1 Секоја година за 11 Октомври, на некоја од телевизиите оди анкета меѓу граѓаните. Ги прашуваат што се случило на 11 октомври. И тие одговараат: “Тогаш пукнала првата пушка”. Оти уште од мали сме ја научиле фразата “Пукнала првата пушка”. А што значи тоа некои знаат, а некои не знаат. Тоа било во минатиот век.
Некако во исто време кога го одбележуваме пукањето на првата пушка, во последните четири години го чекаме и извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите кандидатки за ЕУ. Дополнителна возбуда е дали Комисијата ќе препорача почеток на преговорите, за да можеме после во декември да чекаме и датум.
Така што последниве четири години животот, вака така, ни влегува во европска рутина. Во јуни планираме одмори, во септември правиме ајвар, во октомври го чекаме извештајот, а во декември го чекаме датумот. Па после чекаме Нова година за да ни донесе нова надеж. И чекаме што ново ќе ни смисли Грција. Тоа нема датум. Тоа е без рок на траење.
Ова со чекањето датум ми е нешто слично како фразата со првата пушка. Убаво ни го смислиле политичарите. Имаат една стихотворба што ја научиле напамет и постојано ни ја повторуваат. Сите го чекаат датумот. А никој не знае што значи тоа. Иако извештајот им е многу важен. А датумот им е уште поважен. За да може власта да се пофали со постигнатото. А опозицијата да критикува за непостигнатото. И сега цела недела ќе си зборуваме за датумот.
Баш ми е гајле што пишува во извештајот. Баш ми е гајле и дали ќе го добиеме датумот. Конечно, баш ми е гајле дали тие во Брисел ќе ми дадат преодна оценка, ако јас не гледам дека сум ја заслужил.
Оти се сомневам дека баш на тој датум, ако треба да одам на суд, ќе можам да очекувам дека таму навистина може да се добие правда. Се сомневам и дека партискиот војник поставен во јавната администрација на некој шалтер ќе ми заврши работа без да треба да земам денови од одморот. Исто како што се сомневам дека од недоветното судство и партискиот војник не ќе можам ни за бизнис да се осмелам. Ако не му веруваме на судството, не можеме да чекаме ни инвестиции. Ако нема инвестиции, не можеме да се бориме со сиромаштијата. Ако не се избориме со сиромаштијата нема да имаме ни подобро здравство, ни подобри патишта, ни подобро образование, ни подобри медиуми…
На крајот на краиштата, не може Филе повеќе да н сака нас отколку што ние самите си се сакаме. Така што ни тој не може да направи повеќе за нас отколку што ние можеме да направиме самите за себе.
А можеме ли?
2 Европската комисија препорача да се почнат преговори, меѓу другото, и поради опасноста од продлабочување на меѓуетничките судири. Најжежок костен во моментов се училиштата. Впрочем, с почна со преименувањето на училиштата во скопската Општина Чаир.
Министерот за образование Панче Кралев и неговиот заменик Сафет Незири, кога ќе ги прашаат како ќе ги решат проблемите во образованието што имаат врска со учениците Македонци и учениците Албанци, одговараат сложно: “Тоа ќе се решава во рамките на институциите на системот”. Тоа е исто како кога некој ќе рече “Тоа треба да го реши државата”. А што значи тоа, никој не знае.
Си најдоа и Панче Кралев и Сафет Незири стихотворба како онаа за првата пушка и за датумот за преговори. Нивната формулација е “институциите на системот”.
Притоа забораваат дека едниот е министер, а другиот заменикминистер. И дека тие се “институција на системот”. Не е белки само Филе некоја битна институција во оваа држава.
3 Со отварањето на “Скопје сити мол” се заокружува приказната за атрактивен главен град. Покрај Дизниленд во центарот, добивме голем трговски центар на два три километри од центарот. Додека чекаме датум за преговори, дај од Арачиново да направиме Лас Вегас. А Кондово и Сарај ќе ги чекаат европските фондови за да станат центри за авантуристички туризам.
Проектот “Скопје 2014” добива комплексна завршница.
4 Вчера во главниот град на Норвешка Осло беше доделена Нобеловата награда за мир. Годинава добитник е Европската унија. Толку ли немаа кому да ја дадат?
Нобеловиот комитет на Норвешка, чии граѓани двапати на референдум одбија влез во ЕУ, им фрли милион и двеста илјади долари, колку што вреди наградата на земјите од ЕУ. Џабе се радуваат во Брисел. Грција веќе им ја потрошила наградата.
5 Во извештајот на Филе на сите земји аспиранти за ЕУ им се најде по некоја мана. На Србија фалело Косово, на Косово му фалела Србија, на Турција се фали, Црна Гора е мала, на Хрватска фалел Неум… Само на Исланд ништо не му фали.
Филе рече дека преговорите за членство на Исланд добро напредуваат, но влезот во ЕУ останува тема за жива дебата во земјата. “Сигурен сум дека ЕУ ќе може да претстави пакет за преговорите кој наскоро ќе им овозможи на Исланѓаните да донесат одлука базирана на целосна информација”, рече Филе.
Ни банкротираните Исланѓани не сакаат во ЕУ. А ние небанкротираните едвај чекаме датум.