1. Во духот на трагичната историја на овој мал и напатен народ, но со голема душа и гордо дигнато чело, а вклопувајќи се во амбиентот на општо пеење новокомпонирани песни, вработените во Министерството за односи со странство ја пеат тажаленката “Еднаш Македонија во ООН се прима, а нам телефаксот не ни штима”.
Ете зошто за признавањата од разно-разни држави мораме да дознаваме преку извештаи на новински агенции. Ако имало евентуално некоја нота, коминике, кралски указ или, дај боже, предлог за воспоставување дипломатски односи, не можеле да стигнат поради презафатеност на телефаксот. Замислете, можеби токму кога Данците го праќале писмото, линијата била зафатена од честитката од Месната заедница “Жировница”. Од толку поздрави од разни месни заедници, куќни совети, друштва на бивши зависници од дрога и алкохол – телефаксот цркна. А и резервни делови тешко се наоѓаат, зашто, нели, и Македонија неправедно страда од санкциите кон Србија и Црна Гора. Башка што и телефакс-хартијата е скапа, а буџетот за оваа година уште не е донесен.
Поради сето ова најмногу ќе изгубат гледачите на државната телевизија. Дневникот ќе мора да трае покусо, затоа што од програмската шема ќе биде исклучена редовната рубрика “Поздрави и честитки до Претседателот”.
Наместо тоа добро ќе дојде репризирање на репортажата од приемот на нашата држава во ООН, со наслов “Две солзи ми капнаа”. Особено оној дел кога Џон Битов, на чист англиски јазик со американски акцент, вели дека тој дури и животот би го дал за претседателот Глигоров. Во недостиг на сапунски опери од типот на американските “Династија” и “Далас”, сцените во холот на хотелот “Плаца Ју Ен” во Њујорк, со песни, солзи и развеани знамиња добро ќе дојдат за плакнење на очите на вредните македонски домаќинки.
2. Приемот на Македонија во Обединетите нации беше добредојден и како скромен прилог за еманципацијата на жените. Ете, на аеродромот “Скопје” претседателот Глигоров, наместо почесна чета на АРМ или барем женскиот баталјон полицајци на Фрчковски, го пречека почесен строј на жени од таканаречените невладини организации. “Ние жените Киро си го сакаме”, и тоа го покажаа со врелите бакнежи по лицето на претседателот, желбите за добро здравје, а една дури му посака “Да ни живееш 150 години”.
Инаку сé функционираше државнички, како што и му доликуваше на свечениот чин. Пред авиончето се најде и фамозното килимче (не беше црвено), набрзина донесено од канцеларијата на директорот на аеродромот, само што немаше знаме, немаше музика и немаше војска. Мала државичка, мало авионче, мало килимче. А признавање – големо.
3. Рејтингот кај понежниот пол може да му го наруши само Киро Поповски од Социјалистичката партија. При изборот на заменици-министри во Собранието пратеникот на оваа партија Бранко Арсовски се фалеше дека во нивните редови имало многу жени компетентни за заменици-министри и тој лично му предлагал на господинот Поповски СПМ да кандидира некоја жена.
Нејсе, покрај двете министерки, во Владата не влезе друга жена од контингентот заменици. Оттука малку чудно беше што Томислав Стефковски бараше физички контакт со кандидатите. А во неговата пратеничка група има три жени, кандидатите – мажи, а ниту една не побара физички контакт. Бидејќи премиерот Црвенковски рече дека за таков контакт треба љубов од двете страни, реагираше само госпоѓицата Доста Димовска. Таа бараше барем да ги види кандидатите за заменици-министри.
4. Во рамките на напорите за запазување на модерните трендови во општествениот живот на нашата држава под мотото “Било каде, со поп насекаде”, а во согласност со уставната одредба дека верата е одвоена од државата, на свеченото отворање на Саемот за медицина во Скопје меѓу присутните имаше и еден свештеник. Неговото присуство можеби не би било чудно во некоја друга држава и во друго време. Меѓутоа, кога кај нас поради немање вакцини се прогласуваат епидемии, а на прагот од 21 век од мали сипаници умираат големи деца, министерот д-р Јован Тофоски во својот поздравен говор можеше, користејќи го присуството на попот, комотно да ѝ соопшти на македонската јавност: “Не берете гајле, вашето здравје го чува хуманитарна помош и – господ!”
5. Бидејќи очигледно мерките за градење доверба со Грција ќе се сведат на обичен алаш-вериш (дај ми име, земи знаме), како мој скромен прилог кон македонската дипломатија имам идеја за промена на знамето. Едноставно, од сонцето ќе ги избришеме шеснаесетте краци и ќе остане само жолт круг. Мислам дека во тој случај нема да имаме проблем со Јапонците, зошто и тие имаат сонце, на бела основа, ама нивното е црвено.
Само, во тој случај, ако Јапонија со црвено-белата комбинација се рекламира како земја на изгрејсонцето, нашето жолто сонце без зраци, на црвена основа, ќе нé претставува како земја на самракот. Молчи, барем самракот е подобар од мракот.