1 Откако колкутолку се обелоденија деталите како ќе изгледа големиот споменик на Александар Велики, македонската нација е соочена со нови предизвици. На која страна ќе биде свртен споменикот? Каде ќе јуриша Букефал?
Основната загриженост е да не случајно Букефал биде свртен кон север, оти таму, од другата страна на Вардар веќе јури коњот на Скендербег. Во ситуација на разнишана доверба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и соочени со заканата на Бранко дека мора да бара албански партнер за да ја зајакне опозицијата, Александар не смее да биде свртен кон север за да се избегне конфликт со Скендербег.
Ако споменикот биде поставен така што Александар ќе гледа кон Водно, тоа дополнително ќе ги влоши односите со Грција, оти јуришот кон југ буди носталгија. Логично е споменикот да биде свртен кон Исток, оти војсководецот стигнал дури до Персија, ама страв ни е Бугарите да не ни го земат и него. Така што останува Александар да биде прозападно ориентиран. Кон ЕУ и НАТО. Така ни дома ни во странство никој нема да може да му најде мана.
Страв ми е само Александар да не даде уште една причина за меѓуетничко несогласување. Оти, според димензиите на новиот споменик, ќе излезе дека коњот на Скендербег од другата страна на Вардар е голем колку едно маде на Букефал од оваа страна на Вардар. Па ќе ни треба Бадентерова комисија да мери колку е 25 проценти од споменикот.
2 За десетте милиони кои Општината Центар и Владата ќе ги потрошат за разни споменици, можеа да се нарачаат објекти од моментално четирите најголеми светски архитекти: Френк Гери, Ренцо Пијано, Рем Кулхаас и Сантјаго Калатрава.
За да се видат објектите кои овие архитекти ги имаат изградено низ светот, се организираат посебни туристички тури. Да имаме еден таков објект во Скопје, луѓето навистина ќе доаѓаа тука само за да се сликаат со него. Како што се сликаат со старите цркви, манастири и џамии кои се нашето најголемо културно наследство и светот ги прифаќа како цивилизациско културно богатство. Во 21 век редно би било да го задолжиме светот со дела на современи архитекти што се признати како светско културно богатство.
Кај нас, кога ќе дојдат туристите, додека го чекаат Александар, стариот театар и црквата на Плоштадот, ќе се сликаат покрај куќата на мајка Тереза. Затоа што никој нема да им верува дека такво нешто стварно постои.
3 Го слушнав пред некој ден вицепремиерот Ивица Боцевски како рече дека “партизацијата на општеството е рецидив од комунизмот”.
Рецидив, рецидив, ама и на ВМРО-ДПМНЕ и се погоди. Камо среќа вработувањето по партиска линија да е како во комунизмот. Оти тогаш ем што немаше толку невработени ем партиска книшка се бараше само за директорите. А сега и за чистачка и за инкасант на патарина треба да имаш партиска книшка. Така што рецидивот од комунизмот стана стандард кој и оваа реформистичка влада на ВМРО-ДПМНЕ не само што не го напушти туку го прифати и по хоризонтала и по вертикала.
Вистинската историска промена на општеството Груевски ќе ја направи ако почне да вработува според знаење и способност, а не со воведување веронаука и верски празници.
Ама тоа е малку потешко. Оти тоа не е евтин популизам. За тоа ќе треба повеќе доблест и решителност. Груевски не треба да заборави дека на власт не го донесоа само партиските војници. Но се прашувам дали тој ќе има капацитет да излезе од кругот на “евет ефендиите” околу него и да ги чуе и другите разумни луѓе.
4 Традицијата продолжува. Откако претседателските кандидати во изборната кампања шетаа по амбасадите, сега и Претседателот и премиерот отидоа во свечена обиколка на зградата на новата амбасада на САД.
Обично амбасадорите одат кај премиерите и претседателите. Ама кај нас се знае кој е шефот. Инаку, зошто Груевски и Црвенковски би шетале да ги разгледуваат канцелариите на Филип Рикер? Да не проверувале дали кујната е по ХАСАП и дали има тоалетна хартија во тоалетите?
Се знае што треба да биде првата работа која ќе треба да ја направи по инаугурацијата претседателот Ѓорге Иванов. Да прошета по новата американска амбасада во Скопје. Да ги провери просториите каде ќе чекаме за виза. Дали американска виза ќе се вади по европски стандарди.
Убаво е тоа што првите луѓе во државата шетале да видат нова зграда и канцеларии. Но тоа е мала утеха за фактот дека американскиот потпретседател Џо Бајден на првата балканска турнеја нема да дојде и во Македонија.
5 Во понеделникот Здружението на новинари одржа протест. Меѓу другото, протестот беше предизвикан и поради тоа што една колешка од А1 Телевизија пред неколку недели била осудена без да знае дека има судски процес против неа.
И јас бев на протестот, иако не сум член на Здружението. Како граѓанин и професионалец верувам дека треба да се протестира против корумпирано судство и за остварување на правото на фер судење. А и да се охрабрат судиите што не потпаѓаат под притисоци.
Имав среќа дека баш тој ден немаше закажано рочиште против мене. Да се протестираше ден подоцна, ќе ми се поклопеше терминот за протест со судскиот процес кој против мене го води Велија Рамковски, газдата токму на осудената новинарка со која се солидаризиравме.
Ќе ја поддржам колешката. Ама не сум сигурен дека таа или кој било вработен во медиумите на Рамковски утре ќе излезе мене да ме поддржи ако газдата, кој сега одеднаш е изразено антивладин, реши да сврти капа и да стане провладин, како што досега повеќе пати се случувало. Не само што нема да ме поддржат туку ако побара газдата од нив, и јавно ќе ме исплукаат. И око нема да им трепне што со тоа си ја плукаат и својата професија.
Па после кога новинарите ќе ми зборуваат за притисоци, нека размислат дали самите нешто прават тие притисоци да ги одбијат.
6. Не знам кој е во право во спорот меѓу ЕВН и ЕЛЕМ. Знам дека не е во ред што амбасадори толкуваат судски одлуки. Ама како да му верувам на вицепремиерот Ставревски кога објаснува дека “постојат договори и постојат судови”, а во исто време Судскиот совет нема ни 3 секунди време колку што е потребно само да констатира дека некоја судијка веќе навршила 64 години. Претседателот на Судскиот совет Васил Грчев вели дека имал поприоритетна работа од пензионирањето на Филимена Маневска. Што е поприоритетно? Да не проверуваат дали матичарот ја запишал пред да се роди?
Претседателот на Судскиот совет се плаши од сопругата на министерот за правда, а Владата се лути оти амбасадорите се сомневаат во независно судство.