1. Премиерот Љубчо Георгиевски, пред неколку дена изјави дека сме полни со пари. Не знаеме што да им правиме.
Оваа изјава беше дадена предвреме. Дури денеска е први април.
2. Тајната на богатството лежи во тоа што министрите премногу работат за државните работи. И, според кажувањето на премиерот, не можат да се видат во кафеани. Бидејќи работат и по 12 часа дневно и во сабота и недела, нормално е и многу да заработуваат. А бидејќи не одат по кафеани, немаат ни каде да ги трошат парите. Така штедат. Си ги чуваат парите под перница. Лежат на пари.
3. Овој марифет нам, обичните граѓани не ни го кажале директно, туку ни испраќаат пораки. Владата сака да има богати граѓани и затоа сега ги затвора кафеаните. Ако не одиме по кафеани, ќе нема и ние каде да ги трошиме парите, па нема да знаеме што да им правиме. Затоа, најостро се спротивставувам на политичката парола извикана пред некоја вечер од еден вратар кој, не знаејќи како да им објасни на збунетите млади луѓе дека во 23 часот треба да си заминат дома, наместо што дошле во кафуле, им се развика: “Гласавте за ВМРО – е па сега забавувајте се!”
Не е убавината само во штедењето. (Што би рекле мајките, нема кафеаната да ви ги пие парите!). Ова е и дел од проектот за унапредување на здравјето на младите. Владата нè враќа во природата. Ќе заживеат Водно, кејот на Вардар, Градскиот парк, Сарај. А во природа алкохолот побрзо согорува. И дрогата е на виделина.
Организирање журки по станови или враќање во времето на хипи-движењето не доаѓа предвид. Затоа што доаѓа полиција. Дозволено е собирање по куќи, откако ќе завршат игранките во фискултурните сали на средните училишта, по 23 часот. Потоа сè преминува во сферата на мистичното. Децата ќе се собираат во друштво без музика и без светлина. На свеќи. Ќе ѝ помагаат на Владата да ги избрка вампирите и да ги повикува добрите духови.
4. Зошто толку се дигна врева околу најновата акција за затворање на кафеаните. Зошто никој не се побуни кога се затвораат толку фабрики. Сега имаме и затворени фабрики и затворени кафеани. Ништо не работи. Тотален мрак. Во оваа земја за сè е виновна КОС и за сè треба да се прашаат ММФ и Светската банка. Така што ние не треба ништо ни да правиме, а камоли да мислиме. Ова е време за спиење. Легни си вечер порано, стани си утре подоцна. И онака нема зошто да се стане.
5. Наместо пролетно будење, на Македонија ѝ се случува пролетно заспивање. Што и не е толку лошо. Најубаво е овој период да се преспие. На сон ќе се најдеме во “Кафе бандерола”. Само се плашам дека и во сонот ќе ни влезе Станинов, па ќе мора и од таму да бегаме.
Бидејќи првиот човек на Управата за јавни приходи го има секаде, отсега ќе го има и на телефон. Даночниците отворија линија за граѓаните да ги пријавуваат несовесните кафеанџии. Таа се вика “ХОТ ЛИНЕ” со Станинов.
Оваа жешка линија е како создадена за менталитетот на македонскиот граѓанин. Кодошењето ни е во крвта, а “Да му умре кравата на комшијата” – животно мото, па така жешката линија ептен ќе се исплати. Не знам само дали на телефонот мора да се испраќаат само жалби, или може и некого да пофалам. На пример, да им кажам на даночниците дека некоја кафеана затворила дури и пред време. Или ич не отворила.
За да има Владата повеќе пари, најдобро е оваа “ХОТ ЛИНЕ” да ја прошири на сите сфери на животот. Има да се кодошат соседите меѓу себе, до немај каде. Опааа, соседот купил нова кола, дај да се јавам да проверат колкава му е платата и дали плаќа персоналец. Опааа, комшивката облекла нов фустан, а ми се жали дека не ѝ стига платата. Сигурно има некој швалер, па нека му ја видат сметката дали плаќа данок.
Владата треба да го почувствува духот на народот и на тој начин да го полни Буџетот. Бидејќи тука секој на секого му е кодош, успехот ќе биде загарантиран. Тука отсекогаш било најважно колку заработува швалерот на комшивката. Затоа: “Ура за кодошките телефони!” Во секој од нас лежи по еден мал инспектор.
6. Толку е смешно што дури и Живко Толевски дочека да биде главен и со него да се занимаваат медиумите во првите вести и на насловните страници. Тоа го немаше ни во времето на СДСМ.
Да не се скри некаде Бранко? Изгледа ептен му се заарни под сенка, па сега не му се излегува на жешко. Дури ни кафеанската прохибиција не го мрднува.
Смешно е што Владата се исплаши од Живко Толевски. Ама уште посмешно е што тој стана поважен од Бранко.
7. По повод воведувањето на данокот на додадена вредност, Министерството за финансии печати пропаганден материјал на кој пишува: “Тешкото… но чекорите се вистински”.
“Тешкото” е традиционално оро што го играле мажите пред да заминат на печалба. Значи, вистинскиот чекор е да се замине од оваа земја. Само што никаде не нè сакаат.