1. Автомобили-бомби не пукаат само таму некаде далеку во светот, што како настан заслужуваат да ги видиме снимките при крај на ТВ дневниците. Овој пат тоа што се случува таму некаде низ светот се пресели во центарот на нашиот главен град. Извршен е атентат врз нашиот претседател, случајни жртви се наши сограѓани, можеше да настрада било кој што во тоа време имаше работа во нашата банка, што седеше на терасата на нашиот хотел, што одеше на изложба во нашиот музеј, што тргнал да купува во нашите продавници… Сé е исто како во светот. Дури и професионалноста со која е изведен терористичкиот напад.
Во светот обично се јавува некој што ќе ја преземе одговорноста за атентатот. Кај нас, кукавички, организаторите не се јавуваат. Во светот по ваков настан веднаш се бара и одговорност на тие што не успеале да го спречат атентатот. Кај нас, барем засега, никој и не побарал таква одговорност. Што е уште еден доказ дека стануваме светски дури и по тероризмот, ама по прашање на одговорноста сме на крајот од светот.
2. Навистина Министерството за внатрешни работи се обиде да направи една прес-конференција, ама искрено, не ми е јасно, на кого ли му згрешиле тие луѓе што ги “нацртаа” пред педесетина домашни и странски новинари, со целосно неискуство за односи со јавноста. Кога ќе ставиш оперативец-полицаец да одговара преку директен радио и ТВ пренос на прашања на новинари, речиси од цела Европа, нормално е да се очекуваат киксови од типот: “блиндиран мерцедес чини 500 илјади марки”, или “претседателот сакаше да седи на предно седиште”, или “како мислите вие дека безбедноста потфрлила?”. Впрочем, тие луѓе и се платени да ја вршат својата работа, а не да покриваат нечиј сектор со појавување на прес-конференции, за што очигледно не ги бива.
Лесно е да се прават конференции за печат кога ќе се фатат неколку килограми хероин на Деве Баир. Дали некој мислеше дека со истата леснотија ќе се излезе пред новинарите и кога се работи за атентат, во кој само чудо (многу повеќе од среќа) го спаси претседателот?
3. Не ме чуди што во јавноста сé уште не се има огласено портпаролот на Владата Ѓунер Исмаил. Тој е задолжен за ведри теми и да ги прави прес- конференциите забавни. За сериозните теми обично беше задолжен министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски. Како, на пример, за меѓунационални односи, за човекови права, за меѓународно право, за надворешна политика… Атентатот врз претседателот Киро Глигоров изгледа е премногу сериозна тема, дури и за него.
Кога би бил доследен на својот ноншалантен и смирувачки стил на давање одговори, министерот Фрчковски и за овој настан би требало да се очекува да го прокоментира со зборовите: “Па, атентати на претседатели се случуваат и на други места”.
Впрочем, и на други места се случуваат нерасветлени убиства, како, на пример, она со семејството Мудинови во Струмица. Веројатно и на други места среде судница во мало гратче некој убива тројца, па потоа бега и не го пронаоѓаат. И на други места, одвреме-навреме, се вршат чистки во полицијата, кадрите се поместуваат вертикално и хоризонтално, генералите вообичаено ги ставаат за директори на средни училишта, никаде во светот не постои Факултет за безбедност…
Дали се сеќавате на случајот “Хард рок?” И дали се сеќавате како заврши?
Мене лично, на пример многу ми беа интересни и шизички изјавите од типот “приватна забава”. Многу симпатична ми се чинеше и забелешката – “издувани балони”.
Бомбашкиот вторник сепак сосема ја засени луцидноста на овие коментари. Ретко кој во Македонија, а верувам и самиот Фрчковски можеше да претпостави дека и издувани балони можат да пукнат. Среде Скопје, пред хотелот Бристол.
4. За малку ќе заборавев да прашам. Ми се чини дека ние во Македонија имаме и претседател на влада по име Бранко Црвенковски. Го видел ли некој деновиве? Да не кажал нешто човекот, а ние не сме го слушнале?
5. Ако нема дома, има кој да зборува надвор. Ете, министерот за внатрешни работи на Бугарија Љубомир Начев дава изјави за здравствената состојба на претседателот Глиговор. Го бива човекот и за лекар. Настрана што веќе знае кој го направил атентатот. Ама не сака да им каже. Не е фер. Нели пред десетина дена со нашиот министер потпишуваа договор за соработка. Фрчковски не треба да го боли глава. Нека му се јави на Начев и сé ќе му каже. Особено што атентаторите биле наши луѓе. Начев вели дека не биле Бугари!
Не знам само од каде му паднала таа идеја? Мора некој да му го кажал вицот за мувата и за ишкањето од капата.
6. Особено беше интересен предлогот на пратеникот Сали Рамадани, македонскиот парламент наместо да донесе Закон за знамето на Република Македонија, да донесе Закон за знамињата на Република Македонија.
Како Рамадани сфаќа една држава со повеќе знамиња, може да се претпостави. Бидејќи мене такво нешто никако не ми влегува во глава, си мислам: Можеби треба секое семејство да си има сопствено знаме. Како во средниот век. Уште подобро е да се вратиме во периодот на првобитната заедница. Тогаш секое племе си имало свое знаме.
При враќањето во првобитната заедница најдобро е да одиме подалеку во историјата, кога уште не бил измислен огнот. Така и атентатите врз претседателот ќе се прават со фрлање камења. Белким тогаш службата за обезбедување ќе може да се покаже во вистинско светло.