1. Оваа власт секојдневно се труди да нé увери дека е подобра од СДСМ. И успева во тоа. Ете, во рамките на образовната програма на МТВ, неколку вечери по ред, веднаш по Дневникот, по урнек на СДСМ-овската измислица “Дневник плус”, оди ВМРО-вската измислица “Во име на демократијата”.
Во емисијата, како што ни се соопштува со траурен тон, преку “лесен компаративен метод” и “со почит кон нашата аналитичност”, ни се емитуваат изјавите на Бранко Црвенковски, Тито Петковски и на Никола Поповски, дадени непосредно по изборите во 1994 година и сега.
Со почит кон аналитичноста на авторот на оваа емисија, би забележал дека недостигаат изјавите на Љубчо Георгиевски и на тогашниот кандидат за претседател Љубиша Георгиевски. Ама и без тој компаративен метод, државната телевизија уште еднаш докажува дека меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нема некоја разлика. Ако во 1994 година Запад признал фалсификувани избори, зошто тоа не би го сторил и денес?
Затоа СДСМ не треба да ѝ се лути на ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, треба да бидат среќни, бидејќи се покажале како добри професори. Нивните незаборавни лекции од фалсификување на избори до лигавење пред Запад, веќе се добро совладани. Успех на секој професор е да го види ученикот подобар од него.
2. Циле не мора воопшто да се враќа од Америка. Бидејќи, и така наскоро ќе лета. Арбен Џафери веќе му купи билет. Во автобусот веќе нема место за него. Зашто се занесува да биде кондуктер, да работи со пари и да контролира кој се вози. Нема потреба. Љубчо убаво си вози, а ако се замори, тука е Џафери со далечинскиот управувач. И кондуктер не им треба. Наплатата и онака се врши на друго место.
3. Само нема смисла ВМРО-ДПМНЕ да ги има и местата претседател на Републиката, претседател на Владата и претседател на Собранието. Во рамките на идните поделби на функцијата, би требало пратеник на ДПА да стане претседател на Собранието. Белки Арбен Џафери, ќе го издејствува тоа од Љубчо, по сите фалби што ги изрече и за Владата и за партијата. Освен ако не се задоволи само со почесно членство во ВМРО-ДПМНЕ.
Како и да е, кога пратеник на ДПА ќе застане на чело на пратеничкиот дом, тоа ќе биде знак за целосна релаксација на меѓунационалните односи. Кога претседателот на Собранието ќе проговори на албански, за почеток ќе мора да преведува и на македонски. Со тоа ќе се штеди и на техника за симултан превод.
А за вистинска релаксација, најдобро е да не се нервира опозицијата, Во тој случај, пожелно е претседателот на Собранието да не го преведува тоа што ќе го зборува. Секој ќе си зборува на својот јазик. И бидејќи нема да се разбираат што зборуваат, нема ни да се нервираат. И така ќе бидат максимално релаксирани.
На тој начин, и САД и ЕУ ќе биде релаксирани. Тие имаат проблем само Албанците да им бидат задоволни. Бидејќи единствениот проблем ќе им биде решен, ќе престанат да се занимаваат со нас.
4. Сиромашкиот Циле. Не само што остана без автобус туку Борис Трајковски му ги зеде и кокошараниците. Како тргнала работата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе се степаат и за Тајван. Еве, Борис уште отсега фаќа место за тајванските автобуси што ФАС-овци ги направија за Косово. Ај Борис, ама сега и Ѓорѓи Спасов од СДСМ изјавува дека Тајван не морало да биде пречка за односите со ДА. Нешто многу брзо ги заборавија солзите за комунистичката Кина. Па само една недела помина откако го пензионираа Глигоров.
5. Помалото братче секогаш бара помош од поголемото кога сака да се пожали кај учителката. Така и наш Љубчо му се пожалил на бугарскиот премиер Иван Костов и го замолил жалбата да му ја пренесе на Клинтон. Клинтон е многу емотивен, па, не сакајќи да ги види жалните лица на нашата влада, не слета во Скопје, за да не си го расипе денот.
Киро не сакал да оди на аеродром. Саво бил техничко лице, ама не се разбира многу во техника за озвучување на аеродромски платформи и местење црвени теписи, па и тој отпадна од програмата. А Борис ја чека одлуката на Врховниот суд во некоја живинарска фарма.
Така, Клинтон неколку минути висеше над Македонија, а ние не ни бевме свесни. Да ни најавеа барем додека ја надлетуваше Македонија, да ги вперевме очите кон небото. Ако не ни испраќа пораки, барем да викавме “Клинтон пушти летки!”
Поарно е да пушта летки отколку хуманитарни пакети. Среќа што Македонија не е Албанија. Таму Американците беа вљубени во Сали Бериша. Подоцна, во име на демократијата, на народот што си го избра Бериша “со задоволителна постапка и со многу нерегуларности”, му фрлаа храна од хеликоптер.
6. Според тоа колку пари доби Бугарија во однос на нас од Западниот Балкан, излезе дека Бугарите биле најголема жртва во косовскиот конфликт. За тоа што јавно кажуваа дека не сакаат да примат ниту еден бегалец, сега им следува награда. Тие не ги примале косовските бегалци од хумани причини. Биле против етничкото чистење и сакале Албанците да си останат на своите огништа. За разлика од нас, што ги малтретиравме пешки да го преминуваат Блаце.