ПРЕДИЗБОРЕН ЗАПЕК

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:171:"Европо,немојдасегрижиш.Неможештитолкудачекаш,колкуштониеможемебавнодаседвижиме

    1 Што, денеска уште не се појавила Џилијан Миловановиќ со апел да нема насилство на изборите? Почекајте, има време. Долг е денот. Американската амбасадорка еден ден се појавува и другиот ден нема пукање. Кога Џилијан зборува, оружјето еден ден молчи. Вториот ден пак се пука и третиот ден таа пак зборува дека изборите мора да бидат регуларни и власта не смее да толерира насилство.
    До изборите има уште една недела. Се надевам дека до тогаш, американската амбасадорка ќе има и доволно можности конечно со прст да покаже кон тие што пукаат.
    До сега ни беше јасно дека ДУИ и ДПА не работат за доброто на Македонија. Ама со предизборните пукања јасно е и дека не работат ни за доброто на Албанците во Македонија.

    2 Премиерот Никола Груевски два пати ја отвори салата “Борис Трајковски”. Во четвртокот, прво во 12 часот се сликаше како сече лента со портокаловата вратоврска. Во осум часот вечерта со истата портокалова вратоврска и со истиот костум ја фрли првата топка.
    Традицијата продолжува. На времето, Киро Глигоров го отвораше автопатот Тетово Гостивар како претседател, а Бранко го отвораше автопатот Гостивар Тетово како премиер.
    Зошто мораше баш премиерот да ја отвора најголемата спортска сала? И без многу инвентивност можеа да се сетат да најдат барем некој олимпиец, или светски првак да ја пресече лентата. Кога веќе решија салата да го носи името на покојниот претседател, не ќе беше лошо првата топка да ја фрлеше синот на Борис Трајковски. Ќе беше тоа убав гест, а и кредитот на Груевски ќе беше поголем.

    3 Ден пред отворањето на салата, министерот за финансии Трајко Славески свечено ја пушти во употреба фекалната канализација во Визбегово. Во 21 век народот не смее да биде во гомна.
    Ете уште една потврда зошто на Македонија ѝ беа потребни овие предвремени избори. Да не беа изборите уште две години ќе се давевме во гомна.
    Во свеченоста Славески не беше сам. Му помагал и градоначалникот на Бутел Петре Латиновски.
    Баш ме интересира како се пушта во употреба канализација, а тоа да биде доволно пригодно за предизборна кампања.
    Дали едниот свечено го извадил и се олеснил? А другиот седнал на шолја и напнал? И после со здружени сили пуштиле вода.
    Ти е гајле. Избори се. Што и да е, важно е да се пушта нешто.
    Туку, што ли би се случило ако министерот и носител на пратеничка листа баш тој ден имал запек? Свеченото пуштање на канализацијата ќе беше одложено за подобри денови.

    4 Свечено беше откриена и стражарницата на Камениот мост во Скопје. Беше реставрирана речиси шест години откако се урна.
    Откако за реставрација на Камениот мост ни требаа 10 години, реставрацијата на кулата ни одзеде само 6 години.
    Е, тоа е реалното темпо на движење на Македонија кон ЕУ.
    Затоа, Европо, немој да се грижиш. Кај и да е, ние ќе дојдеме. Ќе те фатиме на кондиција. Не можеш ти толку да чекаш, колку што ние можеме бавно да се движиме.

    5 Во брзите реформи кон ЕУ, неделава добивме уште два светли примера од судството.
    Првиот е дека во Врховниот суд нема место за судијката што Македонија ја делегираше во Европскиот суд во Стразбур. Не е убаво во Македонија да имаш судија со деветгодишно европско искуство. Особено не, ако те испратиле во времето на СДСМ. Всушност, во Македонија, без оглед на меѓународното искуство, за да бидеш судија мораш да бидеш близок или до ВМРО-ДПМНЕ или до СДСМ. И не само тоа. Дополнителен критериум е да се погодиш да конкурираш кога твоите се на власт.
    Вториот пример за судски реформи е секс скандалот во Судскиот совет. Наводно, судија близок до СДСМ бил љубовник со вработена чијшто сопруг бил од високите кругови на ВМРО-ДПМНЕ.
    На судиите им требаа три месеци да ги преведат четирите Хашки случаи, ама експресно за еден ден ги разгледале листите со повици на љубовниците од мобилните телефони. Најсмешно е што сега се обидуваат на прељубата да ѝ дадат карактер на државен проблем. Демек љубовниците изнесувале документи на лаптопите. Тие, сиромашките ако толку биле вљубени и уште морале да се кријат и брзо да завршат работа, да не имале време лаптоп да отворат, а не пак да го анализираат.

    6 Рада го вика Груевски на ТВ дуел со платена реклама. И му вика: “Излези, Никола, не плаши се од женски фустан”.
    Пуста Рада, платила реклама за да се навреди себеси и сите жени. Што сака да каже? Дека ако носиш фустан си помалку вреден и не треба никој да ти се плаши?
    Ова како капак на нејзините изборни реклами во кои таа со тон на селска учителка што им се обраќа на деца со посебни потреби ни порачува: “Јас можам да се изборам за Македонија”.
    Радо, барај си ги парите назад од тие што те советуваат и ти ја прават кампањата.
    Почести го само тој што му текна да стави твоја огромна слика на зградата спроти онаа во којашто живее Груевски. Па кога ќе стане, прво го заблеснува твоето сонце. Не е чудо што по толку кошмарни будења завршил на инфузија.

    7 Амди Бајрам како коалиционен партнер на Груевски најогнено збореше на митинг во Штип. Кому се обраќаше? На тие во Македонка што им го украде платното? Или на колегите од Штипскиот затвор каде што чесно си го одлежа украденото?

    8 Вчера беше Ден на Власите. Државен празник и неработен ден за припадниците на влашката заедница во Македонија.
    Арно ама сите Власи беа на работа.
    Зошто?
    За да земат празнична дневница.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира