1. Црна се точка зададе, там долу Македонија. На белиот хоризонт над прилепските тутунски полиња се појави авион. Херкулес над градот-херој. Како дел од здружената американско-македонска тактичка вежба “Зима 96”. Рампо и Рамбо во заедничка акција.
Среќа што токму тој ден огреа сонце. Претходниот ден низ цела држава вееше снег. Беше доведено во прашање завршувањето на десетдневната вежба. Некои од активностите беа одложени поради лошо време. Организаторите беа малерозни. Среде зима им заврна снег. Па вежбата во зимски услови не можеше да се одржи. Снимањето беше одложено.
Десантот на тутунските полиња е континуитет на заедничката воена програма на Македонија и САД. Сега, кога веќе станавме светска велесила, мораме да одржуваме кондиција. Во Прилеп Рампо и Рамбо скокаа со падобранци од американски “Херкулес”. Неколку месеци пред тоа, со половните источни хеликоптери, вршеа десант на Куманово, во ненормални зимски услови.
Кој вели дека историјата не се повторува. Прилеп и Куманово сé уште се караат каде пукнала првата партизанска пушка во 1941 година. Сега ќе ја актуализираат расправата кој град е позаслучен за развојот на Македонија како светска велесила. Како и да е, веќе се беспредметни разговорите како да станеме членка на НАТО. Влезот во НАТО води преку Прилеп и Куманово.
2. За тоа време, таму некаде во Кинеското Море, во близина на Тајван, и Кинезите вежбаат исфрлање ракети. И нив им се погоди времето. Сигурно вежбата ќе им биде успешна, како нашата.
Колку за предупредување, Американците во тајванскиот теснец испратија два носача на авиони. Штета што досега не нé обучија за борбени активности на вода. Ќе можевме и ние да се вклучиме во кинеско-тајванскиот спор. Да учествуваме во одбраната на Тајван од Кина. Ние сме едно со Американците. Интересите на Америка се и наши интереси. Како сега неподготвени ќе се вклучиме во тајванската криза? Македонските национални интереси се бранат во тајванскиот теснец. Да се надеваме дека Кина овој пат ќе остане само на вежбање. Да ни даде време да се обучиме да ѝ бидеме достоен противник.
На лето се планира уште една здружена американско-македонска тактичка вежба “Лето 96”. Ќе се тренира истоварување на загадените охридски плажи и освојување на изворите на зараза. Воздушна поддршка на амфибиските единици ќе им се дава од носачот на авиони “Билјана” кој ќе патролира во водите на Охридското Езеро, некаде на потегот Струга – Свети Наум. Кога ќе се изнавежбаме, ќе бидеме подготвени носачот на авиони да го испратиме во тајванскиот теснец. “Билјана” ќе му се придружи на “Нимиц”.
Патем, како се викаат оние острови во Егејското Море околу кои се караат Грција и Турција, а Американците стално ги раздвојуваат? Да не треба да помогнеме нешто, вака како сериозни НАТО партнери?
3. Американците дојдоа да ни го средат и воздушниот простор. Белким ќе направат нешто да профункционира сложената телефонска централа што ја купија за контролата на летањето.
Се сеќавам кога се купуваше централата, што чинеше, мислам околу половина милион долари, беше речено дека такво нешто нема никаде во Европа. Тоа било чудо невидено што функционирало по американските аеродроми.
Дури после стана јасно зошто таква централа нема ни на еден европски аеродром. Затоа што не била по европски стандард. Е сега, ако се успее некако македонскиот воздушен простор да се пресели некаде над Америка, можеби и нашата контрола на небото ќе профункционира со американската централа. Ако не, отишле парите – во воздух. И тоа – без контрола.
4. Веќе неколку месеци и македонската пошта без контрола ги испраќа сметките на своите телефонски претплатници. Веќе неколку месеци никој не се загрижува за огромниот број жалби на високите сметки, никој не реагира на смешните објаснувања на поштата, никој не ги зема во одбрана обичните претплатници кои, и покрај тоа што поштата нема никаков доказ за големите сметки, се немоќни.
Поштата ја прекина директната врска со Холандските Антили. Затоа што, според нивното објаснување, најголем број импулси оделе на тамошната сметка на еротските приказни по телефон. Уште сега да ни дадат објаснување, како тоа одеднаш на многумина им удриле хормоните во глава, па немаат друго чаре и “вртат” во Холандски Антили. Едно нешто не ми е јасно. Како одеднаш излегоа толку многу сексуално загрозени, кога поштата постојано нé “дупи”.
5. Собранието профункционира онака како што се предвидуваше по распадот на “Сојузот за Македонија”. Први тоа го почувствуваа кандидатите за судии на апелационите судови. Судиите видоа како суди СДСМ.
Којзнае, во парламентарна демократија веројатно и тоа е во ред. Биваат избрани тие што ги бира мнозинството. Кога станува збор за судиите, зависните ги избираат независните.