ПРАЗНИ СТОЛЧИЊА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Морадаемногунезгоднокоганемакајкогодасе"гребеш"

    1. Веројатно се во право тие што велат дека по атентатот што се случи на 3 октомври врз претседателот на државата Киро Глигоров, во строгиот центар на главниот град, повеќе ништо нема да биде исто. Без разлика што политичарите побрзаа да потенцираат дека институциите на системот работат нормално, дека ситуацијата е под контрола, без разлика што граѓаните по првиот шок продолжија со својот секојдневен ритам на живот, па дури и полицијата сите ја оставија да си ја тера истрагата, сé помалку и помалку интересирајќи се за нејзината работа. Па сепак, сознанието дека тоа се случи и кај нас, дека не го гледавме на телевизија, туку со свои очи, тука на нашата улица, самото по себе го раѓа чувството дека сé е можно.  И дека, така и треба да се однесуваме.
    Којзнае, можеби токму поради тоа деновиве не ми пречат засилените поли­циски контроли, туку ги сфаќам како нешто нормално што се применува кога е извршен атентат врз претседаелот на државата. Иако сосема сум сигурен дека дури сега на виделина излегува хипокризијата.
    Да не ни се случеше 3 октомври и автомобилот-бомба на улицата “Македо­нија” и ако по некоја случајност Глигоров се возеше со блиндиран мерцедес, први ќе бевме во зборувањето како човекот се плаши од народот и затоа се крие зад блиндирано возило. Да се сопреше сообраќајот во центарот на Скопје, макар и на три минути, сосема нормално ќе пцуевме затоа што полицијата ни прави хаос по улиците за “тие” да поминат набрзина. Сега, одеднаш ни е чудно како на чело на претседателската колона (така јавуваа странските агенции, мислеа дека се работи за колона возила!) се нашло – фиќо?! Сега одеднаш ни текнува дека претседателот најчесто на пат одеше со авионче старо повеќе од 20 години, а сто на сто сум сигурен дека, ако само се споменеше купување ново авионче, ќе имавме добра тема за озборување. Сега ни текнува дека работните простории на шефот на државата се во иста зграда во која секојдневно влегуваат стотици вработени, гости, дека дури нема ни физичка препрека меѓу Кабинетот и останатиот дел на Собранието. Ама, ајде да видиме како ќе поминеше некој ако предложеше претседателот да се пресели во посебно седиште.
    Веројатно и од ова ќе се извлече некоја поука. За сите нас. Ако ништо друго, барем да не нé навредува ако некој побара да ни ја претресе чантата кога влегу­ваме во кабинетите на претседателот на државата, на Собранието, на Владата… Затоа што некако премногу се улежавме и се соживеавме со “оазата на мирот”. Затоа што заборавивме какви соседи имаме, во какво време живееме, на какви историски настани сме сведоци…

    2. Ништо не е како пред атентатот. Па дури и онаа свечена академија по повод 40-годишнината на ОН во Македонскиот народен театар во Скопје не мина како што беше замислена.
    Во салата имаше премногу празни столчиња. И тоа не од оние “обичните”, туку оние во првите редови, на кои уредно, според протокол беа залепени ливчиња со имињата на поканетите. Немаше многу пратеници, немаше многу министри, немаше многу познати фаци. Можеби им беше страв, и покрај силното обезбе­дување. Или пак, можеби си направија сметка: Глигоров не е тука, ама сигурно ќе се врати. Андов е тука, ама само како привремена замена за претседателот. И да дојдеш, нема кај кого да се “гребеш”.
    Еден колега, само што ги виде празните редови во важниот дел на салата, кусо прокометира: “Дури ни Обединетите нации не успеаја да го обединат Сојузот за Македонија!” Обединувачот и тој што им овозможи да станат власт и на оние што таа вечер беа оправдано спречени да дојдат на академијата се наоѓаше на Хируршките клиники.

    3. Првата и Втората страна потпишаа уште еден документ. Се вика Документ за лепенките. Првата страна на Втората страна ќе ѝ лепи лепенки на колите, и на нив ќе ѝ соопштува на јавноста дома дека иако овие од Втората страна се возат по нашите патишта, ние не им ги признаваме нивните лепенки, ниту буквата “М” во нивната азбука.
    Во документот за лепенките има една реченица според која “лепенката ќе остане на овие возила сé додека тие циркулираат но територијата на Првата страна”. Што ако грчките погранични органи не плукнале малку посочно на лепенката, па таа не се залепила убаво. А ти си тргнал кон Атина и таму некаде кај Лариса ти се одлепи лепенката. Што ќе ти направат? Ќе ти фрлат бомба за да го уништат возилото? Или ќе пратат пајак да го одвлечка до граница?
    Како и во Њујорк и на преговорите во Скопје покрај Првата и Втората страна имаше и Трета страна. Во Њујорк, помеѓу Папуљас и Црвенковски шеташе Ричард Холбрук. Во Скопје помеѓу Арсовски и Кипреос шеташе Виктор Комрас. Џабе ни е нас тука што сме Прва и Втора страна. Кога Третата страна излезе главна страна.

    4. На универзитетот на Фадил Сулејмани во Тетово слушам почнала и втората учебна година. Блазе си им, како си го поминуваат факултетот, како на забрзан курс. Во февруари се запишуваш во прва година, веќе во октомври си фатил услов и почнуваш да следиш втора година. Тука некаде, после Нова година можат да се очекуваат и првите докторати.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира