1 Деновиве ме потсетија на еден стар виц од советската ера.
Некој селанец си ја орал нивата со ѕевгар волови. Имало еден стар и еден млад вол. Арно ама, ралото зад нив правело неправилна бразда. И селанецот го удирал стариот вол. Поминал некој друг селанец и го прашал: “А бе зошто го удираш стариот вол, не гледаш дека овој младиот не знае да ора?” На тоа селанецот одговорил: “А бе знае и младиот да ора, ама овој стариот му намигнува така да прави”.
И претседателот Ѓорге Иванов се пофали дека во февруари во Вашингтон на молитвениот појадок му намигнувал на американскиот претседател Барак Обама.
Претседателот за да не зборува, оти обично погрешно го разбираат, намигнува. Па неговите независни советници во колумни толкуваат што сакал да каже.
Толку за амбасадорот Ристо Никовски и за љубопитноста на американската амбасада како власта и другите ќе реагираат на барањето на независниот советник на претседателот амбасадорот Рикер да се протера од Македонија. Без поздрав. Евентуално, да му се намигне.
2 Добро е што во јавноста се зборува за преголемата улога на странските амбасадори во земјава. Ама тие не се виновни за тоа што самите ние чекаме некој друг да ни ги решава работите. Дури денеска е и подраматично отколку пред 20 години. Тогаш барем чекавме што ќе ни каже Белград. А сега ги чекаме Вашингтон и Брисел. Нивните амбасадори да ни ги седнуваат лидерите на заедничка маса, тие да пишуваат заеднички соопштенија за загриженост за меѓуетнички и меѓурелигиски инциденти, тие да ни кажуваат какво судство треба да направиме, кај нив да се жалиме за слободата на медиумите…
Жално е што и по 20 години во земјава нема политичари што се подготвени да ја преземат одговорноста и сами да ги решаваат проблемите. Странските амбасадори се службеници на своите земји и, кој повеќе, кој помалку, професионално се занимаваат со работата што им ја дале во нивните влади. За разлика од нашите политичари кои, еве, веќе 20 години одбиваат да си ја вршат својата работа.
Оти, кога се на власт, не им чинат странските амбасадори. А кога истите се во опозиција, трчаат по амбасадите и бараат странците да ги вратат на власт.
А ние, сиромашките, си се радуваме дека сме независна земја. И им се лутиме на странците оти н третираат како протекторат. А што сме? Па кај нас не само што политичките лидери и другата интелектуална елита не кријат дека бараат од амбасадорите да решаваат наместо нив туку со тоа се фалат и на вести на телевизија.
3 На новите градски автобуси во Скопје уште стои натписот “Донација од Владата на Република Македонија”.
Зар некој може да се чуди на таква дрскост на власта во земја во која партискиот лидер што е единствен кандидат за претседател, добива 610 гласа за и едно неважечко ливче.
4 На конгресот на ВМРО-ДПМНЕ лидерот Никола Груевски го испрати министерот за земјоделство една недела да оди од село во село со земјоделците и со овчарите.
Министерот за образование го испрати меѓу учителите.
Министерот за здравство го испрати меѓу пациентите и лекарите.
А на министерот за надворешни работи му порача од хотелот во Брисел да шета по калливите улички во селата.
И тука застана. Оти ако продолжеше, ќе го испратеше Михајло Маневски во затвор.
5 Деновиве владее голема загриженост меѓу народот. Сите се затечени од наглата промена на гласовите на ликовите од “Лисјата паѓаат”. Половина нација зборува за тоа оти н тресна како гром од ведро небо.
И ние сме имале проблеми во животот. Многу сме загрижени за “столбот на демократијата”.
6 Во мојот весник во моментов има проблем кој произлезе од судирот меѓу менаџментот и редакцијата.
Бидејќи сме свесни дека секаков проблем во медиум може да се злоупотреби и од власта и од опозицијата, вчера, како главен и одговорен уредник, издадов и официјално соопштение:
Го разбираме интересот на јавноста во врска со актуелниот проблем во нашата куќа МПМ. Но одбиваме и остро се оградуваме од секој обид внатрешните проблеми на куќата да се политизираат и да се злоупотребат во меѓупартиските пресметки од секаков вид.
ВАЦ е меѓународна корпорација со устројство кое го регулира решавањето на проблемите, и ние сите проблеми ќе ги решаваме во рамките на системот на компанијата.
Бидејќи на многумина не им било јасно што сум сакал да кажам, еве уште еднаш да им појаснам со помалку официјален тон:
Работам во куќа која с уште има куќен ред. И во која, барем досега, проблемите се решаваа со прецизна процедура која ја пропишале германските газди.
Затоа не ни очекувајте за решение на проблемот да се обраќам до Бранко или до Груевски. Оти од нивната помош никој аир не видел. Барем не во нашиот бизнис.
Белки не успеал нашиот менаџмент до толку да ги помакедончи Германците за да се доведат до дереџе да затворат четири весници.