1. Откако СДСМ и ДУИ дојдоа на власт народот е побогат. Со информации. Знаевме дека овие претходниве крадеа, ама сега знаеме и колку. И гласавме со намера: “Фатете ги арамиите!”. Ама овие изгледа немаат намера да ги фатат. Ќе кажат колку лапале Ламбе и дружината, колку потрошил Војо, а за да не кажат колку се крадело во Царината, новиот директор превентивно изеде и ќотек.
Приказната за 20-те илјади евра што Ламбе од ЕСМ ги платил кај “Дон Вито” и други охридски ресторани е неверојатна! Не дека Ламбе не можел да потроши толку пари. Тој е слабичок, ама мислел на стомакот на другите и ете, ги хранел. Но, сосема неверојатно е како можело да се направи промет од 20 илјади евра за еден месец во охридското угостителство. Тоа е за чудење. Налет парата, ама за толку храна треба да се работи. Толку келнери, толку готвачи да најдеш во Охрид!? Нема шанси, особено што станува збор за охридско угостителство.
Мене повеќе ме загрижува што мисли новата власт. Ќе излезат на прес конференција и ќе го решат проблемот? Ќе разглобуваат теории за антикорупција и ќе не занимаваат со анкетни ливчиња и нивните тековни сметки. И ние ќе бидеме задоволни. Мислат ли конечно да стават некого во затвор, или се ќе остане на политичка манипулација. Камо пријави? Ќе го направи ли тоа јавниот обвинител кога конечно ќе се договорат да го изберат. Или, за секој криминал што е објавен, пак ќе бидат виновни новинарите. Се разбира, оние што не станаа портпароли.
2. Треба да се размислува како да се шеташ по улица, а да бидеш заштитен некој да не те натепа. Дали од дома да не се излегува без скафандер, или барем кацига на главата. Или, задолжително на приврзокот за клучеви да си носиш спреј за онеспособување. Шетање кучиња по темни улички, особено ако не станува збор за добермани, е непрепорачливо за лична безбедност.
Власта нека размислува интензивно како да ги заштити граѓаните од начекување и претепување. На напаѓачите треба да им се одземе мотивот. Затоа, најефикасна заштита е да ги вратиме ВМРО-ДПМНЕ и ДПА на власт.
3. Освен тепање по улици, наредната година не очекува и тепање по дома. Министерот Јован Манасиевски предвидува дека сега ќе се зголеми бројот на случаи на семејно насилство, оти терористите на ОНА и резервистите, “без средства за егзистенција и по толку време поминато во ровови и со оружје, тешко ќе се вратат во нормалниот живот, а негативната енергија ќе ја празнат во семејството”.
Ај што не прави разлика меѓу онанисти и резервисти, тоа му е партиска задача од Рамковниот договор. Ама, зошто Јован мисли дека по цела година поминати без жени, мажите би си оделе дома само за да им удрат ќотек.
4. Да не беше рекламната кампања на “Мобимак”, ќе си мислевме дека сите рудари се како оние што штрајкуваат со глад во “Саса”. Од рекламните паноа ни се смешкаат најадени, избричени, измиени и “поврзани” манекени.
Додека тие на рударите им продаваат рајска градина во која сите се поврзани, “Телеком” ги враќа во реалноста. Заради неплатени телефонски сметки, на 300 семејства од Македонска Каменица им се исклучени и фиксните телефони. Фиктивно се поврзани, а афктички исклучени. Правилно. Што ќе им се телефони, кога веќе немаат душа ни да зборуваат.
5. Каде е Бранко? Тоа и рударите би сакале да го знаат. Само што не им фаќаат мобилките за да се поврзат. Оти, дури ни мобилката на Џемс Бонд не фаќа на 800 метри под земја.
Тоа го знае и Петар Гошев. Се пофали дека и тој бил во рудник и знае како е. Има искуство со јамите. Сигурно го носеле на излет во Постоинска јама кога имале слободни активности во титовата партиска школа во Кумровец.
6. Новиот портпарол на Владата Сашо Чолаковски најави дека ќе се разговара за можно зголемување на платите на министрите, како дел од борбата против корупцијата на државната администрација.
Платите на министрите се најголемиот проблем што Црвенковски го наследи од Георгиевски.