1. Отсега па натаму нема да можеме да се фалиме по светот дека сме извојувале самостојност без ниту еден испукан куршум. Војниците на АРМ деновиве масовно пукаат во говедата во Скопско и Велешко. Борбата против шапот и лигавката така стана дел од нашата борба за правење самостојна држава. Велат дека сме силни, а ваму дозволија болеста од Албанија да се пренесе дури до Скопје.
Пред две недели во Министерството за земјоделство држеа прес-конференција на која нé уверуваа дека кај нас нема ниту “луди крави”, како во Европа, ниту шап и лигавка, како во Албанија. Сега одеднаш состојбата е алармантна. Треба ли да им се верува на информациите од таа прес-конференција? Или пак ветеринарните служби и Министерството мислеле дека Албанија е некаде во Австралија и дека тоа што таму два месеца беснее оваа болест нас нé треба да нé загрижува? Треба ли да им веруваме, кога дури сега дознавме дека Европската комисија неодамна ги известила нашите дека не е задоволна од начинот на којшто превентивно се заштитуваме од шапот и лигавката во Албанија? Треба ли да им веруваме кога знаеме дека прво дознавме за затворањето на некои гранични премини од југословенски извори, а дури другиот ден попладнето јавно беше обелоденета болеста кај нас?
Бидејќи неодамна ја парафиравме Спогодбата со ЕУ, повеќе ќе ни прилегаше некоја европска болест. На пример, како Англичаните да имаме “луди крави”. Наместо тоа, ние имаме, исто како Албанците – лигави крави. Покрај толку лигуши во државата, фалеше уште кравите да ни се разлигават. Сега сме држаа за – прва лига.
2. Како дел од историјата на македонската битка за самостојност можеби некој ден на децата ќе им се препорачува расказ “Столе го виде Тито”. Се работи за многу поучно четиво со наравоучение дека тркалото се врти – оној што бил горе, некогаш може да се најде долу.
Претседателот на Либералната партија, Стојан Андов, беше примен од претседателот на Собранието, Тито Петковски. Кога Андов го виде Петковски, му се пожали на односот на власта кон опозицијата. Побара Собранието да донесе деловник за работа.
Стојан Андов пет години беше претседател на Собранието и можеше кога сака да иницира донесување деловник за работа. Сега, веројатно, се почувствувал исто како Љупчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ кога на времето тие од него бараа работата на Собранието да се уреди со деловник. Георгиевски е во подобра позиција од Андов. Тој е научен да биде опозиција, за разлика од Андов што секогаш бил позиција. Затоа сега неговата партија се однесува како ВМРО-ДПМНЕ во почетна фаза.
Петковски го ислуша Андов. Му вети дека до донесувањето на деловникот Собранието ќе изготви протокол. Опозицијата ќе се однесува протоколарно. Тоа е токму вистинското решение за СДСМ. Ќе продолжат да владеат како што сакаат, а надвор ќе им се брои како да се во повеќепартиски систем. Ќе добијат протоколарна опозиција. Таа ќе биде само за покажување.
3. Предизборната кампања за локалните избори веќе почна. Стартуваа здружените политички партии на Албанците, без владејачката ПДП. Одржаа митинг во Тетово.
Митинг како митинг. Се пееше албанска химна, се виореа албански знамиња, се употребуваше терминот “Славомакедонци”, државата се нарекува “БЈРМ”… Истата слика сме ја гледале многупати низ Македонија и не е за изненадување.
Мислам дека требаше да развиорат макар едно македонско знаме, колку да замачкаат очи пред светот. Вака излегува дека не само што не ја признаваат Македонија како своја држава, туку воопшто не ја признаваат ни државата. Има ли логика да бараш права од некого што не го признаваш?
4. Важно е Македонците да си ја признаваат сопствената држава. Признавањето на државата не мора задолжително да значи и почитување на македонскиот јазик.
Што ќе ни е македонски јазик, кога одлично разбираме српски? Телевизијата “Сител”, веќе неколку недели по ред не наоѓа за потребно да ги титлува епизодите од белградската ТВ серија “Среќни људи”. Среде Скопје, на телевизија си гледаме српски серии, без никаков превод, како да сме среде Србија и како “Сител” да не е македонска приватна ТВ станица, туку некоја локална станица на ТВ Србија.
Во оваа држава, колку што ми е познато, постои Министерство за култура, кое меѓу другото би требало да се грижи за негувањето на македонскиот јазик и култура. Мислам дека постои и Министерство за сообраќај и врски кое би требало да се грижи за фреквенциите како национално богатство. Во оваа држава постои и Влада, во која не мора баш сите министри да гледаат “Среќни људи”, ама барем министрите од Социјалистичката партија ако се партиски дисциплинирани би требало да ја следат програмата на приватната станица на нивниот лидер. Или гледаат, ама не забележуваат дека нема превод. А српски, а македонски, исто им се фаќа! Конечно, во оваа држава белким постојат културни институции, културни работници, уметници и што ли уште не, кои би требало да водат некаква сметка за јазикот.
Ако денес не ни пречи тоа што нема превод на македонски јазик, зошто тогаш утре би ни пречело пак да бидеме иста држава. Само што дури и во поранешната СФРЈ ни една емисија на македонскиот простор не можеше да се емитува без превод на македонски јазик.