1. Не штедете народе! Побрзајте да си купите пет-шест пиштоли на црно, за подготвено да ја пречекате наградната игра. Што е инвестиција од пет пиштоли во однос на автомобил “пежо”, каков што можете да добиете ако учествувате во наградната игра “Врати оружје, ќари кола”. Како ли на НАТО не му текна ваква идеја пред две години кога “Неопходната жетва” на ОНА не му даде добри резултати.
Оваа држава е рај за криминалците. Ај што не ги апси ако имаат нелегално оружје, ај што ги моли со убаво да го предадат, па сега уште и ќе ги наградува.
Зошто државата реши да подарува пежо и скутери? Тоа се премногу мирнодопски средства за љубителите на оружје. Замислете колку ќе биде голем одзивот на наградната игра ако наместо пежо, државата доделува борни возила. Или, тенкови. Така добиваат и двете заинтересирани страни. Ем државата се ослободила од нив, како што и вели НАТО, ем среќните добитници ќе си ги заменат пиштолите и пушките со тенкови и борни возила.
Во подготовките на големата наградна игра најмногу изненадува изјавата на министерот за одбрана Владо Бучковски. Тој не очекува којзнае колкаво собрано количество оружје, ама резултатите ќе се видат оти акцијата ќе била симболична. Ако, акцијата е симболична тоа значи дека во наградната игра ќе учествуваат малку играчи. Што помал е бројот на играчите, толку поголеми се шансите за добивка.
2. Амбасадорката Мерие Рушани призна дека доцнела 15 минути на приемот на претседателот Борис Трајковски во Рим. Значи доцнела на сопствениот прием. Но, таа не се чувствува виновна. Виновни се македонските новинари кои ги тероризираат Албанците дури и кога тие се амбасадори. Клетите македонски новинари не ја почитуваат академската четврт на госпоѓа Рушани. Ако е амбасадорка, не значи дека не е академски граѓанин.
И Борис не знае дали амбасадорката била до него на приемот. Чекал за пропустот да јават весниците, па тој да се најде во работа. Ќе испитувал дали ја видел, или не ја видел неговата амбасадорка. Иако неговите од Кабинетот не ја виделе. Ама бидејќи сака пак да биде претседател, а Рушани е од ДПА која најмногу си го сакаше Борис за шеф на државата во 1999 година, ќе се прави дека ја видел.
3. Поскапе горивото. Ама не сите видови. Поскапеа дизелот, екстра лесното гориво и мазутот. Бензините не поскапеа.
Дизелот поскапе за тракторите затоа што сега е сезона на есенска сеидба.
Мазутот поскапе затоа што почна грејната сезона.
Бензинот не поскапе затоа што тие што се возат во коли мораат да стигнат на време да донесат одлука за поскапување на горивата.
4. Меѓународната кризна група и препорача на македонската влада самата да си направи список на лица кои би можеле да се испратат на судот за воени злосторства во Хаг, а Карла дел Понте потоа ќе види кој од нив евентуално и навистина ќе го обвини.
Како ли Владата сега самата ќе го прави списокот? Дали да го составува по рамковен договор? Или, да оди не со пропорционална, ами со правична застапеност на Македонците и Албанците? Или и овој пат да направи најгруба дискриминација и на списокот за Хаг да не стави ниту едно албанско име?
Веќе е најавено дека обвинителството во Хаг разгледува два случаи на воено злосторство направени во Македонија. Ама за едното имало докази, а за другото било тешко да се обезбедат докази и да се најдат сведоци. Погодувате што е што. На едната страна се бранела државата, а од друга страна напаѓале бандидите. Во државни органи има некакви документи. Бандитите сигурно не правеле архиви.
5. На Радмила Шеќеринска и се брза. Сите и велат дека е рано да поднесува барање за членство во ЕУ, ама Рада запнала за Европа. Ако треба и самата ќе оди за Брисел. Еве ја со картата во рака, трча да не го пропушти летот.
Во Европа ќе одима како во приказните за мали деца. Кога Рада беше мала имаше серија сликовници со Марика што го запознава светот. Едната се викаше “Марика лета со авион”. Новата сликовница со европски стандарди се вика “Рада лета со авион”.
На патот за Европа најголема пречка ќе биде ако Рада потпадне под влијанието на туристичките проспекти со кои Бранко и Стопанската комора пред десетина дена се претставија во Русија. Таму се рекламираше “Палер Македонија”, што уште во 1996 година беше приземјена од тогашната влада на Бранко. Министер за транспорт тогаш беше Димитар Бузлевски.
Раскол во Владата на патот кон Европа. Во авионот на “Палер” има едно место, а за него се скарале Илинка и Рада. Авионот лета за Брисел, преку Москва. Ама никако да тргне на пат кон Европа. Чека дозвола за полетување од Бузле.
6. Стојан Андов не знае дали ќе се кандидира за претседател на државата. Рече дека ќе чека да види со каков квалитет ќе бидат другите кандидати, па потоа ќе одлучи.
Андов е претпазлив по однос на идниот претседател. Оти овој сегашниот се покажа со квалитет. Борис ги постави стандардите за квалитетот на македонскиот шеф на држава. Тој не е квалитет што се слуша. Претседателот е квалитет што слуша.