1 Претседателот Бранко Црвенковски имаше годишно обраќање пред пратениците. За разлика од лани, премиерот го слушаше.
Бранко ги нападна и власта и опозицијата дека не биле на висина на задачата и оти 2007 година била изгубена за ЕУ и НАТО.
Претседателот со говорот гледаше во иднината. Не сакаше да гледа во сите изгубени години во своите минати мандати од деведесеттите до денес. Него нема кој да го искара.
Ај што Бранко ги искара сите, тоа не е чудно. Чудно е што по годишниот говор на Претседателот, никој не му одговори. Што значи тоа? Дали навистина има кохабитација меѓу Претседателот и Владата? Или веќе никому му е гајле што зборува Бранко.
2 Бранко никој не го слуша, ама Велија Рамковски има кој да го праша. Бидејќи си има телевизија, си даде интервју. И тоа многу убаво интервју. Многу убави прашања. И многу убави одговори, мора да се признае. Новинарката вкрстено му поставуваше прашања на својот газда, ама тој не се збуни. Некои беа толку остри што Велија рече дека не ги разбира.
Како, на пример, кога новинарката го праша дали должи некому.
Од Пензинскиот фонд велат дека само три од фирмите со кои е поврзан Велија должат придонеси за пензиско осигурување на вработените од околу 70 илјади евра. Поранешниот и сегашниот издавач на “Шпиц” должат данок на додадена вредност и персонален данок, велат во Управата за јавни приходи. Тој ни рече дека долговите ќе си ги плати кога тоа ќе го утврдат државните органи. Пензискиот фонд и Управата за јавни приходи изгледа не се државни органи. Или барем не доволно.
Значи, Велија ќе плати кога ќе му побара државата. Тие што си ги плаќаат давачките без посебна покана мора да се глупави. Ама, за разлика од него, тие не можат да се договорат со премиерот.
Рамковниот договор успешно се спроведува. Сега Владата се концентрира на остварување на Рамковскиот договор.
“Никојпат не сум дозволил власта да ми даде погодност. Секојпат сум бил напаѓан и никогаш ниеден денар, а сум можел, како не, ако ја ставев во улога телевизијата. Но никој пат не сум дозволил тие да ми платат, односно да ми ја купат мојата професионална независност”, искрено објасни Рамковски.
Тој рече дека повеќе нема да се занимава со политика оти “раководи со најмоќната телевизија” и има “силно влијание врз ‘Време’ и ‘Шпиц'”. Но и Владата му ги исполнила очекувањата и програмата од неговата партија.
Како во политиката така и во бизнисот. Ќе отвориш фирма. Па кога ќе дојде време за плаќање, ја затвораш фирмата. И отвораш нова.
Исто е и со политиката. Формираш партија. И кога Владата ќе ти ја оствари програмата, ја ликвидираш партијата. Затвори партија отвори фондација.
Па после учениците од Македонија ќе пишуваат поетски творби, како оваа на една ученичка од Радовиш, емитувана на А1 пред околу еден месец: “Ќе го пишувам името Велија по сите бели листови, Со карванот на Мисирков, Велија од гревовите нѐ ослободуваш и долговите…”.
Затоа, просто ми е жал кога слушнав дека Велија нема да се кандидира ни за претседател, ни за градоначалник, а ни за пратеник. Кога за хуманизам и ренесанса вакви песни му пишуваат, којзнае што би му пишувале ако стане претседател.
3 Грција е најсреќна земја во светот. Немаат никаков друг проблем, освен името Македонија. Што ли би правела министерката за надворешни работи Дора Бакојани ако не зборува за нашето име?
Јас мислев дека Грција е сериозна држава. Членка на ЕУ и на НАТО. Лидер на Балканот. А тие едно две Македонија, па Македонија. Предлагам многу конструктивен компромис. Бидејќи нивната северна провинција од пред дваесетина години се вика Македонија, а тие сакаат ние да се разликуваме од таа Македонија, ќе им предложиме име Северна Грција. Или, уште попрецизно, Република Северна Грција, за да нема никакви дилеми ако решат нивната Македонија да ја викаат повторно Северна Грција. Или, ако сакаат најпрецизно Република Северна Грција Скопје. А нас наместо Славомакедонци, ќе нѐ викаат Северни Славохелени.
И ај да звршиме веќе со приказните за вето.
4 Следниот пат кога учителите ќе решат да штрајкуваат, ги замолувам да ги известат родителите барем еден ден однапред. Заради ментална хигиена на децата. Да не мораат да гледаат вести за да дознаат дали утре да ги носиме во школа, или не.
5 Европската унија ѝ вети на Србија забрзано придружување ако се согласи на независност на Косово.
Нели нам цело време ни викаат дека за влез во ЕУ треба да се исполнат некакви критериуми. Е не било така. Доволно е да се откажеш од територија.
Баш ме интересира како Кипар ќе ја следи заедничката надворешна политика на ЕУ, ако реши да го признае Косово. Оти, на северен Кипар има помалку Грци отколку Срби на Косово.