1. Дилемата дали 200 марки плата е повеќе од 100 марки ја разреши премиерот Бранко Црвенковски при последното појавување на Македонската телевизија. Особено што својата констатација, дека сега имаме поголеми плати отколку во времето кога тој го направи владиниот кабинет, ја повторува при секое појавување во јавноста. Откако ја одбрани довербата на пратениците, при што најави дека би сакал на избори да излезе малку порано, да ја зезне зимата, сериозно почна да нé убедува дека сега многу поубаво живееме. Останува дилемата дали 200 марки се повеќе од триста марки.
Одговорот доаѓа во примерот на релативноста на луксузот. Кога имавме сто марки плата, му се настрвивме на тогашниот премиер д-р Никола Кљусев, кој во истата емисија “Директно со Владата” ни порачуваше дека машините за перење се луксуз и би требало во секоја зграда да има по една перална.
Сега, со двесте марки плата, премиерот Црвенковски ни порача дека луксуз се автомобилите, па затоа и се зголемени давачките за нивно купување. Што покажува дека нешто се помрднало на добро. Кљусев не ни оставаше простор за избор – или ќе переме во јавни перални, или во река. Разликата е во тоа што сега Црвенковски ни дава широк избор. Можеме да одиме пешки, да возиме велосипеди и мопеди, да си ги поправиме крнтиите што одамна станаа полнолетни, да се возиме во прастарите автобуси… Било како, само да има што повеќе шанси некој да “нé вози”.
2. Чудо, како по поскапувањето на низа производи за широка потрошувачка јавноста не се потресе за ништо друго, туку баш за автомобилите. Што значи дека народот не сака друг да го вози.
Премиерот објаснува дека како влада би излегле несериозни пред Меѓународниот монетарен фонд, ако од една страна ја драматизираат ситуацијата (блокади, невработени, пад на производството, затворени гиганти…), а од друга страна стимулираат увоз на луксузни производи, како што се автомобилите. И – уште ни дообјаснува дека мал процент од населението може да си дозволи таков луксуз.
Останатиот голем процент, што не може да си дозволи луксуз на прагот на 21 век да вози автомобил, плаќа даноци за да може да се пополни буџетот од каде што ќе се купат нови возила за Владата. На пример, за четириесетте “фолксвагени-венто” на македонската полиција и за уште 100 други, за кои министерот Фрчковски веќе се пофали дека ќе ги набави. И за другите “мерцедеси” и “БМВ-а”, што не знаеме чии се, бидејќи другите министри не се фалбаџиски настроени.
Што има народот да се мачи да купува автомобили? Статистички, Владата ќе го зголеми бројот на автомобили во државата.
Беа добредојдени минатата недела, кога го пречекувавме Вилијам Пери. Во чест на американскиот министер за одбрана, на скопскиот аеродром беше построена цела ергела нови возила. Им се покажувавме на Американците.
Сигурно премиерот Црвенковски не бил прашан за тоа кои возила да му се покажат на Пери. Инаку би организирал конвој од “трабанти” и понекој “вартбург”. Ако не смеат експертите од ММФ да видат дека возиме скапи и нови автомобили, тогаш зошто би смееле Американците. Како ќе ни дадат пари? И после ќе им се лутиме кога за нивната забава ќе бараат спонзори меѓу нашите фирми!
3. Онаа најава на Фрчковски дека ќе набавува уште автомобили почна сериозно да се чувствува. Полицајците излегоа на терен како да се инкасатори. Најревносни се во ноќите преку викендот. Секој петок и сабота навечер, цели групи полицајци со сите расположливи “пајаци” од Скопје крстосуваат по клучните места за забава низ градот и ревносно прават ред во сообраќајот. Младите во Скопје веќе измислија виц: “Внимавај каде паркираш, да не влезеш во пајаковата мрежа на Фрчко!”
Дента кога Владата ја бранеше својата доверба, неколку пати за збор се јавуваше токму министерот на полицијата. Тогаш тој меѓу другото рече дека граѓаните на Република Македонија се чувствуваат сигурно. Секогаш и на секое место.
На скопскиот булевар Св. Климент Охридски, инаку во последно време место што поради бројните кафулиња стана центар за забава, се паркира една од старите “марици” и едно возило на МВР. Полицајците влегоа во кафеаната. Дискретно, колку што може да биде кога среде младите ќе се појават дури осуммина униформирани лица. По извесно време згасна музиката. Двајца полицајци го зедоа меѓу себе диск-џокејот, а овој во рацете си го понесе радио-засилувачот. Потоа, дискретно, осуммината си заминаа со комбето и со полициското возило и со засилувачот. Нема гласна музика, сигурноста на граѓаните е на ниво. Останав зачуден како за толку тежок деликт на загрозување на сигурноста не испратија и хеликоптер? Тој ќе кружеше со запалени рефлектори над кафулето, додека полицијата ја изведуваше акцијата.
4. Старите социјалистички мезимчиња – млекарниците од државава, решија повторно да нé вратат во социјализмот. Прво бараа слободна цена. Кога тоа го добија, сега бараат никој друг да не продава млеко освен тие.
Новинарите дознаа дека при последната распределба на контингентите, Владата не предвидела во следните три месеци увоз на млеко. Ќе нé убедат дека нашето млеко е поубаво од странското во тетрапак. Особено кога странското го нема. Сега ќе треба да се запленат сите засилувачи во скопските кафулиња. Народот треба да спие. Како инаку ќе станува рано во пет часот. Ќе се реди во редиците за млеко на социјалистичките млекари.