ПРИСТОЈНО ТЕПАЊЕ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:93:"Стоденаподмаски,стоипрвиотсигопокажаалицето

    1 Кога на поранешниот италијански премиер Берлускони му се слоши, прв што се јави за да праша за здравјето беше сегашниот премиер Романо Проди. Не оти Проди и Берлускони многу се сакаат. Што се не си имаа кажано пред изборите. Колку се навредуваа и по изборите. Дури и резултатите не си ги признаваа. Впрочем и на Берлускони и му се слоши откако четириесет минути зборуваше против Владата и против Проди.
    Ама Романо Проди се јави да праша за здравјето на неговиот претходник. Не дека многу е загрижен. Туку затоа што така му личи на еден премиер кога комуницира со претходен премиер. И затоа што Италија е држава.

    2 Македонија не може дури ни да глуми држава. Можеа убаво министрите да се сликаат пред камерите, да се насмевнуваат пред пратениците, да наздравуваат со чашки со претедателот на државата. Па, доаѓа Нова година. Потоа Божик, па стара Нова година… Дајте им малку на луѓето надеж дека и ова е држава. Не дека Груевски многу го сака Бранко, не дека ужива да се слика со него. Ама, институцијата претседател на Републиката се уште не е укината во Македонија. И неговото традиционално годишно обраќање пред Парламентот не е укинато. Баш ми е гајле дали граѓанинот Н.Г. го сака лицето Б.Ц. Ама премиерот и претседателот се нешто многу поголемо од граѓанинот Н.Г. и лицето Б.Ц.

    3 Добро е што Бранко помина само со бојкот од министрите. Можеше да помине многу полошо. Можеше да се појави некој извежбан одред од неидентификувани мажишта пред Собранието, ќе си навлечеа качулки врз главите, ќе го претепаа обезбедувањето, ќе ги скршеа фотелјите и масите и ќе ги избркаа останатите пратеници што дошле да го слушаат Бранко. Никој не треба да го слуша лицето Б.Ц. После ќе излезеше министерката за внатрешни Гордана Јанкуловска и ќе дадеше изјава дека полицијата постапува согласно законот и правилата и со денови ќе ги анализираа лентите од сигурносните камери.
    Дали е “Хард рок” или “Процес”, дали е граѓанинот Трајковски, или лицето Б.Ц. , дали е ДУИ или ДПА, дали е ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ – исто ти се фаќа. Завчера “Хард рок”, вчера “Процес”. Разликата е во тоа што насилството има повисок ранг. “Хард рок” го демолираа хукигани, а за демолирањето на “Процес” е обвинета полицијата. Денеска незадоволните ќе дојдат и во Собрание, а утре одредот со капи на главите ќе му дојде на Груевски и во зградата на Владата да дели правда. Ќе победат едните, ќе ги сменат другите, вторите нема да ги признаваат првите, одредите на едните ќе го натепаат обезбедувањето на другите, МВР апси војска, Владата не почитува претседател и така малку по малку ќе одиме во ЕУ. 100 чекори напред, 15 години назад.

    4 Груевски рече дека не биле обврзани со закон да го слушаат експозето на Црвенковски и дека за работи од државен интерес тие комуницирале со претседателот на државата. Што? Говорот на претседателот во Собрание не е од државен интерес!? Па и оваа Влада не е на ВМРО-ДПМНЕ. Јас мислев дека ова е Влада на Македонија и дека приоритет и се државните интереси, а не партиските.
    Во истата изјава Груевски не утеши дека случаи на насилство имало, има и ќе има.
    Господине премиере, тоа не го најавивте во вашата програма во сто чекори. Ние ве избравме за насилство да нема. А не – да го има, и вие како премиер уште и да го оправдувате.
    Помина прославата и помпезното фалење за владините успеси за првите 100 дена. Како во приказната за дарежливата крава. Ќе дава, ќе дава, па ќе го шутне канчето и ќе го истури млекото.
    Сто дена беа под маски. Стоипрвиот им се откри вистинското лице.

    5 Студентите од Тетовскиот универзитет што му свиркале на спикерот Љубиша Георгиевски добија прекршочни пријави. Полицијата ги обвини за “дрско, мангупско и неприостојно однесување”. Од кога во Македонија се казнува за мангупско однесување? А ако се казнува за непристојност тогаш ретко кој министер или пратеник би останал неказнет.
    Во Тетово ќе бидат казнети тие што му свиркаа на Георгиевски, а тие што ги натепаа ќе останат неказнети.
    Поука за мангупите: Не свиркајте. Бидете пристојни. Тепајте.

    6 Оружјето на АРМ што низ Македонија го возеле бугарски камиони било од 1999 година. За време на конфликтот во 2001 година власта се жалеше дека нема оружје.
    Како во вицот со Македонецот и Османлијата. Му рекол Османлијата на Македонецот да го качи ушка и да го пренесе на брдото. Се мачел Македонецот, се потел, ама успеал некако да се искачи до врвот. Му се заарнило на Османлијата и му рекол на Македонецот: “Ај сега соблечи се и натрти се”. Македонецот се соблекол, се наведнал и од бечвите му изпаднал кубурот. Османлијата се налутил и прашал: “А бе каур, зошто ти е тебе кубур?” Овој му одговорил: “Да ми се најде за зорзаман”.
    Така е и со нашето современо оружје што се најде во бугарските камиони. Сме го имале уште во1999 година, не сме го употребиле 2001, ама сме го чувале за зорзаман.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира