ПРИРОДА И ОПШТЕСТВО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:118:"Акотолкусакаместранскавојска,зоштогиизбркавмеГерманците?

    1. Од моментот кога министерот за надворешни работи Благој Ханџиски победоносно изјави дека Советот за безбедност ја увидел својата грешка кога донел одлука за престанување на мандатот на УНПРЕДЕП, Македонија просто не може да се смири од среќа што и натаму независноста ќе ни ја чува странска војска. Како еден вид покајание за гревовите, земјите – членки на Советот сега ќе мораат да ни најдат соодветна војска и по 31 август. Барем тоа можат да го сторат, ама ќе мораат да се посрамотат и понизно да кимаат со главата секогаш кога Ханџиски ќе им отсече: “Гледате, Македонија беше во право кога ви велеше дека на Косово, кога-тогаш ќе пукне”.
    Еуфоричното расположение, предизвикано од фактот дека, најверојатно, странците и во иднина ќе останат да ни ги чуваат границите, се шири со неконтролирана брзина. Не е за верување дека радоста ќе запре само на озарените лица на водителите на ТВ-дневниците кога гордо соопштуваат “Македонија беше во право”, или овој свечен момент за македонската државност ќе најде свое место и во реформата на образованието. Зошто ниту еден автор на детски песнички сé уште не напишал стихови “и да врне, и да вее и бура да коси, УНПРЕДЕП мир ни носи”? Историската победа на Македонија во докажувањето дека била во право ќе мора да се забележи во учебниците по “Запознавање на природата и општеството”. Доста ги малтертиравме децата со комити и партизани – тоа е далечна историја и тие за тоа не се сеќаваат. Сега треба да учат за добрите чичковци што деноноќно бдеат над нивниот мирен сон, а дошле којзнае од каде.
    Кога веќе толку се радуваме на странска војска, не знам зошто нашите пред педесет и кусур години ги бркале Германците. Ама, кој да знае дека некогаш Американците и Германците ќе бидат заедно. Бидејќи одбраната на независноста ни е поврзана со странска војска, можевме да си бидеме независни уште пред педесет години. Ќе почекавме некое време да се смират Германците со Американците, ама затоа не само што ќе бевме независни туку сега веќе ќе бевме во Европската унија и ќе ѝ стававме вето на Грција, сé додека не си го промени ставот околу нашето име.

    2. И покрај тоа што го кутнавме Советот за безбедност на коленици, ние така лесно не се задоволуваме. Одиме понатаму и ќе бараме санкции за СР Југославија.
    Ех, да може да попуштат Кина и Русија, па да му дрмнат некое ембарго на Милошевиќ… Ние сме тука, пак да му помогнеме. Ги имаме врските и контактите од пред некоја година, границата не е одбележана, па може да се шверцува каде што сакаш, УНПРЕДЕП ќе се прави слеп за да може колку-толку да ја испере грешката на Советот за безбедност, а и власта уште не е сменета, па ќе може таа одговорна работа да им се додели на истите луѓе што со успех ја вршеа и пред некоја година. Сигурно веќе парите им се при крај. Може ќе дадат некое денарче за пензии и за социјала. Нема смисла, нека се жртвуваат малку, идат избори. А баш е добро пред избори да ни тргне работата. Ем ќе ни викаат дека успеваме да преживееме благодарејќи на нивната умешност да нé водат и во ненормални услови, ем светот ќе замижува пред дополнителните извори за финансирање.
    И после некој се сомневал дека Македонија немала да ги поддржи мерките на Контакт-групата!? Нема да ги поддржи!!! Со две раце, ако треба, ќе гласаме за најстроги санкции кон Белград.

    3. Со Србите ќе се скараме затоа што на митингот за поддршка на Албанците од Косово на плоштадот Македонија во Скопје беше запалено југословенското знаме, во комбинација со скандирањето за т.н. ослободителна армија на Косово. Плус, на бината беа наредени речиси сите министри и заменици министри од ПДП и пратениците од ПДП и ДПА. Што е тука некаде – околу третина од власта во државата.
    Полицијата уште не ги идентификувала лицата што го палеле знамето на туѓата држава. Тоа не беше случај со оној несреќник Ичо што на Илинден минатата година го газеше знамето на Република Македонија на Мечкин Камен и што беше експресно осуден. Има разлика меѓу двата настана. Не само затоа што во Крушево се сквернавеше нашето, а во Скопје туѓо знаме. Прашање е зашто полицијата успеа да го фати Ичо, а не може да ги фати палачите од митингот во Скопје. Веројатно затоа што меѓу демонстрантите во Крушево имало повеќе полицајци, кои ќе вардат на толпата. А во Скопје немаше потреба од тоа. Нема белки полицајците да ги фаќаат министрите од ПДП. Крушевскиот митинг беше под контрола на ВМРО-ДПМНЕ, а скопскиот под контрола на власта.

    4. Правдата беше достижна и за драчевката Сребра, која со непозната течност од устата го испрскала претседателот за време на минатогодишното илинденско прославување во Крушево. Сребра доби пет месеци затвор – условно. Тоа значи дека во наредните пет месеци, Сребра не смее да го прска претседателот со непозната течност.
    Јавноста е незадоволна од истрагата за случајот Сребра. Како можеше, и по толку време, истрагата да не открие со каква течност бил прскан претседателот.

    5. Во Битола ВМРО-ДПМНЕ освои десет советнички места, и Љубчо и Доста прошетаа низ Широк сокак да ја прослават победата. Петар Гошев одржа прес-конференција и се пофали дека со седумте места на ЛДП, опозицијата победила. СДСМ е, исто така, задоволен, зашто шест места (само едно помалку од ЛДП), по ТАТ и судските процеси во градот во кој Бранко Црвенковски не стапнува, а другите кога одат, ги носат на Пелистер, е дури и повеќе од победа. Сите се победници. Ја победија Битола.

    6. Зошто се дига толкава врева дека победата на Владо Јаневски на изборот на песна за Евровизија била наместена. Па кај нас се местат парламентарни избори, а не песна на Евровизијата.
    Јас лично поголема врева би кренал за измамата што на гласачите им ја направија Македонската радио телевизија и Македонските телекомуникации. Бидуваше ли отпосле да јават дека импулсот за гласањето бил шестпати поскап од нормалниот телефонски импулс?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира