1. Во животот сé е релативно. Денес ќе те возбуди веста дека конечно, по четири години, Македонија е на пат како-така да ги нормализира односите со Грција, а веќе утре ќе те потресе сознанието дека моќната државна фудбалска репрезентација на Македонија среде Скопје го загуби натпреварот против слабата репрезентација на Ерменија. Па така, со релативистички пристап кон овие два настана што ја растресоа Македонија изминатава недела, се доаѓа до заклучок дека и одговорот на прашањето: Што е поголема срамота – да изгубиш од Ерменија или да го менуваш знамето, е сосема – релативен.
Што се однесува до државните органи, немам чувство дека тие којзнае колку се потресоа поради историската меѓудржавна согласност што министрите Црвенковски и Папуљас треба да ја потпишат во Њујорк. Пратениците во Собранието во вторникот внимателно ја ислушаа информацијата на министерот Стево Црвенковски и со тоа ја затворија оваа тема. Ниту еден не побара дополнителни објаснувања, никој ништо не праша, никој не се ни обиде да земе збор, иако тоа не ни беше предвидено… Небаре, ова што сега ќе се случи со Грција е сосема нормална, вообичаена работа. Ако, по некоја случајност, два дена подоцна, на истите тие пратеници им се обратеше министерката за образование и физичка култура госпоѓата Емилија Симовска со информација за состојбите во македонскиот фудбал, сигурен сум дека ќе предизвикаше повеќе реакции.
Во оваа земја има најмногу стручњаци и за фудбал и за политика, ама во оваа ситуација разумот налага да се биде погласен кога станува збор за фудбалот. Таму и да згрешиш, не е толку страшно. Во секој случај и оваа работа ќе мора да ја решиме со компромис. Ќе го смениме знамето, ама ќе мора да го смениме и селекторот Андон Дончевски.
2. Сигурно го знаете оној виц за партизаните и Германците што се тепале во шумата. Ќе нападнат едните, па ќе нападнат другите. И тоа трае четири години. Накрај ќе се појави шумарот. И ќе ги избрка и едните и другите да си одат дома.
Шумарот допатува со специјален авион од Атина во Скопје. По неколку часа прочита една изјава дека Македонија и Грција наскоро ќе се смират. Им рече на Папуљас и Црвенковски да ги пакуваат куферите за пат во Њујорк и замина.
Работава изгледа навистина била многу сериозна, штом Владата следниот ден реши да не ја одржи редовната прес-конференција. Министерот-портпарол Ѓунер Исмаил повеќе сака да зборува за несериозни теми, па можеше и посетата на Ричард Холбрук да ја релативизира. Минатата прес-конференција ни кажуваше за некаков заскитан рибар. Замислете, оваа недела да го елаборираше проблемот на заскитан шумар.
3. Промената на знамето не треба да биде никаков проблем. И тие што сега од тоа прават голема фама и што се прикажуваат како големи патриоти, нека си ја запеат, макар и во себе, македонската химна. “Денес над Македонија се раѓа ново сонце…” Во што е проблемот? Нема проблем! Само што знамето повторно би требало да претставува некакво сонце.
Според химната ние можеме да си ги менуваме знамињата постојано со нови сонца, речиси секој ден.
Бидејќи Грција, претпоставувам, не би била воодушевена на нашето ново сонце да види било какви краци, ќе треба да смислиме сонце без зраци. Значи – сонце со заби. Не верувам дека и тоа е прифатливо. Ако гризе, може да те разберат дека има територијални претензии. Такво сонце, во комбинација со сите четири тенка “Т-34” на гардиската единица на АРМ од кои пред една недела ни застана здивот гледајќи ги на телевизија на вежбата на Криволак, се постојана закана за нашите соседи. Затоа, најдобро е само да си нацртаме круг. Така, знамето ќе ни личи на јапонското.
Ова воопшто не е лоша идеја. Замислете, ова со Грција полека да си се среди. Што ќе правиме? Ќе умреме од здодевност. Замислете во што би ни се претворил животот, ако, не дај боже, почнеме да заличуваме на здодевна европска држава! Вака, прифаќајќи ново знаме, слично на јапонското, можеме животот да си го направиме поинтересен. Ќе влеземе во спор со Јапонија. Повторно секој ден ќе ни доаѓаат разни посредници и преговарачи. Па Јапонија ќе ни воведе трговско ембарго. Па ние ќе се жалиме до ОН. Па ние пак нема да прифаќаме преговори додека не се укине ембаргото. Па ќе ги чекаме резултатите од јапонските избори. Еј, супер, супер!
После ќе дојде шумарот и ќе ни рече да направиме друго знаме. “Денес над Македонија се раѓа ново сонце…” Ако не треба да има ни зраци, ниту пак да биде цело сонце, ќе направиме половина сонце. Ова ќе мине многу лесно во Парламентот. Полукругот ќе личи на кече. Тоа знаме ќе биде израз на историски договор врз основа на консензус на Албанците и останатите граѓани на Македонија. Јапонија со она нивно знаме е земја на изгрејсонцето. Ние со половина сонце ќе бидеме – земја на зајдисонцето. Тоа веќе не ми се допаѓа. Кога ќе зајде сонцето, настапува мрак. Наместо земја на зајдисонцето, ќе станеме земја на зајдување.
4. Бугарија веќе жали што со отворањето на грчко-македонската граница “ќе се релативизира нивната поддршка на Македонија”. Во изминатиов период повторно дојде до израз бугарската историска предодреденост за правење добри проценки. Особено со игрите за непризнавање на нацијата и на јазикот.
Кога еднаш нервозно реагирав кај бугарскиот граничен полицаец со зборовите: “Што е ова, три часа чекаме, а рампата никој не ја дига”, слатко ми се насмеа со зборовите: “Луѓето во камионите чекаат три дена, па никој не се буни”. На отворање пак на рампата кај Богородица чекаме повеќе од четири години.
Деве Баир или Богородица – сé е релативно! Три часа, три дена, или четири години… Како си, како живееш? Релативно добро, благодарам!