1. Најновата избрана Мис на светот е Русинка. Тоа е настан без преседан, бидејќи Русија првпат учествува на ваква манифестација и веднаш победува. И, како што е редот, веднаш по крунисувањето на светската убавица, водителот пред ТВ екраните прави разговор и ја прашува девојката: “Кога повторно би се родила, дали повеќе би сакала да бидеш убава или паметна?” Мисицата подговено одговорила: “Би сакала да бидам паметна!”
Македонија како пошироко непризната држава и со проблеми за зачленување во Обединетите нации на натпреварувањето на Мис на светот настапувала надвор од конкуренција. Македонската претставничка, чие име не ѝ го споменуваме бидејќи не е важно, затоа што настапувала со привремено име, била најубава во неофицијалниот дел. И, како што е редот, водителот по крунисувањето и неа ја прашал: “Кога би се родила повторно, дали би сакала пак да бидеш убава или паметна”. Таа подготвено одговорила: “Јас би сакала да ја признаат Македонија!”
2. Како прилог во многу конструктивната расправа во Собранието за активностите околу нашето зачленување во ООН, во неможност да се доберам до говорницата, го користам овој начин да ѝ приопштам на светската јавност зошто мислам дека приемот на нашата држава во ООН со привремено име “Бивша југословенска република Македонија” има свои предности:
а) Кратенката од “Бивша југословенска република Македонија” е БЈРМ, ама заради тешкотиите околу изговорот и заради звучноста, ние ќе си ја викаме БАЈРАМ.
б) Името “Бајрам” е одомаќено во нашиот речник преку истоимениот празник на нашите сограѓани со исламска вероисповед. Прифаќајќи го овој збор за привремено име, ние на најдобар начин ќе ја отсликаме Македонија како држава со сите нејзини карактеристики: мултинационална, мултиконфесионална, мултиетничка, мултикултурна, мултисексуална, мултивитаминска, мултикултиваторна, мулти…
в) Со името “Бајрам” ќе ѝ оддадеме благодарност на Турција која меѓу првите нé призна и во исто време ќе ѝ простиме за петвековното ропство. Останува уште тие нам да ни простат што тие пет векови додека биле кај нас сé уште ги чувствуваат, па не можат да му се приклучат на светот.
г) Има два празника Бајрам. Едниот е Шеќер Бајрам и тоа ќе симболизира колку сладок ќе ни биде животот во државата кога ќе нé примат со привременото име во ООН. Вториот е Курбан Бајрам. Во него има голема симболика, бидејќи асоцира на нашата историја во која Македонија е постојано жртвувана – македонски крвопис, ослепени војници, деца бегалци, делете ја, парчете ја, Лисабонска декларација… Малку е лошо, затоа што за време на Бајрам жените мораат да седат дома, додека мажите шетаат. Ама и тоа е привремено. Кога ќе заврши арбитражата на Митеран и кога нема да се викаме Бајрам, и жените македонски граѓанки ќе можат да ја почувствуваат убавината на животот што ја дава членството во Обединетите нации.
д) Конечно, прифаќајќи го ова име, ќе се освестиме дека еве веќе втора година си правиме бајрам на умот дека “признавањето е само прашање на денот”, “проблемот со името е апсурден и ирационален”, “Атина е во паника”, “ЕЗ повеќе не може да го трпи ирационалното однесување на Грција”, “Америка е на наша страна”…
3. Големи потреси се случуваат и на нашата естрадна сцена. Нагло темнее ѕвездата на Митко Анастасовски, благодарејќи на молскавичниот пробив на досега неафирмираниот кантатор Трајан Мицевски. Рефрентот на Анастасовски “да градиме добрососедски односи со сите балкански и вонбалкански држави” (Да живее Индија!) е нула во споредба со тврдењето на Мицевски дека “нас сите што требало нé признале, само ние не знаеме” (веројатно затоа што се информираме од Танјуг). За потоа да продолжи во истиот тон: “До каде што отиде нашето мудро раководство, никој не нé признава, каде не беше – сите нé признаа”.
Во сферата на неговиот творечки занес, сепак не се опфатени малерите што ги следат сите кои на овој или оној начин се занимаваат со Македонија. Ете, Данецот Јенсен штом ѝ даде поддршка на Македонија и побрза да изјави дека неговата земја ќе нé признае – беше сменет. Де Микелис меѓу првите зборуваше за признавање на Македонија, а сега го гони полиција за корупцијата во неговата партија. Таман Бранко Црвенковски се сретна со Амато, другиот ден беше поставено прашање за доверба на италијанската влада. Дваесетина пратеници од македонското собрание беа гости на Конгресот на италијанските радикали во Рим и таму понудија резолуција за признавање на Македонија, а на партијата нагло ѝ се осипува членството и наскоро може да се распадне.
Од сево ова не треба да се извлекува никаков заклучок.
4. Во среда во Македонија ќе допатува турскиот претседател, господин Тургут Озал. Имајќи ја предвид ревносноста на македонската полиција и нивната смисла за организација на сообраќајот, успешно демонстрирана при неодамнешната неофицијална посета на бугарскиот претседател Желев, најдобро е среда да се прогласи за неработен ден.