РАМКОВЕН ДОГОВОР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:62:"Нашитенапаѓаат,Шаќиривонапад...

    1. Бранко ни е малку збунет. Џабе се фалеше дека ќе победи на 15 септември и се жалеше дека веќе на 16-ти ќе мора да се фати со тешка работа. Само што не ни кажа кој месец. Оти, еве веќе помина и 16 октомври, а ние се уште се чудиме кога ќе се фати со работа. Му треба време да ја состави владата. Дали, додека четири години се бореше да го симне Љубчо од власт, воопшто помислувал што ќе прави ако тоа навистина се случи. Сите претпоставуваа дека СДСМ ќе победи на изборите. Само Бранко е изненаден од победата.
    Сега е изненаден и од барањата на Али Ахмети. Не може да сфати како ДУИ сака да го земе министерството за надворешни работи. Замислете ако Али Ахмети, што е толку недефиниран што дури и Швајцарците не можат да откријат дали е параноиден шизофреник со тапија, или обичен измамник, му порача на Бранко преку Теута и Буџаку: “Или МНР, или ќе пукам од планината!” Лидерот на СДСМ веднаш на помош ги вика олеснувачите од меѓународната заедница. Тие сериозно си ја сфатиле задачата да формираат влада во Македонија и брзо-брзо одат да го смират Алија и да го убедат дека претерал.
    Кога Али ќе порача: “Или МНР, или ќе пукам”, преговорите за состав на нова влада се блокираат. Што ли ќе се блокира подоцна, кога Владата ќе профункционира и кога Али ќе порача: “Или премиер, или ќе пукам!” Претпоставувам, за почеток автопатот Тетово – Скопје.

    2. “Нашите напаѓаат… Шаќири во напад!”, викаше возбудено коментаторот на фудбалскиот натпревар Англија – Македонија и сите се радуваа.
    Кога пред една година, некој на вести на телевизија хистерично би викнал: “Шаќири во напад!”, веднаш ќе си помислев на оној пратеникот Хисни Шаќири, што со оружје пребегна во ОНА и го блокираше Липковското езеро.
    Значи, имаме лош и добар Шаќири. Тоа ти е рамковен договор на дело. Кога еден Шаќири го напаѓа Куманово, го мразиш. Кога друг Шаќири го напаѓа голот на англиската репрезентација, го сакаш, што дури и името му го скандираш на плоштад. Дури и Ален Лероа се појави на плоштадот да види како функционира рамковниот договор.
    Оној гол од корнер на добриот Шаќири бил стоти гол на македонската фудбалска репрезентација од нејзиното основање. Шаќири ја пишува македонската историја.

    3. Колку ли малку му треба на овој народ да се радува. Само си наоѓа причина да пука по улици. Колку ли било убаво кога оној нашиот од “Беласица – Герас Цунев”, ќе го издрибла нивниот од “Арсенал”. Или кога оној од “Напредок – Кичево”, ќе му ја земе топката на нивниот од “Манчестер Јунајтед”. А да не зборуваме за мајсториите на играчите на “Вардар” и “Цементарница 55”, наспроти врзаните нозе на звездите на “Лидс” и “Тотенхем”.
    А бе луѓе, свесни ли сте дека сега тренерот за натпреварот во Македонија ќе прави анализи како Бекам да го чува Васовски. А богами, по оној гол што го прими од корнер нивниот голман, ништо чудно и кралицата да ургира кај Тони Блер да му дадат државјанство на нашиот Милошевски. Оти, ако Јасна на Бранко, или Снешка на Љубчо потајно се вљубени во Бекам, мислам дека Чери на Тони дефинитивно се затрескала во Шаќири.

    4. Англиските медиуми неколку денови пред натпреварот се зафркавале правејќи анкети со нивните граѓани на прашањето: “Каде е Македонија?” Одговорите биле смешни.
    За разлика од нив, ние сме научиле географија во основно училиште. Така што знаеме да одговориме на прашањето: “Каде е Англија?” Таму некаде, накај Велс, под Шкотска, карши Америка.

    5. И Борис не сака да биде Англичанец. Тој се прави Французин. Претседалот ќе оди на самитот на франкофонските земји во Бејрут. Македонија е асоцијативна членка на франкофонијата.
    Пред да замине кај Французите, тој вчера примил делегација на Здружението на македонско-турско пријателство и како што објавија во некои медиуми изразил желба и тој да стане член.
    Како ли стига нашиот претседател. Боре ни е ем асоцијативен франкофон, ем турско другарче.

    6. Минатиот петок сателитите на големите светски сили забележале невообичаено движење на колони луѓе и возила на излезите од Македонија кон грчката граница. Тоа предизвикало зголемена состојба на претпазливост на нивниот одбранбен систем, оти миграцијата кон југ била во исто време кога насекаде низ државата се гледале огнови и густ чад. Посебна вознемиреност предизвикало тоа што во колоните биле забележани познати фаци на идни министри во Владата и нови парламентарци.
    Зголемената состојба на готовност била вратена во нормала кога се открило дека чадот и огновите се од оние што останале дома да го доправат ајварот. На премините кај Богородица и Дојран имало многу народ затоа што ние како народ сме цврсто решени државните празници да ги прославуваме достоинствено по солунските продавници. А тоа што се чекало по 4-5 часа за влез во Грција е затоа што и нашите јужни соседи многу не почитуиваат. Штом кај нас има државен празник, кај нив не работат компјутерите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира