имавме море, немаше да имаме проблем само со пет соседи. Цел свет ќе ни се скараше. Овие што ги имаме ни бараат име, јазик, народ и територија. Ама за морето можат да ни се фатат.
6 СДСМ излезе со неколку предлози од програмата на новото раководство. И наместо да продолжи со уште предлози и агресивно да излезе да објаснува што нуди за да дојде на власт, тие пак се фатија за најважното прашање – не со што, туку како да дојдат на власт. Па се скараа дали популизмот бил најдобар инструмент, или не. И се направија парче по социјалните мрежи.
Македонија е мала земја. Секој за секого сe знае. Цела среќа што никој за никого нема ништо убаво да каже.
7 Цел свет е потресен оти Американците ги прислушувале светските лидери. Кај нас сe уште не се појави информација дали ги прислушувале и нашите. Божем има потреба НСА и нашите да ги прислушува. Тоа е како сами себе да си се прислушуваат. И не ни требаат ни Викиликс ни Сноуден да откриеме што Американците, а богами и другите мислат за нас. И онака сe пишува во извештаите што така нетрпеливо ги чекаме секои три месеци.
8 Коментаторот во ТВ-преносот од кошаркарскиот натпревар меѓу МЗТ и Партизан во скопската сала “Борис Трајковски”, го понесе втората тројка на Костоски, кога МЗТ поведе со еден кош. Па егзалтирано викна: “Борис Трајковски се крена на нозе!”
Изгубивме од Партизан. Да победевме може и Филип Втори ќе се кренеше.