РАДОСНИ УСПЕСИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:39:"Тетовопукаодрадост

    1. “Другарице и другови, постигли смо огромне успехе. Ја сам импресиониран.” Така зборуваше Тито. А овој будалест народ сакаше на претседателските избори да направи и по Тито – Тито. Нам Тито не ни треба, зашто си го имаме Љубчо. Со него постигнуваме огромни успеси. Толку се забележителни што на другите им е криво. Од љубомора ни ги гаѓаат полициските станици со минофрлачи.
    Бомби ни фрлаат зашто ќе сме влезеле во Европската унија. Сериозен ли е премиерот Љубчо Георгиевски кога ни го кажува ова, се обидува да нè смири со мамење, или навистина верува во тоа што го зборува. Најстрашно е ако верува.

    2. Којзнае, можеби премиерот располагал со некои тајни податоци кога пред седницата на Советот за безбедност ни ја кажа причината за најновиот бомбашки напад во Тетово. Сигурно некој му направил сериозна анализа. Инаку би имале несериозен премиер кој се потпира само на онаа народната “Да му цркне кравата на соседот”.
    Тешка е македонската судбина. Душманите никако не ни даваат да се израдуваме на големите успеси што сме ги постигнувале. Од завист што сме ги подигнале односите со ЕУ, ни фрлаат бомби во средини со етнички мешано население.
    Само, ако целта на напаѓачот му била да ни ја намали радоста поради приближувањето кон ЕУ, зошто, пустиот ја гаѓал онаа старовремска бандера со електрична инсталација. Ако веќе сакал да ни ги наруши односите со Европската унија требало да избере бандера со телефонски кабел. Така ќе можеше да ги прекине врските. Вака, што направи? Ја погоди бандерата со струја и наоколу завладеа мрак. Ништо не постигнал. И со таа бандера, и без неа, државата ни е претворена во темен вилает.
    Можеби премиерот сепак се измамил со своите анализи на тема: “Радоста на успесите”. Како што добро ја знае приказната за кравата на соседот, тој мора да ги познава и балканските обичаи за време на големи радости и прослави. Зошто Љубчо толку црно гледа на работите? Зошто наместо да нè теши со противници и непријатели, не ни смисли приказна дека во Тетово се пукало од радост. Нели на овие простори, кога нешто се прославува и кога не може поинаку да се искаже радоста се пука со пиштоли и пушки. Така е на свадби, на победи на спортски натпревари, на крштавки, на сунет… Е, овој пат бомбашот од Тетово не пукал со пиштол, зашто тоа оружје му се видело мало во однос на големината на успехот кој треба да се слави. Изгледа дека станува збор за некој ептен европски ориентиран тетовец кој за прославата на овој успех морал да земе рачен минофрлач.

    3. Ова бомбите добро доаѓаат, одвреме-навреме народот да се занимава со поинтересни приказни отколку некакви јавни набавки, сомнителни купопродажни договори, невработеност, валкани долни облеки и други успешни дострели на власта. Башка, доаѓа пролет, затоплува, опозицијата најавува жешка пролет, се подготвуваат поскапувања, па може некому да текне да излегува по улици и да се собира по плоштади.
    Наместо тоа, поинтересни се приказните за народните непријатели и противници, повторно ќе го активираме КОС, шпионите ќе работат на разнебитувањето на националното битие, соседите ќе ни завидуваат, а Албанците и Македонците ќе се караат. Успехот на владеење е загарантиран – народот е исплашен, а раководството ни е релаксирано. Освен ако некому бандерите и разните видови трупци не му се причинат луѓе, па да рокне некоја бомба во кафуле или во чајџилница.

    4. Премиерот имаше уникатно размислување и за одлуката на бугарскиот Уставен суд за забрана на ОМО “Илинден – Пирин”. Тој рече буквално вака: “Ако сега нешто е забрането, а постоело пред еден месец, ако била призната ОМО ‘Илинден’ и таа учествувала на парламентарни избори, а тоа, очигледно, не сакаше да се прифати како добра политика, по сè изгледа, мора нешто да изгубиме за да сфатиме дека претходно тоа, сепак, било нешто, а ние не сме знаеле да го оцениме”.
    Па, видете сега. Ако Република Македонија постои како држава, по сè изгледа, ќе мора да ја изгубиме за да сфатиме дека претходно постоела, ама не сме ја ценеле. Така, нели?
    Впрочем, што би рекол претседателот Трајковски: “Тоа не е политичко, туку правно прашање”. Голема утеха.

    5. Пасошите на Кушнер ќе важат за Европската унија. Значи, ќе мораат да важат и за Македонија. Само што во ЕУ ќе се патува со виза. А каде ќе се вадат визите ако во Приштина нема конзулати? Во Скопје. Значи, со пасошите ќе може слободно да се влегува само во Македонија.
    За укинување на визниот режим со ЕУ, од Брисел ни забележуваат дека не сме ги контролирале како што треба граничните премини и дека, поради порозноста на границите, низ Македонија се одвива шверц на оружје, дрога и луѓе. Од една страна ни велат: “Стегнете ја контролата”, а од друга страна нè стимулираат да се врземе токму со Албанија и Косово од каде што доаѓа шверцот.
    Ќе ни градат и автопат до Приштина. Одат по логиката, ако веќе оние не можат да ја контролираат границата, дај да им ја избришеме. Во Европа ќе влеземе без граници. Заедно со Албанија и Косово. И не треба да се грижиме дека ЕУ и САД со регионалните иницијативи ни подготвуваат обнова на бившата југословенска федерација. Во ЕУ ќе влеземе како западнобалканска федерација на албанските територии.

    6. Бензинот повторно поскапе. Цената на нафтата на светскиот пазар падна. Ама нашата нафта е купена по стара цена.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари