ПРАЗНИЧЕН ВРЕМЕПЛОВ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:90:"ЗоштонемашепочесниплотунизапразникотнаАРМ?

    1. Навистина не ми е јасно како може цела држава, секојдневно, со помош на медиумите, да се занимава со пребројување на пратениците во собраниската сала. И уште да им се лути на оние што недостасуваат до бројката 61, зашто токму од нив зависи дали ќе има предвремени избори или не. Како може овој народ да нема разбирање за положбата во која се наоѓаат нашите омилени ТВ ѕвезди. Па уште и ги озборуваат дека ги бојкотираат законите кои ќе ги одведат на избори. Ајде да видиме, нека се стават тие на нивно место. Ем не одиш на работа, ем примаш редовно плата од илјада марки, ем пиеш кафе за денар и пол и други пијачки во супер евтино бифе, ем си имаш дипломатски пасош…
    Има ли некој будала кој би гласал за предвремени избори? Не верувам. А за некој нив да ги избере повторно – можеби ќе се најде. Проблемот е што тие ни во тоа не се сигурни.

    2. Ние барем во “Вечер” сме сигурни дека гувернерот на Народната банка на Македонија Борко Станоевски покажува затскриени уредувачки амбиции. Откако на сите гласила што ја објавуваат црната берза пред две недели им испрати писмо во кое им се закани дека Народната банка ќе престане да ја испраќа курсната листа. Ние еден ден навистина не ја објавивме црната берза, ама бидејќи веднаш се уверивме дека таа, го сакал тоа гувернерот или не, продолжи да постои, а граѓа­ните и без да се информираат во “Вечер” продолжија да си одат на Бит-пазар, си продолживме со нејзино објавување. И гувернерот се налути, па како уредник реши неговата курсна листа да не се објавува во весникот.
    Имаше неколку интересни образложенија на гувернерот. Едното – дека објавувањето на црната берза му штетело на угледот на државата. Во минатото, во сите источноевропски земји новинарите не го објавуваа тоа што му штетеше на угледот на државата, па гледаме сега каков углед имаат во светот. Другото интересно образложение беше дека ние со објавувањето на црната берза практично го стимулираме нејзиното живеење. Којзнае, можеби дури и влијаеме на курсот. Не знам зошто не го забранат лондонски “Фајненшел тајмс”, што секојдневно ги објавува сите можни берзи на светот. Замислете, какво влијание врз тековите на берзите ќе има  “Фајненшел тајмс” утре, затоа што во денешното издание ја објавил вчерашната берза. Страшно.
    Досега само неуките новинари, кои згора на тоа не водат сметка за угледот на својата држава, мислеа дека берзата зависи од економските законитости. А не од нив самите. Вака, ако навистина дали во Македонија ќе има црна берза или не, зависи само од нив, тие ти биле вистинска “седма сила”. А познато е – сила бога не моли. Па не мора ни гувернерот. Особено ако курсот на Народната банка може да се најде во секоја деловна банка. Само, што фајде од него. И онака сите работат според црната берза.

    3. Изминатата недела Армијата на Република Македонија го празнуваше за прв пат својот новоустановен празник 18 Август. Нов празник, ама сé некако се чинеше како “деновиве пред години”. Не знаеш дали тоа што го гледаш на телевизија се случува сега во 1993 или пак е некоја снимка од 1973, 1963, 1953… Среќа, имаше многу сонце, инаку ќе си помислев дека е 22 декември. Армијата се смени, ама си ги задржа истите навики за прославување. Направивме нова држава, ама си се однесуваме како во старата. Истите наслови по весниците, истите излитени фрази за одбраната на татковината, истите специјални емисии, проширени изданија на ТВ дневниците, новинарски коментари, заклетви пред камерите, ракоплескања на родителите, поздравни говори. Ништо не беше важно што во нормални прилики прво би се објавило. Нашата армија слави. А тоа, како во старите времиња, мора да биде објавено барем во првите 15 минути од днев­никот. За другите настани и не дознавме. Ги гасневме телевизорите.
    Злобно е да се тврди дека, ете, баш сé беше исто како и порано, за 22 декем­ври. Прво, тогаш меѓу гостите ги немаше претставниците на УНПРОФОР. И второ, никој не нареди почесен плотун од сите две артилериски орудија во чест на празникот. Немаше потреба. Верувам дека дури и организаторите на целата претстава “пукаа” од здодевност.

    4. Додека ние го славевме денот на АРМ, светот се занимаваше со една крајно цинична и бескрајно лицемерна работа што ја нарече “Операција Ирма”. Драмата за спасување на петгодишното девојче од Сараево, што така верно ја пренесоа новинарите од Велика Британија, беше повод од опсадениот град да се извлечат уште 41 ранет. Коментарите што притоа ги изустија нивните луѓе, тамошни новинари, па дури и претставници на политичкиот живот, доволно зборуваат: “Децата во Сараево ги покажуваат како да се во зоолошка градина…”; “Британс­ки­те болници би сакале да примаат само мали дечиња, со сини очи, што после ќе можат да ги посвојат..”; “Владите на Шведска и Британија се трампаат – дете со ту­мор кај тебе, девојче без око кај мене”; “Запад си ја изми својата нечиста совест со 41 лице, а остави уште илјадници заробени до кои не може да допре никаква помош”…
    Се сеќавате ли кога Европската заедница, лани во јуни во Лисабон, донесе одлука да не нé признава како држава, додека не го избришеме зборот “Македо­н­ија”? Во исто време реши да ни испрати понекој хуманитарен пакет, за да преживееме без нафтата што ни ја блокираше Грција.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира