1. Еве ме пак. Кога пред три недели заминав од дома се надевав дека кога ќе се вратам нема да морам пак да пишувам за референдумот. Ама, со првото вклучување на телевизорот повторно се соочив со заканите дека референдумот ќе не оддалечи од Европа. И не само тоа. Американскиот амбасадор Лоренс Батлер овој пат се закани дека и НАТО ни е се подалеку. Ако излеземе доволно да гласаме против новата територијална поделба, во НАТО нема да влеземе барем до 2010.
Веќе ми здодеа да објаснувам дека цртање на општински граници нема врска со децентрализација на власта. Во земјата од каде што доаѓа Батлер има една вистина и тоа е – тоа. Македонците се против Албанците. Тоа што власта не успеа да ги убеди странците дека не е така е затоа што така им одговара. И тоа е еден од ретките примери каде што претседателот и владата си го кодошат сопствениот народ.
Неколку дена подоцна го слушнав Бранко Црвенковски како ни вели дека Американците и ЕУ не убедуваат да не излеземе на референдум оти биле пријателски кон нас. Небаре тие повеќе не сакаат отколку што ние си се сакаме.
Амбасадорот Батлер е претставник на земја кон која македонскиот народ има пријателски чувства. Тој е личност со која македонските граѓани, тука ги идентификуваат Американците. Зошто тогаш упорно се труди од пријателска земја да си направи непријатели.
Нели испративме војници во Авганистан? Нели сме дел од глобалната војна на неговиот претседател против тероризмот па имаме свои луѓе и во Ирак? Нели се скаравме со ЕУ затоа што подлизурковски ги послушавме САД да не го признаваме меѓународниот кривичен суд?
И сега само затоа што 180 илјади луѓе се потпишале на барање за референдум и затоа што постои можност над 800 илјади луѓе да излезат да гласаат, Батлер ни се заканува. А Батлер ни е пријател. Од кога пријатели се закануваат?
2. Градоначалникот на Скопје Ристо Пенов е подготвен за Европа. Нему не му носат прашалници. Нему му носат мајмуни.
Доаѓаат локални избори па Пенов се сети дека во главниот град има и зоолошка градина. Првата странска инвестиција во градот веќе е реализирана. Добивме мајмун од Нирнберг. Или, како што би се изразил сопратиецот на Пенов, министерот Стевче Јакимовски, Пенов виде млад мајмун.
Додека мајмуните чекаат да ги посети градоначалникот, кучињата чекаат да бидат посвоени од швајцарски семејства. За разлика од редиците за виза пред европските држави, третманот кон бездомните кучиња е многу подостоинствен. Затоа што Швајцарците имаат хуман однос кон кучињата. Досега осум кучиња избегале од Швајцарија на Балканот. Отишле во вистинска Швајцарија.
Во Македонија подобро е да си куче, отколку мајмун. Кучињата чекаат да бидат посвоени од Швајцарци. А мајмуните го чекаат Пенов да ги искористи за предизборна кампања.
3. Министерот Бучковски му рече на Трифун Костовски дека води кампања против него во соработка со еден член на претседателството на СДСМ. Тој се повика на неговите информации.
Од каде има Бучковски имнформации за договорот меѓу Трифун и Тито. Да не им ги слуша муабетите? И кој ги слуша? МВР, или военото разузнавање? Или, СДСМовците, пред Конгресот како најважен настан во државата се прислушуваат меѓу себе?
Можеби не е ни едното, ни другото, ни третото. Можеби Бучко им дал налог на тие што вртеа телефони за да гласаат на телевизиската анкета против референдумот, за промена само да креваат слушалка.
Тоа е во рамките на стандардите на НАТО. Мала, ама флексибилна армија. Сега нема да гласате. Сега ќе слушате.
4. Баш ми е жал што Јани Макрадули се пожали на спикерот Љупчо Јордановски дека со музиката за родендените на пратениците го урива дигнитетот на Собранието. Можеше вчера да го пречека и Романо Проди со музичко добредојде. Да му го пушти Тото Котуњо со онаа Евровизиската за обединета Европа.
Јани не знае што пропуштил. Оти никој не може да претпостави како спикерот би им ги прославил ергенските вечери на младите мажиња од СДСМ. Замислете разголени танчерки како им играат во скутовите на Јани, Кондарко и Игор Ивановски, а тие се потат стегнати во костумите. Јани како најголем кадар од пожелните партиски ергени се поти со две во скутот, а не смее да мрдне со рацете оти ќе го кара Рада. А Игор ќе седи збунет, оти не знае дали Бранко ќе му се налути што не го викнале и него. Само Кондарко ќе има аргументирано оправдување. Ова е масло на ВМРО.
Додека девојките со разголени гради се вртат на дршките за знамињата, Јордановски ќе паѓа во транс и ќе вика: Пичи мајсторе, развали!!!