1. Кога се појави на телевизија, претседателот на Стопанската комора Душан Петрески, онака потресен и разочаран, соопштувајќи ни со драматичен глас колку е изненаден затоа што Србија вовела царини за македонските стоки, прво што ми падна на памет е да пратат некого да го спасат човекот, не дај боже да не се самоубие. Што знаеш, кога човек е премногу радосен, а потоа таму некои со “кусогледи видувања” прават бирократски одлуки и нагло ти го растураат сонот, сешто може да ти падне на памет. Дали владите на СР Југославија и на Македонија ќе ја преземеа одговорноста врз себе ако следниот ден по изненадувачката одлука нашиот Душан Петрески во знак на протест се самозапалеше на граничниот премин Табановце.
А баш убаво си се договорија социјалистичките стопанственици од Југославија и Македонија. Овие нашиве дури и повеќе се радуваа што конечно им ги симнаа санкциите на Србите. Пак ќе си бидеме едно, ќе си тргуваме меѓу себе, српски знаеме добро, ќе си се разбираме, ќе ги заборавиме разно-разните коридори, пруги и патишта, нашите производи и така се амбалажирани само за српски пазар, пакувањата се испишани на српски јазик, упатствата за употреба исто така, ќе се ослободиме од притисокот да бараме други пазари, Белград ни е поблиску и од Софија и од Тирана и од Атина, а за Европа ич да не зборуваме… Уште само да ги вразумиме оние од Владата со “кусогледи видувања” што ни ставија рампи и почнаа да ни бараат пасоши. Овие нашиве смислија и нови пари и толку се безобразни што ги држат постабилно од добриот стар динар. Тоа што Југославија одбива да ја признае Македонија и по четиригодишно самостојно живеење не е никаква пречка ние меѓу себе да си се договориме.
Искрено, баш ми е ќеф што Србите први воведоа царина за нашите производи. Значи, те признаваат за посебна држава. Ама, воопшто не ми е драго што нашите после небаре со извинување објаснуваа дека морале да воведат реципрочна мерка. Имаме ли царини со Бугарија, Грција и Албанија? По која логика тогаш да немаме со Србија? Единствено ми е жал за Душан Петрески и неговите другари. Социјализмот веќе е мртов, Југославија каква што ја познаваа одамна ја нема, Македонија во меѓувреме стана држава, а тие – поим немаат.
2. За да се смират малку, препорачливо е сите заедно во возвратна посета на нивните другари од Белград да тргнат на пат со воз. Затоа што на билетите што ќе им ги издадат во Скопје сé уште пишува: “Југословенске железнице”, “полазак” и тако даље… Тоа ќе им биде силна утеха и мелем за душата. Освен тоа, нема потреба да се прават патриоти и да протестираат кога ќе им речат дека се од ФИРОМ, кога на билетите многу убаво пишува од каде се.
Ако некој случајно го испушти возот, нека не се грижи премногу. И да тргне со автомобил, може да го доживее истото задоволство. На новиот автопат од Градско кон Титов Велес на сите клучки е одбележано како да се стигне до Велес и до – Белград. Колку што знам, во сите земји се одбележува патот како да се стигне до главниот град на државата и се означува правецот кон границата со соседната држава. Кај нас, ако некој странец тргне од Грција кон Европа, нема да знае како да стигне до Скопје, ама до Белград – нема промашување. Па ќе си помисли дека Белград е главен град на државава.
Не знам во чија надлежност се патоказите на патиштата низ државата, ама ете некако сосема случајно на ум ми паднаа министрите за урбанизам и за сообраќај. Веројатно затоа што Шундовски и Бузлевски кога доаѓаат од дома на работа го користат тој автопат. А некако и ресорски се совпаѓа. Не сметам дека е работа на министрите да поставуваат табли крај патот, ама не е лошо следниот пат кога ќе минуваат крај клучката кај Титов Велес, следејќи ги патоказите да се обидат да го најдат патот до главниот град, каде што им е седиштето на Владата.
3. Кога се договараат двајца како што се Милошевиќ и Туѓман, ништо не треба да нé изненади. Па ни одлуката на Хрватска да ѝ го признае државно-правниот континуитет на СР Југославија. Фрлени се во вода и расправите за сукцесија на старата федерација и извештајот на Бадинтер, дека државата се распадна на нејзините составни делови и концептот на Европската унија за рамноправни наследнички на СФРЈ… Проблемот е решен типично американски. Каде има сила, нема правдина. И – пазарот е главен. Ти мене Источна Славонија, јас тебе државно-правен континуитет. Нам и на Словенија ни преостанува уште малку да поплачеме пред светот. Ќе нé смират Американците со објавување на уште некој таен документ. Којзнае што сé ни смислиле во Дејтон.
Ричард Холбрук велеше дека сите документи се јавни, дека нема ништо тајно. Изгледа дека документот потпишан меѓу Туѓман и Милошевиќ бил ептен таен што не го знаел ни Холбрук.
4. За разлика од Американците, Русите работат јавно. Ние бараме УНПРЕДЕП да ни биде тука уште најмалку една година, генералниот секретар на ОН се согласува, Американците и Скандинавците што имаат свои војници тука немаат ништо против, ама Русите велат “Не, не им требаат”. Не велат дека не им се бендисува што имаме Американци тука, ама велат дека по Дејтон повеќе не ни се заканува никаква опасност.
Добро е што Русите беа против мандатот на УНПРЕДЕП да се продолжи за уште една година. Тоа уште повеќе покажува дека УНПРЕДЕП навистина треба да остане тука и повеќе од една година.