1. Амбасадорите на западните земји акредитирани во Скопје пред неколку дена се состанале да ја разгледаат актуелната ситуација во Република Македонија. Според извештајот емитуван на А1, амбасадорите расправале за меѓуетничките односи и за текот на реформите. Вчера требало да се сретнат и со лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и нему да му кажат како да се однесува.
Не ми е познато дали во некоја западна земја од каде што пристигнуваат уважените дипломати, има случај група амбасадори да се состанат и да им кажуваат на владата и опозицијата како да се однесуваат. Ако имало таков случај, тогаш тоа сигурно би било “случај” и нивното министерство за надворешни работи во најмала рака би упатило некаква нота или протест.
Арно ама, кај нас амбасадорите не се амбасадори, туку принудни управници.Тие кажуваат дали опозицијата треба да бара предвремени избори, тие учествуваат во зделки за продавање на големи капацитети, тие го убедуваат СДСМ да го признае Борис Трајковски за претседател и, конечно, ако можеме да му веруваме на изворот на А1 ѝ порачуваат на опозицијата да не си игра со стабилноста на земјата.
Во Македонија нема влада во сенка. Во Македонија нема дури ни влада над Владата, ако некој мисли дека собирот на западните амбасадори што се грижат за нашата стабилност може така да се претстави. Принудните управници се собираат одвреме навреме и од тоа што дознаваме за нивните средби, излегува дека не се собрале да зборуваат за Македонија, туку како да го решат албанското прашање. Не е ни чудо, зашто Македонија не ја ни третираат како држава. Виделе со кого имаат работа, па им се може. Кога веќе управуваат со нас, а не нè есапат за држава, зошто не нè прогласат за окупациона зона. Па нека се договорат конечно околу поделбата.
2. По тепачката на триесетина војници на КФОР во центарот на Скопје и претепувањето на еден полицаец, Владата и УНМИК решиле да потпишат договор со кој ќе ги регулираат идните инциденти. Отсега натаму УНМИК ќе ѝ најавува на македонската полиција кога ќе пушта поголема група војници низ град. МВР тогаш ќе ги повлече полицајците од улиците низ кои ќе биде најавено движењето на војниците, за да не се случи повторно на некој полицаец да му ја скршат вилицата.
Сепак, договорот меѓу УНМИК и МВР ќе треба да биде дополнет. Со нив мора да се постапува построго и не смее да им се попушта. На пример, УНМИК да се обврзе дека нема секогаш да ги напаѓа истите кафеани и улици, туку ќе шета и по другите делови низ градот. Или, да не им се ограничува слободата на дејствување само на територијата на Скопје за да нè велат граѓаните од внатрешноста дека Скопје пак е привилегирано. Освен тоа, редно е МВР барем еден ден порано да ги извести граѓаните од околината каде што ќе се забавуваат војниците да не им пречат и да ги ослободат кафеаните и улиците. За доброто на односите на Македонија со НАТО.
3. Претседателот Борис Трајковски успеал, по разговорот со Медлин Олбрајт, да го донесе Хасани во земјава. Ама, тој Хасани не бил Хасани. Којзнае кој Хасани ни го донел претседателот.
Мислам дека коалиционите партнери треба да се договорат дали овој Хасани е Хасани, или не е. И ако го судат, како ќе го судат.
Хасани не е Хасани. Џафери не е Џафери. Владата не е со Хасани. Владата не е со Џафери. Владата не е со сите.
4. Претседателот Борис Трајковски многу ни бил лут зашто пред некој ден во “Вечер спец” сме го објавиле делот од неговото интервју во загрепски “Глобус”, во кој тој говори за своите искуства и средби со странски државници. Ние сакавме да се пофалиме со претседателот кој ни го обели образот пред хрватската јавност, ама тој погрешно нè разбрал. Како да не се гордееш со шеф на држава кој со државници од типот на Кретиен, Блер, Клинтон, Квашњевски е толку близок што со нив расправа теми како да е пред кооперацијата во Моноспитово.
Кога тие виделе колку е часот, го свртиле муабетот на дедовци, мајки, млека, па полскиот претседател Квашњевски дури и му подарил млеко во тетрапак, зашто бил најмлад претседател во Европа. Тоа особено нè радува. Барем знаеме дека претседателот не пие нафта туку млеко.
Рокот на млекото истекува на 2 август. После тоа, Трајковски ќе добие нови подароци. Дародавците од млеко ќе преминат на лижавчиња, а подоцна и на гуми за џвакање. Како и да е, при крај на мандатот можеби ќе се разменуваат со сликички од фудбалери.