1. Ако прашаш, има ли заеднички јазик меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ПДП, тоа ти е исто како да прашаш: “Имаат ли парите боја?”. Имаат, ама кој прашува таква безначајна работа.
Најавата од конгресот на ВМРО-ДПМНЕ се остварува. Преговорите за коалицирање со ПДП во Скопје и Тетово се она што лидерот на партијата на кичевскиот конгрес го нарече – политички прагматизам. Политичката борба е борба за власт. Во тој контекст и прашањето на заеднички јазик, односно на бојата на парите е сосема беспредметно. Покрај другото и затоа што е далеку побезболно да се манипулира со пари, отколку со нации.
Не знам дали поимот политички прагматизам подразбира и амнезија. Јас не се сеќавам кога таму некој за некого рекол дека создава неприродна шиптарско- комунистичка коалиција? И дека власта ги предала Македонците зашто во своите редови толерира луѓе што се декларирале против Македонија.
Уште Дарвин докажал дека во прашање е еволуција, а не божја волја. Па така неприродното, според теоријата на политички прагматизам, станува природно. Како прва љубов, што би рекол Зоре Темелковски за неговите сокчиња. Кој се тепа, тој се сака. Па така, лутите непријатели, ВМРО-ДПМНЕ и ПДП, стануваат пријатели. Неприродниот коалиционен партнер станува природен.
2. Либералната партија лансира нов слоган. Досега беше:”Способните со нас успеваат!” Отсега: “Го слушаме вашиот глас!”
Способните успеаја да ги купат фабриките и големите фирми. Растоварени од таа обврска сега полесно ќе нé слушаат. Ќе коментираат: “Пушти ги, нека зборат….”
3. Министерот за надворешни работи Стево Црвенковски повторно отпатува за Њујорк. Јавија дека за последните 24 месеци ова му било 22 патување за Америка. Значи, му се има случено да не оди и по цели два месеца. И тоа два пати.
Тој и сега немаше да оди, ама ептен мораше да му го реши проблемот на Метју Нимиц. Така јавија грчките гласила. Дека Црвенковски бил многу лут зошто Нимиц решил да оди на одмор во Грција, па затоа отпатувал во Њујорк. Сега сигурно шета по тамошните туристички агенции и бара некој поевтин аранжман, по можност на рати, да го испрати Нимиц на одмор. Сајрус Венс нема да оди на одмор, па Црвенковски ќе се врати бргу.
Го очекуваме со нетрпение. Уште на аеродромот да ни ја каже дефиницијата за тајност на преговорите. Разбирливо е дека е тајно тоа што се преговара, ама зошто беше тајна дека министерот воопшто ќе патува е сосема неразбирливо. Два дена пред да отпатува, Црвенковски рече дека нема добиено никаков повик. Што, дури и да е точно, не зборува многу добро за нашиот однос како сериозна држава.
Ајде, да речеме дека Црвенковски на прес-конференцијата навистина не знаел дека ќе патува. Значи ли тоа дека тој само чека повик од Њујорк и веднаш ги пакува куферите? А самиот постојано вели дека новинарите претеруваат кога му даваат толку значење на проблемот со Грција и се лути дека ги запоставуваат другите работи од надворешната политика.
4. Ајде на Нимиц некако ќе му се најде место за одмор. Ама што правиме ние? Еве, пред почетокот на туристичката сезона поради загаденост се подготвуваат да затворат уште една плажа во Охрид, Дојран пресуши, Преспа се прелеа во Охрид, Охрид се извалка… Турција е далеку, во Бугарија крадат коли, во Албанија нема хотели, за друго место треба виза… Ќе одиме во Грција.
5. Имам еден предлог како да ги излечиме фрустрациите што сме вака, од сите страни сардисани. Што секаде ни бараат визи, што ни ги паркираат авионите што подалеку од аеродромските згради, што полицајците на граница нé гледаат како да сме пристигнале од некоја далечна егзотична земја за која ништо не чуле, што ги слушаме Европејците кога се фалат како од Хелсинки до Лисабон шетаат каде што сакаат, без да чекаат по пет часа на Деве Баир…
Како реципрочна мерка на шенгенската виза, предлагам балканските земји кои имаат идентични проблеми како нас да се здружат и да направат – балканска виза. Кој сака да дојде од Запад во било која земја на Балканот да мора да поседува балканска виза. По можност и добивањето на таа виза да биде што покомплицирано.
Наш човек, ако сака да патува за Данска, мора да извади виза во нивната амбасада во Виена. А за да стигне до Виена, мора да извади виза во автриската амбасада во Софија. Ете, тој пример нека биде урнек како да се добие балканска виза.
Ако Англичанец сака да патува за Бугарија, ќе треба да извади балканска виза во македонскиот конзулат во Грозни. Визата за дански граѓанин за патување во Албанија се вади во бугарската амбасада во Нижни Новгород. А ако веќе некој од Белгија запнал да дојде на одмор во Охрид, тогаш мора да му се соопшти дека за државјаните на Бенелукс балканска виза со право за влез во Македонија се издава во албанската Канцеларија за врски во Барцелона.