РЕАЛНО ШОУ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:181:"Македонијаевоеуфоријаишок.Николаречевака,Бранкомуречеонака,иАхметинатоадодадетака...

    1 Пред да тргне да го спасува Охрид од поплава, премиерот на Бугарија Бојко Борисов ќе се занимава и со македонското судство. Поради пресудата со која на Спаска Митрова не и дозволија старателство на детето, Бугарија ќе ја преиспитува подготвеноста на Македонија за ЕУ според Копенхашките критериуми.
    За волја на вистината ние самите знаеме дека судовите не ни се баш за фалење. Ама дека баш за судско рочиште за бракоразводна парница Македонија не заслужила да почне преговори со ЕУ, тогаш нешто ми е сомнителна и таа Европска унија.
    Оти, ако Македонија за одлука на првостепен суд не чини за ЕУ, тогаш не знам како може да чини Бугарија која не почитува одлука на судот за човекови права во Стразбур и не ја регистрира ОМО Илинден.
    Ама знаете како викаат нашите принципиелни пријатели од ЕУ. Бугарија, како впрочем и Грција е внатре, а ние не сме.

    2 Ако трудовата инспекција фати макар и само еден непријавен работник во некоја компанија, тогаш казната за фирмата лице е 15.000 евра, а казната за директорот е 7.000 евра. Поради вакви казни повеќе фирми мораа да затворат.
    Во Македонија има 274 воспитувачки во 50 градинки. Трудовата инспекција треба да казни 50 градинки и 50 директори. Или да собере глоба од вкупно милион и педест илјади евра. А пари за вработувања на воспитувачките нема, оти не ги вработува Министерството за труд и социјала. А министерството за труд и социјала чека одобрение за вработувања од Министерството за финансии.
    Тоа значи дека државата треба сама да се казни. Да си прелеат милион и сто илјади евра од државниот буџет во државниот буџет.

    3 Исто е и со придонесите за здравство. Ем мораш да плаќаш здравствено осигурување. Ем, ако не платиш на време те казнуваат. Ем тоа што си платил не ти вреди, оти ако не дај боже ти треба лекување пак мора да платиш.
    Ова со лековите на рецепт и со барањето потписи од тројца специјалисти и мислења од лекарски конзилиум го комплицира лекувањето на државна сметка до толку што тие што евентуално имаат да платат за лек, воопшто и нема да размислуваат да трчаат по рецепт. Ќе си речат “дај да си го купам лекот, да си гледам здравје, а за друго и не мора да остане”. Државните болници толку ќе ги уништат, така што кој ќе може ќе си бара чаре во приватна. И отишле и парите и здравјето.
    Но, што правиме со тие речиси 400 илјади што статистички се водат како невработени. На кои и душата да им ја земеш, немаат пари за лек..А за приватна болница не ни помислуваат.
    Кој е тој што потпишал тие да одат курбан?

    4 Градоначалникот на општина Шутка Елвис Бајрам ја разрешил директорката на основното училиште. Верјатно и завидувал. Оти има повеќе школо од него.
    Кога некој ќе успее да стане градоначалник само со основно школо, логично е да може и да ги разрешува директорите на школото. Кој за што си учел. А Елвис за толку школа има.
    Колку смешна држава сме ние. Градоначалник има завршено осмолетка. Кога Љубчо во деведесет и втората стана потпретседател на првиот претседател на државата Киро Глигоров, тоа му беше прво вработување, а второ му беше премиер на државата. Незавршени студенти се пратеници и претседатели на битни комисии во Собранието. Амабасадор се станува со работно искуство од три години…
    Како што би рекол претседателот Ѓорге Иванов “Кој го бива за се го бива”. Само од неговиот кабинет за неполна година двајца помлади соработници станаа амбасадори. Во ваква конкуренција излегува дека претседателот е преквалификуван за работното место. Можеби затоа и постојано останува несфатен.

    5 Политичкиот живот ни е едно големо реално шоу. Почнува секој ден околу 11 часот со прес конференции. Прво СДСМ ќе соопшти нешто. Па ВМРО-ДПМНЕ ќе реагира со соопштение на соопштението. После СДСМ ќе одржи прес конференција како одговор на соопштението на соопштението. Па ВМРО-ДПМНЕ ќе се појави со соопштение над сите соопштенија. И така до кај 5 попладне додека не затворат весниците и не почнат првите вести на телевизиите.
    И како во секое реално шоу, кај 11 навечер во последните вести гледаме резиме на денот. А во паузите одат репортажи од акциите на невладини организации, жртви на власта на ВМРО и жртви на транзицијата на СДСМ, крави и телиња…
    А ние новинарите им наседнуваме како магариња. Па ги ставаме на предните страници и во првите вести. Наместо да ги ставиме во рубрика за хумор. Никола рече вака, Бранко му рече онака, и Ахмети на тоа додаде така… Па на луѓето да им понудиме сочни вицови.

    6 Малку се збунив кога пред некој ден на ТВ Сител во неколку минути драстично ми го сменија расположението.
    Прво ми рекоа: “Македонија е во еуфорија”. Затоа што сме ја победиле Грција во ватерполо.
    Веднаш потоа ми соопштија дека “Македонија е во шок”. Зошто? Затоа што некој млад љубоморен манекен убил српска пејачка што за два дена требало да пее во Скопје.
    Не знаев како да си го прилагодам расположението. Да бидам еуфоричен, или шокиран. Потоа седнав и рационално заклучив. Историјата се повторува. Постојано за Македонија шокот доаѓа од Србија, а еуфоријата од Грција. А заканите од Бугарија.

    7 Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски во Приштина рече дека Македонија ќе му помага на Косово да се ослободи од визите. Како? На Косовците ќе им дадеме македонски биометриски пасоши.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира