1 Дали Управата за јавни приходи испратила финансиска инспекција во “Транспарентност Македонија”? Ако не испратила, дали воопшто има намера?
Премиерот Груевски кога го коментираше случајот “непотизам” за сопружниците Горан Трајковски, директор на УЈП, и Габриела Конеска Трајковска, вицепремиерка, рече дека “не се работи за непотизам затоа што тие се проверени професионалци во својата работа и дека кога сопружници се на две високи државни функции тоа е дозволено со закон”.
Е па штом се толку големи професионалци, ете им шанса да се докажат. Директорот Трајковски нека испрати инспекција во “Транспарентност Македонија” . Да испита зошто другарката на жена му Слаѓана Тасева како директорка не организирала водење сметководство. Бидејќи таа невладина организација се занимава со борба против корупцијата и криминалот, логично би било сѐ да излезе во ред. Ама тоа треба да го утврди инспекцијата.
Ете и Берлин го послуша министерот за финансии Трајко Славевски. Централата на “Транспарентност” си го реши проблемот. Не сакаат да си го валкаат името со македонскиот скандал и на нашите загрижени борци против корупцијата им ги зедоа името и дозволата.
Ама во Македонија скандалот сѐ уште не е завршен. Министерот Славевски сега може да ја докаже и професионалноста и чесноста на својата колешка вицепремиерка која во Владата дојде од функцијата претседател токму на “Транспарентност”. Ќе му наложи на нејзиниот сопруг со инспекција да докаже дека документите се во ред.
2 Во писмото што стигна од централата на “Транспарентност” во Берлин стои дека организацијата “ќе им даде шанса на антикорупциските активисти во Македонија да се реорганизираат”.
Антикорупционерите кај нас веќе се реорганизираа. Едни излегоа, други влегоа во Влада.
3 Претседателот Бранко Црвенковски го отповика амбасадорот Љупчо Јордановски од Вашингтон. На доскорешниот претседател на Собрание и близок сопартиец Бранко одлуката за отповикување му ја соопшти преку телевизија. Се оправда дека враќајќи го Јордановски, на барање на Владата, го одбрал помалото зло за државата.
А кое е поголемото зло? Милошоски или Груевски?
Бранко како премиер го избра Јордановски да биде претседател на Собранието. Како претседател го испрати Јордановски да биде амбасадор во Америка. И сега дознава дека тоа било зло.
Да беше Бранко некој државник како што се претставува немаше да дозволи државата да дојде до дереџе да избира меѓу две зла.
Јордановски напиша писмо во весник со кое застана на страната на Бучковски по изборите. Владата го обвини амбасадорот дека се меша во партиски работи. А државникот наместо да ги брани интересите на државата и да го реши спорот со Владата, си дозволи слатка одмазда. Даде придонес кон демократизацијата на партијата. Испрати опомена пред Конгресот на СДСМ.
Кој не е за Рада, не може да биде амбасадор.
5 Градоначалничката на Центар Виолета Аларова пак им се закани на газдите на дивите летни бавчи на Кејот на Вардар и на улицата Македонија во Скопје. Секој месец, околу први Аларова им се заканува преку весници дека ќе ги урне. Со секоја нова закана, тие првиот ден се повлекуваат за по една плочка, а по два дена освојуваат нови две.
Симптоматично е што Аларова тоа редовно го прави на почетокот на месецот. Како да ѝ е обврска за плата.
6 Судот побара од полицијата да го приведе кондовскиот бандит Агим Красниќи на рочиште. Полицијата не го приведе. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска рече дека “како и во сите случаи од ваков тип, ние постапуваме согласно Уставот и законите. Ова е вообичаена работа на полицијата и понатаму ќе ги применуваме соодветните правила на работа.
Кого МВР фатило со стандардните методи за кои зборува министерката? Тоа стандардно значи дека Красниќи може слободно да шета и да се слика за телевизија.